Македонија
Маричиќ: Низ дијалог и соработка до квалитетен и инклузивен процес на преговори со ЕУ
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната собраниска седница на Комисијата за европски прашања рече дека тој и Владата се подготвени да се разговара и да се донесе Закон за преговори за членство во ЕУ, со којшто ќе ги решат сите прашања и со кој ќе се зајакни улога на Собранието.
„ Владата е надлежна и одговорна за преговорите со ЕУ, но тоа не значи дека процесот ќе го води сама. Од самиот почеток покажавме отвореност и политичка волја за соработка со сите општествени чинители. Подготвеност и политичка волја има, дајте во интерес на граѓаните да одиме побрзо процесот на преговори, рече вицепремиерот пред членовите на Комисијата за европски прашања.
На седницата на Комисијата за европски прашања беа присутни и претставниците на граѓанските организации за кои Маричиќ изрази задоволство од нивниот интерес за вклучување во преговарачкиот процес и истакна дека заклучно со 10 јануари 2023 година, на јавниот повик на Секретаријатот за европски прашања, во базата се регистрирани околу 180 граѓански организации.
„ Тоа е јасен сигнал дека ќе имаме квалитетен и инклузивен процес на преговори кој ќе го водиме низ дијалог и блиска соработка, но и под будното око на граѓанското општество, додаде Маричиќ, најавувајќи дека во тек е изработката на можните модалитети кои ќе се користат за консултација со граѓанските организации и нивно учество во процесот на преговори, а предлозите пред граѓанските организации ќе ги презентира на крајот на месец февруари.
Тој потенцираше дека процесот на преговори е тешка и сложена задача која бара вклученост на целото општество, за да може брзо и ефикасно да се заокружи најголемиот македонски проект, а како што вели вицепремиерот тоа е членството на Северна Македонија во ЕУ.
„ Покрај сите овие активности, пред нас е имаме задача да донесеме стратешка одлука со која ќе го одредиме правецот на државата за следните 10 години и со која ќе ја направиме стабилна европската перспектива на Северна Македонија. Од тоа ќе зависи дали 2023 година ќе биде година за паметење по јасна и сигурна европска перспектива или по нова блокада за државата и граѓаните, но овој пат од домашен политички фактор, рече вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Маричиќ потенцирање дека е неопходна поголема синергија за да се забрзаат процесите до степен до кој тоа го очекуваат граѓаните и дека ќе биде потребно да се дефинира и соработката со Националниот совет за евроинтеграции и со Комисијата за европски прашања. Во тој контекст изрази и верување дека и Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанските организации ќе заживее и заеднички ќе дадат значаен придонес во спроведувањето на реформите и напредокот кон членството во ЕУ.
„ 2023 треба и мора да биде година на успешно завршен скрининг процес, на реформи, придвижување на земјата напред, обединување и политички консензус за напредок во преговорите со ЕУ и отворање на Поглавјата, рече вицепремиерот, нагласувајќи дека со тоа Северна Македонија се става на европските шини за брза трансформација на македонското општество.
Главниот преговарач со ЕУ ги брифираше пратениците за текот на скринингот и за задачите и активностите кои треба да се завршат до крајот на годината изјавувајќи дека скринингот ни дава насока правилно да ја исцртаме реформската траекторија која треба да изодиме.
„ На крајот на тој пат Северна Македонија треба да изгледа поинаку и многу подобро, во секоја смисла. А тоа нема да може да го направиме со деконструктивност и импровизација. За тоа е потребен јасен план и искрена политичка волја од сите политички фактори, бидејќи овој процес го надминува мандатот на секоја влада, истакна Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

