Свет
(Видео) Зеленски: Благодарение на системите од Западот ги соборивме повеќето руски ракети

Најмалку 11 лица загинаа во серија руски напади во Украина откако Киев доби ветувања од САД и Германија дека ќе добие модерни борбени тенкови. Државната служба за итни случаи исто така соопшти дека 11 лица биле повредени во бомбашките напади, во кои биле истрелани повеќе од 50 проектили и дваесетина беспилотни летала „камикази“, според украинската војска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски реагира на нападите барајќи од Западот дополнителна испорака на оружје.
„Ова зло, оваа руска агресија, може и треба да се запре само со соодветно оружје“, рече тој во својот говор. Украинците успеаја да ги соборат повеќето од 55-те проектили лансирани од Русија, а Зеленски ја припиша таквата ефикасност на системите за противвоздушна одбрана донирани од Западот.
„Благодарение на системите за противвоздушна одбрана доставени до Украина и професионалноста на нашите војници, успеавме да ги собориме повеќето руски ракети. Ова се најмалку стотици спасени животи и зачувани десетици инфраструктурни објекти“, тој рече.
Украинскиот лидер се осврна на ситуацијата во Донбас, каде што сè уште се водат најжестоките борби.
„Мораме да ги победиме терористите на теренот. Што и да планираат руските окупатори, нашите подготовки мора да бидат посилни. Благодарен сум им на сите наши единици што го покажуваат отпорот што ѝ треба на Украина, го исцрпуваат окупаторот и го уништуваат“, нагласи тој.
„Колку повеќе Русија губи во оваа битка за Донбас, толку помал ќе биде нејзиниот вкупен потенцијал“, продолжи тој.
Зеленски истакна дека неговата влада е свесна за руските планови за идни операции во Украина и ги уверува своите сонародници дека веќе подготвуваат одговор на потезите што Русите ќе ги преземат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелски војници забележани во градот Газа

Палестински очевидци тврдат дека во градот Газа забележани се израелски војници.
Според нив израелските војници биле забележани во населбата Сабра, во близина на зграда во која порано се наоѓало училиште.
Израелските војници наводно се заблежани во градот Газа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одобри план за преземање на градот, во кој живеат околу еден милион луѓе.
Израелската армија не ги коментираше палестинските наводи, истакнувајќи оти не ги открива позициите на своите војници.
Претходно Израел соопшти дека планира да евакуира околу еден милион жители од градот пред офанзивата, која се очекува да почне најрано во септември.
Свет
Зеленски вели дека постои вистинска можност да заврши војната во Украина

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа најави дека следните денови ќе бидат готови безбедносните гаранции за неговата земја.
Тој, по телефонскиот разговор со премиерот на Холандија, Дик Шуф, на платформата Икс објави дека „во моментот тимови на Украина, САД и европските партнери работат на решение“.
Според Зеленски постои „вистинска можност да се заврши оваа војна“, додавајќи дека Украина е „подготвена за конструктивни чекори што можат да доведат до вистинскиот мир“.
– Русија од своја страна не покажува намера за мир и продолжува да ги гранатира нашите градови. Сите сигнали што доаѓаат од Москва овие денови ги толкуваме на ист начин. Ни треба притисок за промена на нивниот став, како и состанок на највисоко ниво за да се разговара за сите прашања, посочи Зеленски.
Свет
Северна Кореја тестираше нови ракети

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.
Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.
Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател Доналд Трамп со новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мунг.