Македонија
Градоначалникот на Крива Паланка, кој удри полицаец, заработи прекршочна пријава
Случајот со боксовите од градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митовски, кон полицаецот Кристофер Стоевски стигна и на седницата за пратенички прашања во Собранието.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ праша дали е поднесена кривична пријава против градоначалникот, а премиерот Димитар Ковачевски рече дека е прекршочно казнет. Со ова случајот со боксовите од Митовски за Стоевски е затворен. За ваквата постапка имаше реакции од пратеникот Стојаноски, кој рече дека Митовски, кој тепал полицаец, не заслужува да ја врши функцијата градоначалник.
„Целата јавност имаше можност да види и да слушне како тој во видно алкохолизирана состојба агресивно пред својот ресторан излегол и нападнал службено лице, кое во моментот не било на должност. Сашо Митовски му е името на овој градоначалникот, кој пијан нападнал полициски службеник. И ова не е прв случај овој градоначалник да нападне граѓани затоа што пред неколку месеци овој градоначалник нападна граѓанин во својата канцеларија. Нема јасен одговор дали е поднесена кривична пријава против овој насилник, како и што го охрабрило овој насилник да излезе од сопствената кафеана и да нападне полициски службеник со две шлаканици обидувајќи се да го понижи“, праша пратеникот Стојаноски.
Одговорот од Ковачевски беше во една реченица.
„Во однос на првото прашање, веднаш по настанот МВР има постапено, направена е комплетна истрага и поднесена е прекршочна пријава за лицето“, изјави премиерот.
На ова следуваше остра реакција од Стојаноски.
„Јас ќе го дадам одговорот што требаше да им го дадете вие на македонските граѓани. МВР и Спасовски четири дена молчеа и се обидоа да го забошотат овој случај. За дело кое е напад на службено лице не се одговара прекршочно, туку веднаш кривично и казната затвор е од три месеци до три години затвор. Вие сакавте овој случај да го забошотите, но кога видовте дека притисокот на јавноста е голем и дека храбриот полицаец одби да ги трпи притисоците што му ги правевте Вие и Вашата Влада, човекот имаше јавно признание. Ковачевски, овој човек, кој пијан нападна полицаец, не заложува да ја врши функцијата градоначалник. Народот го избрал да работи, да реализира проекти, а не да тепа граѓани пред ресторан во видно алкохолизирана состојба. Митовски, за да не влијае на сведоци, треба веднаш да си поднесе неотповиклива оставка, а не да се шета низ Крива Паланка глумејќи локален шериф затоа што е близок до Вас, до Спасовски, до Николовски. Со овој обид за амнестија сакате да пратите порака дека член на СДСМ во оваа држава може да тепа, да краде, да прави што сака и да поминува неказнето. За ова дело застарувањето е десет години. Во овие десет години ниту Вие ќе бидете премиер, ниту СДСМ ќе биде на власт ниту Сашко Митовски ќе биде градоначалник“, рече Стојаноски.
За случајот со боксовите од градоначалникот се дозна кога полицаецот излезе со јавно признание и барање за одговорност. Првично, во некои од медиумите градоначалникот негира дека го направил тоа. Потоа МВР водеше истрага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ФЗО: Породилното може да доцни поради доцнење на пријава или исплата на плати кај работодавачот
Надомест за породилно отсуство не се исплаќа истовремено и тоа е континуиран процес кој трае во текот на целиот месец, велат од Фондот за здравствено осигурување во врска со изјавите на СДСМ дека исплатата на породилни отсуства доцни 30 дена.
„Надоместот на породилно отсуство е процес поврзан со работодавачот на осигуреничката. Во моментот на исплата на плата од страна на работодавачот, УЈП доставува електронски информации за платените придонеси за соодветниот месец до Фондот, кои се обработуваат и одобруваат од подрачните служби, заедно со надоместоци за друг вид на боледувања, се доставуваат до Дирекцијата на Фондот. Оттука се доставуваат до УЈП за подготовка на МПИН. Потоа пресметаните надоместоци се исплаќаат континуирано. Да потенцираме ФЗО исплаќа бруто надомест, односно пензиски и други придонеси“, се наведува во соопштението.
Од Фондот појаснуваат дека најголем дел од надоместоците се исплаќаат од 10 до 20 во тековниот месец, но има исплати и потоа до крај на месецот.
„Не е можно доцнење од 30 дена од страна на Фондот. Доколку има доцнење тоа е поради доцнење на пријава или на исплата на плати кај работодавачот“, велат од Фондот.
Од таму уверуваат дека буџет за надоместоци има, и доказ за тоа е дека заклучно во месец октомври 2025 година досега се обработени и исплатени 6.268 предмети на породилно отсуство.
За споредба, се наведува во соопштението, во септември 2025 година биле обработени 7.319 предмети и за истиот број на лица е извршена исплата, со вкупен износ од 384 милиони денари.
„Тоа укажува дека дел од пресметките за октомври се уште се во обработка и исплата“, велат од ФЗО.
Македонија
Општина Кисела Вода урна дивоградба во населбата 11 Октомври
Денес, во населбата 11 Октомври, во Општина Кисела Вода, беше рушена дивоградба, по донесено решение за отстранување на објект кој не поседува соодветни технички акти.
Станува збор за поранешен деловен објект во сопственост на ГП „Пелагонија 5 – Градилиште механизација“ во стечај, за кој не постои потребната техничка документација и кој никогаш не бил евидентиран во Агенцијата за катастар.
„Општина Кисела Вода ќе работи исклучиво законски, почитувајќи ги сите закони и правила. Нема да има двојни стандарди за никого и нема да дозволиме прекршување на било каков закон. Законите мора да важат подеднакво за сите. Во мојот мандат ќе сe залагам за работење исклучиво според право и правда“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска – Трајкоска, посочувајќи дека институцијата ќе постапува одговорно за сите случаи каде ќе се утврдат нерегуларности во однос на објекти на територијата на општината.
„За секој објект кај кој ќе се утврдат неправилности ќе биде издадено решение за отстранување. Тоа е единствениот начин да воспоставиме ред и правичност и да го заштитиме јавниот интерес“, рече Стаменкоска – Трајкоска.
Македонија
Откажано утрешното рочиште за „Пулс“: Недостасуваат адреси од оштетени и нивни застапници
Утрешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица и околу 200 се повредени, е откажано.
Судијката Диана Груевска – Илиевска ги немаше сите адреси од оштетените и нивните застапници кои треба да бидат повикани на судење за да се изјаснат за оштетното побарување.
Судијката ги евидентираше сите оштетени и застапници на оштетените кои беа присутни, но кажа дека мора да ја одложи за утре закажаната главна расправа оти ќе треба повеќе време за судот да ги извести оштетените дека треба да дојдат на судење.
Следното рочиште ќе биде на 2 декември, а дотогаш судијката очекува освен завршување на судската достава за оштетените да бидат доставени и интегрираните обвиненија до сите обвинети како што побараа нивните бранители.

