Македонија
Нема да има лидерска средба за уставните измени

Нема да има лидерска средба за уставните измени, а Бугарија нема истакнато ново барање во текот на скринингот со кое ќе го блокира процесот за пристапување на Македонија кон Европската Унија. Ова на прес-конференција го истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ. Според двајцата, процесот за уставни измени е почнат.
„Во моментот не е предвидена лидерска средба. Ако има потреба, ќе биде закажана“, рече Ковачевски.
Се прават консултации, ќе има дијалог и во јавноста за уставните измени. Според Маричиќ, најважно е процесот успешно да почне и заврши.
„Прашањето за уставните измени е отворено. Правиме консултации на експертско ниво за кои сум сигурен, а имавме и лидерска средба во Собранието, што го иницира тој дијалог. Она што можеме да го кажеме е дека уставните измени во наредните неколку недели и месеци ќе бидат актуализирани и на дебати со граѓански организации и експерти како во однос на нивната содржина така и во однос на политичкото значење. Политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на дел од преамбулата и еден амандман за комитетот за односи меѓу заедниците. Овие уставни амандмани имаат значење на зелено светло од нашето Собрание за продолжување на преговорите со ЕУ. Верувам дека таа дебата, која ќе се одвива со јавноста за важноста, ќе бидат вовед во институционалната дискусија и продолжувањето на процедурата во Собранието. Треба да се подготвени и секој да даде свој придонес за да почне и успешно да заврши“, додаде тој посочувајќи: „Во текот на скринингот Бугарија нема истакнато никакво прашање, а ние во текот на креирањето на акцискиот план за малцинства ќе мора да го консултираме со државите членки“.
За скринингот во делот на правосудството се очекува позитивен извештај, но со серија задачи.
„Големи се прашањата за реформи во правосудството. Јас очекувам кога ќе го добиеме извештајот, да биде позитивен, но со серија задачи што треба да ги вметнеме во патоказите што ги спомнав“, додаде Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потребно ли е Ромите да се иселат од Вардариште? – Шукова и Ангелов со спротивставени мислења

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, денеска реагираше на изјавата на директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, според кого ромските семејства кои живеат во дивата населба во Вардариште треба да бидат дислоцирани, ако е потребно и силум.
„Изјавата на Ангелов е тешка и опасна навреда што го открива вистинското лице на оваа власт“, изјави Шукова.
Ангелов пак возврати дека неговиот став не е навреда, туку грижа за здравјето на граѓаните на Скопје. Тој обвини дека со останувањето на ромските семејства во Вардариште се продолжува со палењето кабли и друг токсичен отпад, што редовно предизвикува пожари и дополнително го загадува воздухот во главниот град.
„Не се согласувам ‘преживувањето’ на неколку десетина семејства да биде ставено пред животот и здравјето на стотици илјади скопјани кои секојдневно вдишуваат отрови. За мене, животот, здравјето и безбедноста на граѓаните се на прво место“, изјави Ангелов.
Тој потсети и дека граѓански здруженија кои со години алармираат за загадувањето од дивата депонија Вардариште често се соочувале со вербални и физички напади од лица кои живеат во населбата.
Дебатата за тоа дали Ромите треба да се иселат од Вардариште или институциите да најдат друго системско решение останува отворена, но ставовите на Шукова и Ангелов јасно ја покажуваат длабоката поделба околу овој чувствителен проблем.
Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.