Свет
Шефот на американската дипломатија на турнеја по Блискиот Исток, прва станица му е Египет
Американскиот државен секретар, Антони Блинкен, пристигна во Каиро, прва дестинација од турнејата на Блискиот Исток каде повторно се разгоре израелско-палестинскиот конфликт, со минимални шанси да се искористи американското влијание за да се намалат тензиите.
Пред да замине за Ерусалим и Рамала, каде што ќе престојува утре и вторник, Блинкен се среќава со египетскиот претседател Фатах ал-Сиси и министерот за надворешни работи Самех Чукри.
Во Египет, главен регионален сојузник на САД, Блинкен првенствено ќе разговара за Либија и Судан, но веројатно во тие дискусии ќе доминира конфликтот меѓу Израел и Палестинците. Каиро, имено, традиционално ја игра улогата на посредник меѓу двете страни.
Безбедносната ситуација во Израел и на палестинските територии драстично се влоши, со палестинските убиства на цивили пред синагога и интервенција на израелската армија во Џенин, на Западниот Брег.
Во четвртокот девет Палестинци беа убиени, а 20 ранети во судирите со израелските војници во Џенин на Западниот Брег. Израел објави дека операцијата во Џенин била спроведена со цел апсење на членови на милитантната група Исламски џихад.
Потоа, во палестинските напади вчера и петок беа убиени седум лица, а 12 беа ранети. Вчера две лица беа ранети во напад во источен Ерусалим, кој израелската полиција го опиша како терористички напад, додека ден претходно во напад на синагога во истиот град загинаа седум, а ранети беа десет Израелци. Нападот на синагогата беше извршен на Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот.
Во светлината на повторното разгорување на насилството, треба да се очекува Блинкен да разговара со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас за потребата од примена на итни мерки за смирување на ситуацијата.
САД претходно најостро го осудија нападот во Источен Ерусалим како грозоморен чин и рекоа дека посветеноста на САД за безбедноста на Израел останува цврста. Но, се чини дека просторот за маневрирање на американскиот државен секретар е ограничен на повици за смиреност и аналитичарите не очекуваат премногу од посетата на Блинкен. Сметаат дека Вашингтон ќе застане на повеќекратните повици за решение кое предвидува две посебни држави.
Гаит Ал-Омари, експерт од Вашингтонскиот институт, смета дека посетата не сигнализира никаква промена на американската позиција кон израелско-палестинскиот конфликт, но убеден е дека разговорот со Махмуд Абас нема да биде пријатен.
Аналитичарите оценуваат и дека со оваа посета на Блинкен, Вашингтон дава до знаење дека сака итно да се поврзе со Нетанјаху, со кого администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден од почетокот има затегнати односи.
Пред посетата на Блинкен на Израел, советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан го увери израелскиот премиер за американската поддршка за Израел.
За време на денешната посета на Египет, кој ужива дарежлива американска воена помош, Блинкен ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество кои потсетуваат дека дури 60.000 политички затвореници тлеат во египетските затвори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

