Македонија
Лекарската комора: Институциите да ги заштитат лекарите од лажното рекламирање лекови

Лекарската комора најостро ги осудува сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку разни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување, додатоци во исхраната и постапки за лекување, во кои се злоупотребува нивниот идентитет и професионален интегритет.
„Во последно време стана зачестена појавата на лажни и манипулативни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи што се пласираат на интернет. Во вакви огласи и текстови често се појавуваат измислени изјави или интервјуа на вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии, што е целосно незаконски. Лекарите не даваат дозвола за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати поради што ова може да се смета за кражба на идентитет, лажно рекламирање и злоупотреба на лични податоци за остварување материјална корист“, велат од Комората.
Лекарската комора од надлежните институции бара навремено и ажурно да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи.
Од таму додаваат дека надлежните институции треба да ја интензивираат динамиката со која испитуваат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и во согласност со утврдената состојба да ги санкционираат сторителите.
„Недозволиво е овие случаи да се игнорираат и остануваат без правна разрешница. Апелираме лекарите овие случаи да продолжат да ги пријавуваат и јавно да информираат за ситуации во кои без нивна согласност и одобрение некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет.
Дополнително ги предупредуваме граѓаните дека ваквите производи може да содржат материи што сериозно би наштетиле на нивното здравје. Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства ,кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје. Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постојната да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист бидејќи само тие може да им помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смее да се поведуваат од реклами на интернет и од туѓи искуства“, се вели во реакцијата од Лекарската комора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ја поддржуваме одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во врска со објавите на социјалните мрежи, за директорот на Клиниката за неврологија, д-р Игор Кузмановски, ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува одлуката да биде разрешен од функцијата. Немаме сомневање дека јасно и недвосмислено институциите треба да постапат во согласност со законот и утврдените процедури“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Извршувањето на јавна функција носи конкретни обврски и одговорности.
Нашата заложба е правилата и законите да важат за сите подеднакво и управувањето на институциите мора да биде во согласност со вредносниот систем на одговорност за кој се залагаме и ќе продолжиме да се бориме“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.