Свет
Фондацијата „Бил Гејтс“: Не е во ред ние да бидеме клучните финансиери на светското здравство

Фондацијата „Бил Гејтс“ беше критикувана дека е премногу моќна и влијателна во глобалното здравје, вклучително и Светската здравствена организација, без да преземе соодветна одговорност.
Во годишното писмо објавено денеска, извршниот директор Марк Сузман одговори на тие критики, истовремено најавувајќи дека Фондацијата ќе потроши 8,3 милијарди долари оваа година, што е најмногу досега.
„Не е во ред приватната филантропска организација да биде еден од најголемите финансиери на глобалните здравствени напори“, рече Сузман додавајќи дека државите треба да бидат лидери.
„Но, не правете грешка – каде што има решенија за спасување и подобрување на животите на луѓето, ние ќе бидеме таму. Нема да престанеме да го користиме нашето влијание и нашите пари за да најдеме решенија“, додаде тој.
Сузман рече дека целта на Фондацијата не е да им каже на СЗО и на другите здравствени организации што да прават, туку да им понуди разни опции и податоци за да може да донесат клучни одлуки.
Бил и Мелинда Гејтс, технолошкиот милијардер што ја основа Фондацијата, ја бранеше Фондацијата од обвинувањата дека нејзината огромна сума пари ѝ дава несоодветно влијание врз светскиот развој.
Со инвестиции насочени кон искоренување болести, како маларија и полио, Фондацијата е вториот најголем донатор на СЗО. Ова е едно од прашањата што критичарите редовно го истакнуваат, особено за време на пандемијата на Ковид-19.
„Би сакал да видам уште многу влади да нè надминат на таа листа бидејќи тоа би значело повеќе спасени животи“, напиша Сузман.
СЗО минатата година се согласи дека земјите членки ќе ги зголемат своите плаќања за да ја намалат улогата на приватните донатори и да ѝ овозможат на организацијата да ги троши парите пофлексибилно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Фајненшл тајмс“: Зеленски можно е оваа недела да го посети Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп може да го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски оваа недела, објави новинарот на „Фајненшл тајмс“, Кристофер Милер, повикувајќи се на три извори.
Според Милер, средбата би можела да се одржи во петок, на 17 октомври, но други детали засега не се познати.
Двајцата лидери последен пат се сретнаа во септември за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, а во последните денови имале два телефонски разговора, меѓу другото и за можната испорака на американски крстосувачки ракети „Томахок“ на Украина.
Паралелно, украинската делегација предводена од премиерката Јулија Свириденко започнува недела на преговори со американските претставници во Вашингтон.
Свет
Скандал во Индија: Талибански министер не ги повикал новинарките на прес-конференција

Талибанскиот министер за надворешни работи на Авганистан, Амир Кан Мутаки, предизвика бурни реакции во Индија откако на својата прва прес-конференција во Делхи не ги повикал жените новинарки.
Настанот, на кој присуствувале околу 16 новинари, но ниту една жена, предизвика остри реакции од индиските медиумски организации и опозициски политичари. Тие го оценија инцидентот како „отворена родова дискриминација“.
Под притисок на јавноста, Мутаки следниот ден одржа нова, „инклузивна“ прес-конференција, каде изјави дека исклучувањето на жените било „техничка грешка“.
„Настанот беше организиран во краток рок и поканите беа испратени на ограничен список новинари, без никаква друга намера“, рече тој.
Мутаки моментално престојува во Индија на разговори со претставници од Русија и индиската влада, со цел јакнење на дипломатските врски.
Иако се обиде да ги оправда ограничувањата на жените во Авганистан, индиските новинари остро го прашаа зошто девојчињата таму веќе четири години немаат пристап до образование.
Свет
Лавров ги демантира гласините за труење на Башар ал-Асад

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, ги отфрли наводите дека Москва наводно се обидела да го отруе поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, кој доби политички азил во Русија.
Како што објави руското издание Info24, Лавров на средба со претставници на арапските медиуми изјавил дека поранешниот сириски лидер и неговото семејство се наоѓаат во Москва „исклучиво од хуманитарни причини“.
„Тие беа изложени на закани со физичко насилство, па руските власти им овозможија азил. Асад нема никакви здравствени проблеми во нашата престолнина. Труење не се случило, а сите што ги шират тие гласини – нека останат со својата совест,“ изјавил Лавров.
Башар ал-Асад беше претседател на Сирија од 2000 година, а земјата ја напушти откако минатиот декември сириските бунтовнички сили влегоа во главниот град Дамаск.