Култура
Издавање на графичкиот роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“
Во рамкитр на едицијата „Апслоутни почетници“ издаден е седмиот графички роман „Стармен – Годините на Дејвид Боуви како Зиги Стардаст“, од германскиот автор и цртач Рајнхард Клајст.
Зиги Стардаст е измислен лик создаден од англискиот музичар Дејвид Боуви (името Зиги е земено од кројачки дуќан, кој Боуви го има забележано додека патувал со воз). Тој е рокенрол-вонземјанин испратен на Земјата да ја пренесе пораката на надеж во последните пет години од нејзиното постоење…
1972 година го означува раѓањето на овој рокенрол-месија, чии провокативни настапи му го донесоа на Дејвид Боуви статусот на водечка светска музичка ѕвезда. Зиги Стардаст беше нов концепт, кој визионерски ја одреди иднината на поп-рок музиката.
Графичкиот роман „Стармен“ раскажува за подемот и падот на, веројатно, најпознатото алтер его во музичката историја. Во него авторот Рајнхард Клајст ги испреплетува судбините на ексцентричниот фиктивен лик и Дејвид Боуви од раните неуспешни денови на лондонската музичка сцена до борбата со својата креација на врвот од славата.
Рајнхард Клајст е реномиран германски стрип-автор. Преведуван е на повеќе јазици, а неговите дела освоиле некои од најпрестижните награди. Графичкиот роман Cash I see a darkness (биографија на уште една музичка икона, Џони Кеш), на пример, е номиниран за двете најпрестижни американски стрип-награди „Ајзнер“ и „Харви“. Истото дело, како и графичкиот роман „Боксерот“, беа прогласени за најдобар стрип на германски јазик во годините на нивното објавување. За „Боксерот“, Клајст, како прв домашен стрип-автор, ја доби Германската награда за литература за млади. „Бункер“ исто така го има објавено и неговиот графички роман „Олимписки сон – Приказната на Самија Јусуф Омар„, кој ја освои наградата за мир „Густав-Хајнеман“.
.
Рајнхард Клајст работеше повеќе години на своето најново остварување – графичкиот роман „Стармен“, кој претставува круна на неговата досегашна кариера. Долгоочекуваната светска премиера на германски јазик беше на 30 ноември 2021 година, а „Бункер“ меѓу првите во светот ги откупи правата и го објави ова извонредно дело.
Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од германски јазик е на Симона Мирчевска, а предговорот го напиша Игор Анѓелков. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, „Тотем д.с.“, издавачот „Бункер“, повеќе од 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски
На 58-годишна возраст денеска во Скопје почина поетот и преведувач Тихомир Јанчовски.
Веста за неговото прерано заминување ја соопшти Друштво на писателите на Македонија, изразувајќи длабоко жалење за загубата на еден од најзначајните современи македонски автори и педагози.
Од Друштвото информираат дека за точниот датум и час за испраќање последен поздрав ќе следи дополнително известување.
Јанчовски беше поет, писател, преведувач, професор, музичар, издавач, автор на над триесет книги, пред сè поезија, преводи и (поетски) романи, како и една книга историја („Историја на православното монаштво на територијата на денешна Република Македонија“, Сигмапрес, Скопје, 2010).
Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и италијански јазик. Тихомир Јанчовски, со својата автентичност и креативност останува еден од најомилените наставници на повеќе генерации средношколци во гимназијата „Орце Николов“, во меѓународното училиште „Нова“ и во Американската гимназија во Скопје.
Култура
Локомотива на Canal 2026 во Витри-сир-Сен (Париз)
Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата (Северна Македонија) ќе учествува на Canal 2026, дводневна професионална платформа иницирана од CN D – Centre national de la danse.
Настанот обединува 10 француски танцови институции и 6 институции од Балканот (Грција, Словенија, Бугарија, Северна Македонија) и го претставува работењето на 32 уметнички тима преку извадоци/перформанси, разговори, работилници, дебати, проекции и презентации на проекти.
Canal 2026 се одвива во Витри-сир-Сен на три локации—La briqueterie CDCN, MAC VAL – Musée d’art contemporain du Val-de-Marne и Théâtre Jean Vilar, како и на cnd.fr, со онлајн издание што започнува од март 2026.
Локомотива ќе биде претставена од Биљана Тануровска-Ќулавковски, која ќе ја презентира работата на Локомотива и ќе ги претстави кореографките/танчерки од Северна Македонија поврзани со организацијата: Тереза Лазарев и Викторија Илиоска. Дополнително, Биљана Тануровска-Ќулавковски ќе учествува и на дискусија, во петок, 30 јануари (11:00–12:30, во MAC VAL) на тема: „Кои се специфичностите на кореографскиот екосистем на Балканот…?“
Уметнички презентации од Северна Македонија
Викторија Илиоска ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Hope for the Best – Prepare for the Worst, перформативен тренинг што го третира телото како ресурс, а театарскиот диспозитив како заедничка инфраструктура. Развиена во услови на кратења во културата и екстрактивни економии, работата ја поставува публиката како активен материјал на ситуацијата, а не како набљудувач—каде вниманието, физичкото присуство и издржливоста циркулираат како заеднички ресурси. Делото прашува: За што треба да се тренираме како колективно тело за иднината што доаѓа?
Тереза Лазарев ќе ја претстави својата уметничка пракса, вклучувајќи ја досегашната работа како и Passionate Animal, кореографски истражувачки проект што ја истражува врската помеѓу колективната меморија и личната танцова меморија, и прашува како нестабилноста и колапсот го трансформираат телото. Како дел од истражувањето, таа ќе изведе краток танцов сегмент на музика од Александар Гроздановски.
Оваа активност е поддржана од проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој го имплементира Хартефакт Фонд, CN D (Centre national de la danse) и Театроскоп – програма иницирана од Францускиот институт, Министерството за култура и Министерството за Европа и надворешни работи.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.

