Македонија
Османи-Борел: Со поддршка на ЕУ и дипломатска акција, ОБСЕ ќе придонесе за европска безбедност
Претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи, денеска во Брисел се сретна со Жозеп Борел, Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија. За време на посетата, Османи ја потенцираше природната и цврста врска меѓу ЕУ и ОБСЕ, како и сите земји учеснички на Организацијата, што е поволен простор за заедничка работа и исполнување на заедничките обврски. Македонија, како земја претседавач, строго ќе ги почитува основните принципи и вредности на ОБСЕ. Во фокус на Организацијата ќе биде Украина, односно човековата безбедност во време на регионална и глобална несигурност и нестабилност, потенцираше Османи.
„Нашето претседавање оваа година ќе се раководи од веќе договорените обврски на сите 57 земји учеснички на Организацијата. Нема да правиме компромиси кои ќе ги загрозат основните документи и со консензус усвоени одлуки на ОБСЕ. Најголемиот предизвик останува воената агресија на Русија врз Украина. Тоа е неоправдана војна врз независна држава, членка на ОБСЕ. Руската Федерација со воената агресија врз Украина, флагрантно го прекрши Хелсиншкиот завршен документ и сите заложби и принципи на Организацијата“, изјави претседавачот на ОБСЕ Османи.
Османи истакна дека ОБСЕ ги има сите механизми и алатки кои нудат конкретна поддршка за луѓето на сите земји учеснички во Организацијата, бидејќи како што потенцираше „на крајот од сè ‘За луѓето се работи’“. Тој истакна дека Северна Македонија своето знаење и искуство ќе го пренесе во регионот на ОБСЕ преку претседавање со Организацијата.
„Северна Македонија преку меѓуетничките односи, културата на дијалог што ја наметна, културата на компромис и добрососедските односи, создаде имиџ за државата, како и за препознатливост во меѓународната заедница. Ние сме модел во регионот за функционална мултиетничка демократија, со загарантирани права за сите заедници кои живеат во Северна Македонија“, посочи Османи.
На средбата Османи – Борел се зборуваше и за заложбата на ЕУ и тесната соработка со нејзините делегации во Скопје и Виена кои беа од клучна важност во сите фази од подготовката на Северна Македонија да го преземе претседавањето со ОБСЕ. Претседавачот на ОБСЕ ја потенцираше и важноста на соработката меѓу ОБСЕ и ЕУ што би придонела за функционалност на Организацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

