Македонија
Работна средба на Муцунски со делегација од општината Исла во Малта

Градоначалникот Тимчо Муцунски оствари работна средба со делегација од општината Исла, Малта предводена од Градоначалникот на оваа општина, Кливе Пулис.
„Ми беше чест да бидам домаќин на еден работен состанок за кој цврсто верувам дека е само почеток на меѓусебно пријателство и партнерски односи кои ќе резултираат со успешна реализација на заеднички проекти и активности меѓу двете општини“, истакна Муцунски во неговата фејсбук објава.
Меѓуопштинската соработка во меѓународни рамки е одлична можност за размена на искуства, пракса и мислења, но и за промоција на проектите и активностите на општина Аеродром во странство.
Тој додаде дека на средбата се разговарало за можностите и потенцијалот за меѓусебна соработка, особено во делот на образованието и културата, каде со средства од Европската Унија постои потенцијал да се реализираат проекти кои ќе бидат важни за Општина Аеродром, а посебно за учениците од основните училишта.
„Малта е земја во која живеат голем број Македонци и заеднички се согласивме дека е неопходно интензивно да работиме на прадлабочување на меѓусебната соработка во различни области“, заклучи Муцунски во неговата објава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.