Македонија
Спасовски: Позитивните резултати во борбата со криминалот и корупцијата ја вратија довербата во полицијата
Во рамките на дводневната конференција организирана од страна на Владата, „Година на нови можности“ ,се одржа и панел-сесијата „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, на која учество зедоа министрите за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, Бујар Османи, Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, како и деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, и претседателот на Евро-атланскиот совет, Исмет Рамадани.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето како МВР од аспект на внатрешната безбедност се справува со организираниот криминал, шверцот со дрога и корупцијата, како и проблемот со мигрантите, како безбедносни предизвици што не препознаваат држави и граници, посочи дека 2022 за МВР беше успешна година со 2,4 тони запленета дрога, со речиси 20 тони прекурсори.
Во делот за борбата против корупцијата, Спасовски истакна дека можеби тоа е делот за кој треба многу повеќе да се зборува и да се презентираат резултатите во овој дел на работењето на Министерството за внатрешни работи.
„Во борбата со корупцијата имаме зголемување на ефикасноста речиси 50 % ако ја споредиме со 2021 година. Речиси 250 милиони денари е штетата што е направена во делот на корупцијата и тоа е показател не само дека институциите се свртени кон борбата со корупцијата туку јакне и јавната свест на граѓаните, кои се охрабруваат и пријавуваат“, потенцира министерот Спасовски.
Тој истакна дека се менуваме сите ние заедно, сфаќаме дека корупцијата го јаде општеството, ги јаде новите работни места, го јаде развојот итн..
„И, најважно, во делот на миграцијата ќе го споменам само договорот со Фронтекс, кој е потпишан. Значаен прв договор што го склучи Северна Македонија со Европската комисија од почетокот на преговорите и создаде трајна основа за заедничко справување со мигрантската криза“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

