Свет
(Видео) Напаѓач уби седум лица на две фарми во Калифорнија

Седум лица се убиени во престрелки на две локации во крајбрежниот град Халф Мун Беј во северна Калифорнија, а делото се чини дека го извршило истото лице, кое било приведено, соопштија локалните власти.
Градот Халф Мун Беј се наоѓа на 50-ина километри јужно од Сан Франциско.
Полицајците што одговорија на повикот на првата локација пронајдоа четири мртви и уште едно рането лице, а потоа пронајдоа уште три мртви лица на втора локација во близина, изјави шерифот Кристина Корпус на прес-конференција.
Двете локации на кои се случија нападите се фарми, а како што објави „Сан Франциско хроникл“, една од нив е фарма со печурки.
Снимката објавена од АБЦ 7 во Халф Мун Беј го покажува апсењето во кое двајца мажи во цивилна облека и еден во униформа, со пиштоли во рака, му наредуваат на човекот да излезе од автомобилот.
Осомничениот за престрелката излегол и бил соборен на земјата. Набргу на местото на настанот пристигнале уште вооружени полицајци во униформи.
Во автомобилот на осомничениот е пронајдено оружје, соопшти Корпусот.
Последното масовно убиство се случи пред само два дена во паркот „Монтереј“, каде што во престрелка беа убиени 11 лица.
За пукотниците бил информиран и американскиот претседател Џозеф Бајден, напиша на „Твитер“ неговата портпаролка Карин Жан-Пјер. Претседателот „ги повика федералните органи за спроведување на законот да им ја дадат целата потребна помош на локалните власти“, додаде таа, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Мерц предлага заем од 140 милијарди евра за Украина, обезбеден со рускиот замрзнат имот

Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека на претстојниот самит на ЕУ ќе предложи Украина да добие заем од 140 милијарди евра, гарантиран со замрзнатиот имот на Руската централна банка.
Средствата би биле наменети исклучиво за финансирање на одбраната, а Киев би ги вратил дури по добивањето репарации од Русија.
Планот е усогласен со иницијативата на Урсула фон дер Лајен за користење на руските средства како гаранција, без директно задирање во нив.
Свет
Официјалната истрага покажа дека подморницата „Титан“ имплодирала поради лоша конструкција

Американска истражна агенција утврди дека подморницата „Титан“ на компанијата „Оушенгејт“, која имплодира за време на нуркањето кај остатоците на бродот „Титаник“ во јуни 2023 година, беше уништена поради низа сериозни недостатоци во дизајнот и тестирањето, објави Би-би-си.
Во несреќата загинаа сите пет лица на бродот, вклучувајќи го и директорот на „Оушенгејт“, Стоктон Раш.
Според извештајот на Националниот одбор за безбедност на сообраќајот (НТСБ), процесот на инженерскиот развој на „Титан“ бил несоодветен, што довело до грешки што предизвикале подморницата да не ги исполни стандардите за цврстина и издржливост.
Националниот одбор за безбедност на сообраќајот тврди дека „Оушенгејт“ никогаш правилно не го тестирал „Титан“ и затоа не знаел колку всушност е силна подморницата. Покрај тоа, компанијата не била свесна дека бродот е оштетен и требало да биде повлечен од употреба пред фаталното нуркање.
„Титан“ исчезна во Северен Атлантик додека се обидувал да стигне до остатоците од „Титаник“, кои се наоѓаат на речиси 600 километри од канадскиот град Сент Џонс во покраината Њуфаундленд и Лабрадор.
Во август 2024 година крајбрежната стража на САД издаде посебен извештај во кој ја опишува несреќата како да можела целосно да биде спрачена и ја критикува „Оушенгејт“ за „сериозно погрешни безбедносни практики“.
Подморницата на своето последно патување ја управувал Стоктон Раш, а бил придружуван од познатиот истражувач на длабокоморските дна, Пол-Анри Наргеолет, британскиот милијардер Хамиш Хардинг и пакистанскиот бизнисмен, Шахзада Давуд, и неговиот 19-годишен син, Сулејман Давуд.
Сите платиле до 250.000 долари за да учествуваат во експедицијата.
За време на истрагата, НТСБ откри сериозни проблеми во безбедносната култура на „Оушенгејт“. Додека некои вработени тврдеа дека безбедноста е приоритет, други, вклучувајќи го и поранешниот директор за поморски операции и еден техничар, опишаа работна средина „во која безбедноста, а особено прашањата за дизајнот, систематски се игнорираат“.
Еден техничар рече дека имал забелешки на деловниот модел на „Оушенгејт“, особено на практиката патниците да се нарекуваат специјалисти за мисија за да се избегнат законски ограничувања. Според американските прописи, нелегално е да се превезуваат патници на експериментални подморници.
Техничарот рече дека го предупредил Раш велејќи: „Не можете само да ја смените титулата на некого ако сте платени за тоа“. Во подоцнежен разговор за истото прашање Раш наводно му рекол: „Ако крајбрежната стража стане проблем, ќе купам конгресмен и ќе го решам“.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Италијанец се преправал дека е слеп 50 години, ја измамил државата за повеќе од еден милион евра

