Регион
Ескобар со предупредување до Црна Гора: Ако не ја решат кризата, ќе има последици
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, предупреди на „можни последици“ доколку Црна Гора не ја реши повеќемесечната длабока политичка и институционална криза.
„Црна Гора е во многу длабока криза. Блиску е до институционален колапс каков што речиси никогаш не сум видел во ниту една земја. Влада нема. Две влади паднаа и немаше напредок во формирањето на уште една. Немаат кворум внатре во Уставниот суд, кој би можел да потврди нови избори“, изјави Ескобар во интервју за Гласот на Америка.
„Може да се случи да немаат претседател да им го довери мандатот, да немаат влада да оди напред и Уставниот суд да ги одобри сите одлуки и да ги потврди резултатите од изборите“, нагласи Ескобар.
Американскиот функционер повтори дека главна задача е веднаш да се пополнат испразнетите места во Уставниот суд, „а потоа да се оди на избори“.
„Треба да почнат од Уставниот суд. А освен тоа, веруваме, и анкетите покажуваат дека огромно мнозинство граѓани сакаат нови избори. И оттаму треба да почнат“, смета Ескобар.
Ескобар, повикувајќи се на мислењето на Венецијанската комисија, рече дека секоја идеја дека „Уставот се менува со просто мнозинство“ е многу опасна.
„Веќе кажавме дека не сме сигурни дека тоа би била уставно валидна влада. Не сме сигурни дека би можеле да се потпреме на одлуките на таква влада. Ги охрабривме да не го прават тоа“, заклучи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos
Регион
Во Хрватска во тек е јавна дебата за изградбата на првата нуклеарна централа
Во Хрватска предлог-законот за примена на нуклеарна енергија за цивилни цели, изготвен од работна група, составена од голем број експерти од областа, е пуштен на јавна дебата, што всушност е првиот сериозен правен чекор во долгорочниот и скап процес на изградба на првата нуклеарна централа на хрватска територија.
Во последните месеци, министерот за економија, Анте Шушњар, често се појавуваше во јавноста со идејата дека Хрватска треба да изгради сопствена нуклеарна централа, што во овие нови геополитички околности и трендови на напуштање на фосилните горива, како и во времето на револуцијата на вештачката интелигенција и потребата од огромни количини електрична енергија, би донело стабилност во електроенергетскиот систем на земјата и би влијаело на намалувањето на емисиите на штетни гасови, пренесува „Танјуг“.
Од нацрт-верзијата на предложениот закон е јасно дека Хрватска во иднина во голема мера ќе се потпира на нуклеарна енергија. Планот е една третина од електричната енергија до 2040 година да доаѓа од нуклеарни извори.

