Македонија
Џамбаски: Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината
Бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски, продолжува со провокациите и по предлогот од македонскиот претседател, Стево Пендаровски, да му биде забранет влез во државата.
„Македонија била и е бугарска! Северна Македонија е друга работа. Заслугата тука е на Тито. Со забрани за влез во државата нема да ја избришете вистината“, се наведува во неговата објава на социјалните мрежи.
Претседателот Стево Пендаровски, вчера, по седницата на Советот на безбедност, им предложи на институциите, односно Владата и МНР, да го прогласат Џамбаски за персона нон грата, а тоа би значело да му се забрани влез во Македонија. Освен за него, шефот на државата предлага забрана и за други бугарски државјани, а поради понижување и негирање на македонскиот народ.
„На вакви антидржавни кампањи, што ги спроведуваат политички партии и поединци, можеме да одговориме на два начина. Првиот е со културна дипломатска реторика како досега и тој круг на провокации, кој предизвикува насилство, сигурно нема да заврши. Второ, со мерки, кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви случаи. Мојот предлог до Владата е во согласност со одредбите на Законот за странците да му забранат влез во земјата, да му забранат влез на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица државјани на Бугарија поради дејства што ги преземале порано и натаму ги преземаат против нашата држава. Законските услови за таква мерка постоеле порано и сè уште постојат, тие се закана за националната безбедност, закана за јавниот поредок и закана за меѓународните односи на РСМ. Тоа значи дека ако лицата не се од земјата, да не им биде дозволен влез и да бидат прогласени за персона нон грата“, рече Пендаровски.
Некои од лицата за кои Пендаровски побарал да им се забрани пристап во Македонија веќе претходно имале мерки и биле протерувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