76-годишен маж од областа Виченца во Италија се преправал дека е целосно слеп повеќе од 50 години за да добие надомест за инвалидитет измамувајќи ја државата за повеќе од еден милион евра. Измамата е откриена кога финансиската полиција го снимила како извршува секојдневни задачи без никакви проблеми, како што се градинарство и пазарување на пазарот, објавува „Кориере дел Венето“.
На снимката објавена од финансиската полиција човекот е снимен како внимателно избира овошје и зеленчук на пазарот. Дома е снимен како врши градинарски активности, вклучувајќи кастрење и полевање растенија. Сите овие задачи ги извршувал со целосна леснотија, иако официјално бил регистриран како 100 % инвалид поради слепило.
Жителот на Монтекио Маџоре е обвинет за сериозна измама против државата.
Според обвинението, човекот незаконски примал бенефиции и надоместоци наменети за слепи лица повеќе од педесет години, со што стекнал незаконска бенефиција од повеќе од еден милион евра. Истрагата е поведена по вкрстена проверка на податоците на корисниците на социјално осигурување, а членовите на финансиската полиција од Арзињано поминале повеќе од два месеца следејќи го. Утврдено е дека тој почнал да прима пензија и надомест за придружба уште во 1972 година по наводна несреќа на работа.
#GdiF #Vicenza Denunciato un falso invalido per truffa ai danni dello Stato, avendo percepito indebitamente, per più di 50 anni, indennità e sussidi per un importo superiore al milione di euro.#NoiconVoi pic.twitter.com/DvqBzrir2l
— Guardia di Finanza (@GDF) October 13, 2025
Старецот е снимен како извршува голем број секојдневни задачи, без ничија помош, вклучително и користење опасни алатки, како што се ножици за кастрење и тримери за жива ограда. Тој исто така редовно одел сам на градскиот пазар избирајќи продукти и плаќајќи во готово од сопствениот паричник.
Врз основа на цврсти докази, поткрепени со сведочење на експерти, судската власт во Виченца поднесе обвинение против лажно слепиот човек. Финансиската полиција ги извести надлежните институции сите бенефиции веднаш да му бидат суспендирани. Даночната ревизија утврди нелегален приход од над 200 илјади евра во последните пет години, период за кој може да се направи процена, и е предложено да се конфискува овој износ.
„Оваа операција сведочи за континуираната посветеност на Финансиската полиција во борбата против измамите во секторот за социјална помош и пензиско осигурување. Јавните средства наменети за поддршка на најранливите и навистина сиромашните социјални групи неправедно се одземаат“, соопшти Покраинската команда на Финансиската полиција во Виченца.
фото: принтскрин