Македонија
СДСМ: Изјавите на Мицкоски дека бил доброволец во 2001 покажуваат дека е заложник на Апасиев
Милитаристичките изјави на претседателот Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ, во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна, покажуваат дека тој е заложник на Апасиев, велат од СДСМ.
Владејачката партија коментира дека Христијан Мицкоски е политичар без став и визија за стратешките прашања и делува против интересите на државата и на граѓаните.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ стануваат заложник на популистичките политики и потпалувачките реторики на Левица, кои се испречуваат на европскиот пат на државата и се натпреваруваат со нив во штетното политичко делување“, велат од СДСМ преку соопштение.
Мицкоски пред два дена му се спротивстави на претседателот на ДУИ Али Ахмети кој за време на средбите со граѓаните од Тетово во својот говор рече дека на украинската делегација ѝ кажал дека треба да бидат искрени и ќе победат исто како што тие ги победиле Македонците.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека како доброволец во 2001 година го нема тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна и oти Ахмети на украинската делегација требало да ѝ каже и за колку стотици милиони евра е зголемено богатството на неговата фамилијаи на луѓето што го опкружуваат на сметка на инвалидите, кои го загубија животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Стратегијата 2025-2030 е национален патоказ, рамката која ја стабилизира државата, ја европеизира без да ја разредува, ја зајакнува без да ја изолира
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото ,,Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во општина Кавадарци во спортскиот комплекс ,,Јасмин“, во своето обраќање се осврна на Стратегијата Македонија 2030, која е и национален патоказ, и рамка која ќе ја стабилизира државата.
,,Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи, создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма, ние создадовме договор со иднината. А секој договор, вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека ова не е само обичен документ, туку и рамка што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала.
,,Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава“, истакна Мицкоски и укажа: „Јас ви ветувам, како што сум ветил и пред вас и пред народот, никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста“.
Македонија
Мицкоски: На овој Конгрес не добив само реизбор, победи идејата, од поглавје на кризи, отвораме поглавје на зрелост
Денес на овој свечен момент за нашата партија на највисокото тело на партијата, Конгресот, донесовме документи кои се иднината на оваа партија. Документи кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план, резултатите се на дофат и иднината е гарантирана, рече Христијан Мицкоски во своето обраќање на XVIII Конгрес по реизборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека ова е вечер кога правиме историски исчекор, вечер кога партијата што ја создадоа генерации борци, создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, како и вечер кога таа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас.
„Вечерва, на овој конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска, победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелост“, рече Мицкоски.
Заблагодарувајќи сè уште еднаш за довербата, Мицкоски потенцираше дека ова не е лесен товар, туку е товар што го прифаќа со мир, затоа што знае дека не го носи сам, затоа што знае дека позади него стои народот.
„Со мир затоа што знам дека зад мене стои народот и стоите сите вие, што во најтешките моменти не изгубивте ниту надеж, ниту достоинство. Во годините што поминаа, многу се зборуваше за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане. Затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбицијата одвнатре. Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите, да се мери со туѓи очекувања, да чекори темпо кое друг го диктира“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.
Македонија
На Клиниката за ортопедија успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор кај педијатриски пациенти
Првата интервенција е извршена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. Постигната е стабилна корекција и пациентката се врати на вообичаените активности, информира Министерството за здравство.
Операцијата ја предводеа науч. сор. д-р Ненад Атанасов и асс. д-р Милена Богојевска Доксевска, со тим составен од д-р Даница Поповска, д-р Армин Амедовски, д-р Ријад Ајро, анестезиолог д-р Лилјана Анѓелеска, анестетичарка Гордана Захариева, инструментарките Билјана Тројановиќ и Сузана Пејчиновска, радиолошкиот техничар Крешник Шеху и болничарката Ирена Галевска.
Втората трансплантација е направена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Пациентот е испишан во добра состојба и го очекува рехабилитација. Тимот го предводеше проф. д-р Зоран Божиновски, со анестезиолог д-р Ивана Крстевска Трпковска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Искра Шојлеска Јовановска.
Во интервенцијата учествуваа и средно-медицинскиот кадар: Злата Апостолоска, Кристина Реџеп, Ширете Муртезани, Крешник Шеху и Снежана Тодоровска.
Користењето кадаверични коскени трансплантати има огромно значење во детската ортопедија – се избегнува нова хируршка рана, болка и дополнителна деформација, а интервенциите се побезбедни и пократки.
„Донорството спасува и менува животи. Благодарение на семејствата кои даруваат и на тимовите кои посветено работат, денес имаме две млади лица кои добиваат шанса за подобар и побезболен живот,“ вели националниот координатор за трансплантација, Билјана Кузмановска.
Министерството за здравство изрази искрена благодарност до двата медицински тима и до семејствата на донорите за нивната хуманост.

