Македонија
(Видео) „Ни дадоа супервештачење од 60 страници, кое нема ништо да промени“, реагира таткото на загинатиот кошаркар во несреќата кај Ласкарци
Супервештачењето за несреќата кај Ласкарци, кое го изработуваше Бирото за судски вештачења, а се чекаше цела година, е изработено на 50-60 страници, од кои повеќето е со фотографии. Ова го посведочи Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски, настрадан во автобуската несреќа. Кај блиските роднини има огромен револт, но и сомнеж за, како што велат: „убијците, виновниците на 16 луѓе, да не ги стигне правдата“. Трпески, по новото одложено рочиште, ги праша правосудните органи: „Колку време треба да помине за, конечно, да стигне правдата?
„По она што можев да го видам во ова супервештачење, ништо нема да промени од претходните доказни постапки изведени во претходниот период. Тоа покажува колку Бирото за судски вештачења посветило сериозно внимание на ваков предмет. Мојот колега кажа – повеќе од една година го правеа. Тоа супервештачење е изготвено од машинци и сообраќајни инженери. Тоа супервештачење содржи 50-60 страници, од кои повеќе се фотографии. Иако денеска требаше да бидат на самото место луѓето што го супервештачења овој предмет една година, тие не дојдоа. Судот требаше да ги казни овие луѓе што го прават ова. Кај нас се создава огромен револт и сомнеж дека намерно се одолжува за убијците, виновниците на 16 луѓе, да не ги стигне правдата. Ние тоа нема да го дозволиме. Четири години ја чекаме правдата“, вели Благојче Трпески.
Таткото на Јовица Трпевски, кој беше 25-годишен кошаркар од Гостивар, посочи дека правдата ќе ги стигне виновниците.
„Ние изгубивме доверба во судството и во институциите што го водат овој процес. Четири години, сами сте сведоци. На 14 февруари оваа година е четири години од несреќата. На 50-60 страници да се прави супервештачење, а тоа да се толерира од судот со изговор дека нема ресурси, а оние што го побараа… Од претходните институции беше направено професионално вештачење на повеќе од 2.000 страници. Ова нема ништо да промени. Ова е купување време на обвинетите за да избегнат правда. Правдата ќе ги стигне и ќе одат во затвор. Убија 16 невини луѓе, 30 повредени со тешки телесни повреди, некои за количка се врзани. Ова е срамота што се случува. Што побргу треба пресуда за овој случај“, Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

