Македонија
Oсмани за нападот на Пендиков: Во приказната има две страни, но, за мене, важно е она што го кажа тој
Во интервјуто за бугарската БТВ, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, истакна дека истрагата ќе покаже дали Христијан Пендиков во Охрид бил нападнат поради тоа што се чувствувал како Бугарин, а полицијата ќе одговори на деталите за жалбата на Христијан во СВР Охрид поради наводни закани три дена пред да биде претепан.
„Се видов и со мајката на Христијан и ѝ посакав брзо закрепнување на синот, но исто така и жалење за инцидентот. Испратив порака дека тоа не може и не треба да се повторува. Му кажав дека едно од лицата е во притвор, а се работи на пронаоѓање на другите. Сигурно МВР ќе треба да ги даде деталите затоа што во моментот се одвива истрага. За мене, важно е што напаѓачите се идентификувани“, рече Османи.
На прашањето од новинарот зошто бил нападнат Пендиков и дали е претепан поради тоа што бил Бугарин, Османи потенцира дека има две страни во приказната, но, за него, важно е она што го вели жртвата.
„За мене, важно е она што го кажаа Христијан и мајка му, а тоа е дека причината за инцидентот било изразувањето од негова страна дека е етнички Бугарин. Иако напаѓачите велат обратно, дека имале некакви недоразбирања претходно, за мене, важно е она што го кажаа жртвата и нејзините родители. Истрагата сигурно ќе го покаже тоа“, истакна Османи.
Министерот е убеден дека мнозинството граѓани на двете земји сакаат пријателство, партнерство и меѓусебна соработка, но има мала група провокатори што постојано се обидуваат да испровоцираат инциденти. За провокација, Османи ги смета и имињата на бугарските културни центри.
„Очигледно е дека имињата, независно како историски и научно ќе ги толкуваме улогите на тие личности во историјата, чувството кај повеќето од граѓаните е дека тие имиња се провокација. Не треба да навлегуваме во историски дебати, туку треба да се разберат чувствата на Македонците. Ова го велам како човек што доаѓа од заедница што имала проблеми со обединувањето и интеграцијата во општеството. Лично имам дилеми со делови од Законот за регистрација на здруженијата, но одлуката на Собранието е таква што имињата на клубовите не треба да бидат поврзани со фашистичкиот период од Втората светска војна, кој ги навредува чувствата на граѓаните. И клубовите тоа треба да го направат. Планирам идната недела да ги поканам бугарските здруженија на еден состанок за да направиме план како граѓаните што се чувствуваат како Бугари да се интегрираат во општеството“, говореше Османи.
Новинарот го праша Османи како ќе се решат нападите кон Бугарите од страна на македонските институции, каков што бил нападот од Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата, мислејќи на ставовите на поранешната претседателка Весна Бендевска.
„Не знам дали сте биле во клубот во Битола. При влезот има еден голем постер, на кој има цитат од Иван Михајлов: ‘…таканаречениот македонски народ’. Ова ги навредува чувствата на македонскиот народ на истиот начин како што објавата на Бендевска на ‘Фејсбук’ ги навреди чувствата на бугарскиот народ. Моја цел е да го прекинам овој круг, а не да барам кој почнал прв“, додаде министерот Османи.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

