Македонија
Во Брисел почна билатералниот скрининг за „Внатрешен пазар“
Денес, во Брисел, почнува билатералниот скрининг за вториот кластер, „Внатрешен пазар“, со скрининг-состанок за Поглавјето 3, „Право на основање и слобода на давање услуги“.
Делегацијата ја предводи заменичката на главниот преговарач на Северна Македонија со Европската Унија, Дрита Абдиу-Халили, а присутни се и координаторот на кластерот 2, вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и Крешник Бектеши, министер за економија, како прв човек на институцијата која е носител на Поглавјето 3.
На денешниот билатерален скрининг-состанок за кластерот „Внатрешен пазар“, ќе бидат презентирани теми поврзани со борбата против корупцијата во вршењето на услугите и информативниот систем на внатрешниот пазар и заклучоците и препораките што ќе произлезат од него, ќе ги одредат нашите државни политики, како и следните реформски чекори во пристапниот процес.
„Ја препознаваме важноста на областите што се дел од Поглавјето 3, ‘Правото на основање и слобода на давање услуги’ и тоа го потврдуваме активното учеството на земјата во регионалната економска зона и исполнувањето на повеќегодишниот акциски план, каде што сите држави на Западен Балкан имаат цел да измерат колку што е можно повисоко ниво на усогласеност. Спроведуваме и вклучуваме активности за отстранување на пречките во процесот на признавање на професионалните квалификации и подобрување на обезбедувањето прекугранични услуги“, истакна во своето обраќање заменичката на главниот преговарач, Дрита Абдиу-Халили.
Исто така, пред претставниците на Европската комисија се обрати и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој, меѓу другото, истакна дека сме посветени и работиме напорно за секоја препорака нотирана во последниот извештај на Европската Унија.
„Со гордост можам да истакнам дека по повеќе од две години од процесот на консултации со сите релевантни актери, ние сме во завршна фаза на изработка на новиот систематски закон за работните односи. Со одобрувањето на овој закон, како и со веќе утврдениот предлог за измени на Законот за поштенските услуги, ќе се осврнеме на препораките од Поглавјето 3 – ‘Правото на основање и слободата на давање услуги’“, посочи вицепремиерот Битиќи.
Министерот Бектеши во воведното излагање рече дека Министерството за економија, како надлежно министерство, во соработка со други институции континуирано спроведува активности за почитување на законодавството на Европската Унија и зајакнување на административните капацитети во областа на услугите.
Со оглед на комплексноста на ова поглавје и хоризонталната поврзаност што ја има меѓу кластерите и поглавјата, делегацијата на Северна Македонија на оваа билатерална скрининг-средба е составена од претставници од: Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, Централниот регистар, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за катастар.
Денес и утре завршуваат скрининг-состаноците за Поглавјето 3, а до крајот на неделата ќе се одржат и билатералните состаноци за Поглавјето 6, „Право за трговски друштва“ и за Поглавјето 7, „Право за интелектуална сопственост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

