Македонија
Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оцени опозицијата

Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оценува ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи дека дојде ред на толку потпишани договори, анекси, протоколи и слично, односите меѓу двете земји да бидат тема на Советот за безбедност и да дојде спуштање на нивото на дипломатските односи.
Од тука сметаат дека тоа е резултат на попустливоста на власта на СДС и ДУИ, што пак е последица на криминогеноста на нејзините функционери.
„Ковачевски и Пендаровски и должат одговори на македонската јавност како дојде до оваа студена дипломатска војна? Како дојде до тоа “маргиналните“ ликови од Бугарија да станат тема на Совет за безбедност во Македонија? Што работат нашите служби во насока на спречување на тие, како што вели Пендаровски структури од Бугарија под инструкции на странска служба?
Пендаровски и Ковачевски не треба да глумат изненадени. Овие структури, политичари и навреди кои тие ги упатуваат кон Македонија и македонскиот народ не се од вчера, само што нашите власти не превземаа ништо тоа да го спречат и да ги заштитат националните и државните интереси.
Со кусогледоста, аматерскиот пристап во дипломатијата и со дебелиот криминален багаж кој што оваа власт на СДС и ДУИ го има очигледно се загрозува Македонија. Нивната килавост раѓа нови и нови понижувања за Македонија.
Ова мора да се смени. Понижувањата на Македонија мора да престанат. Оваа власт мора да замине“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека до 15 минути за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, соопшти Автомотосојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот е зголемен, особено надвор од градските средини, поради летните одмори.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за излез од државата изнесува околу 10 до 15 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања ниту при влез, ниту при излез од земјата.
Во меѓувреме, поради пожар во Националниот парк „Јасен“, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје е целосно затворен за сообраќај.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, строго да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури каде што постои можност за појава на одрони. Како критични делници се посочуваат патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Попладне дожд и грмежи во западните делови

Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладневните часови носат локален пороен дожд и ретки грмежи, особено во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималните температури ќе се движат меѓу 11 и 20 степени, додека максималните ќе достигнат од 25 до 33 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали. Северниот ветер ќе дува умерено, а повремено и засилено. Температурата ќе се движи од утрински 17 до максимални 31 степен.
Според прогнозите, во недела ќе продолжи да дува слаб до умерен северен ветер, а долж Повардарието ќе биде засилен, што ќе предизвика намалување на дневните температури. Од почетокот на следната недела пак, се очекува стабилизирање на временските услови и благ пораст на дневните температури.
Македонија
Меџити изврши увид на градежните активности за изградба на примарната водоводна мрежа во Мерово, Желино

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, придружуван од градоначалникот на општина Желино, Блерим Сејдиу и пратеници од регионот, денеска изврши увид на градежните активности за реализација на проектот за изградба на примарната водоводна мрежа во селото Мерово, општина Желино.
Проектот предвидува изградба на дистрибутивната мрежа за водоснабдување во рамките на селото, изградба на поврзувачки цевковод од резервоарот до главната мрежа, отворање на нов бунар покрај постојниот, како и рехабилитација и проширување на веќе изграден резервоар.
Досега е извршено отворање на еден бунар и изградба на еден резервоар, кои во рамките на овој проект ќе бидат финализирани и модернизирани.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 15.847.359 денари, обезбедени од буџетот на надлежното министерство, а градежните активности се очекува да завршат до крајот на 2025 година.
„Одржливото снабдување со вода е еден од најважните приоритети на нашата Влада, бидејќи е директно поврзано со квалитетот на животот на граѓаните и развојот на нашите населени места. Со овој проект ставаме крај на децениските проблеми со недостиг на водовод во Мерово и им обезбедуваме на жителите подобри услови за живот“, истакна првиот заменик-претседател на Владата, Изет Меџити.
Оваа инвестиција претставува дел од стратешките проекти кои имаат за цел унапредување на основната инфраструктура и задоволување на елементарните потреби на граѓаните во сите населени места на општина Желино и пошироко.