Македонија
Митева: За какви капитални инвестиции зборува СДСМ кога учениците и во второто полугодие се без учебници
Второто полугодие за учениците почна без учебници, иако СДСМ ја уверуваа македонската јавност дека книги ќе има, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Лани школската година почна со еден месец задоцнување, и тогаш и сега учебници нема, па стигнаа годинава некакви материјали за учење од 100-ина страници. Се израдуваа и на тие малку учебници што стигнаа, но беа полни со грешки. Таа нивна голема идеја за дигитализација на образованието никако да се реализира. Набргу ќе дојде и време учениците да земаат свидетелства, а голема е веројатноста тие свидетелства да не ги подигнат и сè уште да немаат учебници. Електронскиот дневник не функционира, испитите не се одржаа, ниту тој за приправниците ниту испитот за директорите. Останаа малите и бедни плати за наставниците, иако власта се обидуваше да купи социјален мир и го убедуваше наставниот кадар дека зголемување на платите ќе има. Имаше и штрајк од професорите на универзитетите поради истите причини“, потсети Митева.
Таа праша дали за СДСМ капитални инвестиции значи предметот работа со компјутери да се одвива на лист хартија? Или можеби капитални инвестиции се двете универзитетски згради во кругот на УКИМ, кои пропаѓаат? Или студентските домови, кои се распаѓаат? Ќе поднесе ли некој одговорност за уште една изгубена година на учениците? Ќе понесе ли некој одговорност за набавката од половина милион евра за печатење скрипти за еднократна употреба?
Заклучи дека профитирањето на грбот на најмладите, врз учениците и наставниот кадар е најсилниот доказ дека СДСМ се грижи само за сопствена заработка, а резултатот е уништено образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

