Македонија
Алијанса за Албанците преку комисија ќе одлучува за можното проширување на парламентарното мнозинство
Алијанса за Албанците денеска го одржа првиот состанок на Централното собрание по вонредниот Конгрес на 24 декември, на кој се расправаше за политичката состојба во државата и беа комплетирани повеќето централни структури на партијата за следните 4 години, информираат од партијата.
Додаваат дека на предлог на претседателот Арбен Таравари, Зијадин Села едногласно е избран за претседател на Собранието на партијата.
„Со апсолутно мнозинство членовите на собранието го избраа Кренар Лога за генерален секретар, а Исен Шабани за организациски секретар.
На денешното собрание беа избрани и тројца потпретседатели на партијата, односно пратениците Илире Даути и Елми Азири, како и општинската советничка на Скопје, Бујаре Абази. Потпретседателско место за Тетово остана празно до внатрешните избори во огранокот.
Со предлог на претседателот, Арбен Таравари и во консултација со ограноците, Собранието одобри 29 членови на Претседателството на партијата: Кренар Лога, Исен Шабани, Бујаре Абази, Илире Даути, Елми Азири, Бедри Ајдари, Беким Поцеста, Сузана Пачуку, Абдула Салиу, Елфете Исмаили, Ферди Шабани, Ријад Шаќири, Сурија Рашити, Премтиме Зулали, Наиме Ислами, Халил Снопче, Бесим Мемеди, Афердита Хамза Мислими, Аднан Незири, Вјолце Бериша, Агрон Рустеми, Мислим Зендели, Албон Џемаили, Садик Сулејмани, Артина Ќазими, Арѓенд Гура, Назим Таипи, Халит Ферати, Неџмедин Садику. Претседателството ќе се пополни со дополнителни членови на следната седница на Собранието“, велат од таму.
На Собранието, како што појаснуваат се водела долга и широка дискусија за политичката состојба во која се наоѓаат земјата и регионот и пристапот на Алијанса за Албанците во периодот што следува.
„Претседателот, Арбен Таравари, истакна дека државата, како никогаш досега, се наоѓа во пресвртен момент и дека активностите/дејностите и одлуките што се носат денеска ќе имаат последици со децении по ред. Членовите на Собранието се согласија дека земјава нема друга алтернатива освен уставните измени и дека секое друго решение е закана за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и во Европа. Додека Европа никогаш не била повознемирена од Втората светска војна, по руската агресија врз Украина и тензичната ситуација во регионот, Северна Македонија е безбедна и перспективна земја под капата на НАТО. Алијанса за Албанците е решена да ја закотви земјата дефинитивно со Западот. Сè друго не води кон непознато и спирала на бескрајна неизвесност.
Членовите на Собранието едногласно го овластија Претседателството на партијата да формира комисија којашто ќе разговара со претставниците на Владата за уставните измени, можното проширување на парламентарното мнозинство и отворањето на преговорите за членство во ЕУ“, се наведува во соопштението од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Од 27 тони запленета дрога, повеќе од две третини е на фирма на соработник на Зоран Заев
Над 2/3 од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДС, соработник на Зоран Заев, рече денес пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски на прес-конеренција во партискиот штаб.
„Фирмата ’ЦБД Медплант’ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.06.2025 година па се до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, рече пратеникот Птерушевски и пушти видео од денешното запленување на илегална материја дрога.
Објасни дека станува збор за фирма која добила одобрение од Владата на Зоран Заев и Венко Филипче, за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година.
„Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели, се добиваат исклучиво по блискоста со СДС, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, ’Еко Енерџи-Космос’ од Ново Село и ’Лајтинг Лукс’ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот“, рече Петрушевски.
Побара Јавното обвинителство да го истражи случајот и јавно праша зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај.
„Струмичкиот нарко картел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија. Но и на тој нарко картел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен нарко картел во струмичко.
Вистината излегува на виделина!“, вели пратеникот Петрушевски.
Македонија
Левица ќе иницира разрешување на Ристовска, имаат информации за понижување, викање и навреди во ДКСК
Наместо да ја насочи својата енергија кон расчистување на корупцијата, членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, очигледно одлучила сопствените нервози да ги истура врз вработените во институцијата која треба да биде бастион на интегритетот, велат од партијата Левица.
„До Левица пристигнуваат сериозни информации дека вработени во ДКСК се изложени на континуирано вербално понижување, навреди, викање и омаловажување, што создало атмосфера на страв и притисок. Според истите сознанија, ваквото однесување резултирало со иницирање и потпишување петиција од страна на вработените, со која се бара разрешување на Ристовска.
Јасно е дека антикорупционер кој врши притисок врз сопствените колеги не може да биде кредибилен борец против корупцијата. Институција задолжена да ја штити законитоста не смее да функционира како работна средина во која владеат навреди, психолошки притисок и злоупотреба на хиерархиската позиција.
Затоа, јавно ја повикуваме Цвета Ристовска да престане да ги истура своите фрустрации врз вработените, а надлежните институции, пред сè Државниот инспекторат за труд, итно да постапат и да извршат контрола за евентуално постоење мобинг и повреда на работничките права во Антикорупциската комисија.
Антикорупциската комисија не смее да биде место каде се кршат основните права на вработените, додека истовремено се глумат морални арбитри за целото општество. Ако ваквото однесување се толерира, тогаш станува јасно зошто оваа институција веќе служи за заташкување на корупцијата, а не за нејзино санкционирање“, соопштија од Левица.
Партијата, имајќи ги предвид сите досегашни информации, ќе иницира постапка за разрешување на антикорупционеркста Ристовска.
Македонија
Костадиновски во Египет: потпишан протокол за соработка меѓу судовите
Претседателот на Уставиот суд, д-р Дарко Костадиновски, и претседателот на Врховниот уставен суд на Арапската Република Египет, Булос Фатимп Искандар, потпишаа Протокол за соработка помеѓу двата суда.
„Обајцата изразија задоволство и уверување дека со овој документ се воспоставуваат нови перспективи за натамошно унапредување на соработката, размена на искуства и техники за унапредување и поефикасно работење. Разговорите се одвиваа во насока на билатерална размена на знаења и практики, се дискутираше и од аспект на проширување на соработката на меѓународен план, со цел информирање и градење на ставови во рамки на Светската конференција на уставни судови“, соопшти Уставниот суд.
Посетата на Египет е по повод учесто на претседателот Костадиновски на состанокот на највисоко ниво на африканските уставни судови, на кој присуствуваат и претседателот на Уставниот суд на Шпанија,Кандидо Конде-Пумпидо, кој ја претставува Светската конференција на уставни судови, Елена-Симина, Танасеску како претседавач на Асоцијацијата на уставни судови на Франкофонијата.
Костадиновски покрај тоа што го претставува Уставниот суд на Република Северна Македонија, е во својство и на претседавач и претставник на Балканскиот форум на уставни судови.
Претседателот Костадиновски денеска ќе одржи говор за „уставното судство во Република Северна Македонија, патот од строг формализам до жив конституционализам”.
На маргините на настанот, претседателот Костадиновски се сретна со претседателот на турскиот Уставен суд, Кадир Озкаја, претседателката на Уставниот суд на Алжир Лејла Аслои.
Костадиновски се сретна и со Јунг Јунгми, судијка на Уставниот суд на Кореја, на која беше истакнато задоволство од развивање на соработката и најавено присуство на претставници од Судот во Кореја на 4. Конгрес на Балканскиот форум на уставни судови кој ќе се одржи од 12-14 ноември во Охрид.

