Економија
Битиќи: Развојната банка ја трансформиравме во најдобриот партнер за поддршка на економскиот развој
Во период на криза успеавме умешно Развојната банка да ја направиме најдобрата алатка во финансискиот систем, кој воведе нови механизми, инструменти за поддршка и развој на нашата економија, констатира заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и главниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, кои на владината конференција „Година на нови можности“ дискутираа за инвестициите и за економскиот развој во година на криза, при што се укажа дека во последните три години преку Развојната банка се пласирани речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
Битиќи укажа на важноста на креирањето на националната развојна стратегија како прв инклузивен процес со вклучување на сите засегнати страни бидејќи создава јасна визија на нашето општество за наредните 20 години каде треба да се одвиваме, визија во која Развојната банка ќе одигра многу важна улога во поддршка на развојот.
Тој истакна дека Владата креира механизми и инструменти за сето тоа да се поддржи бидејќи успеа умешно во период на криза Развојната банка да ја направи најдобрата алатка возможна во финансискиот систем за развојот на нашата земја.
„Не само што ја докапитализиравме Развојната банка, тие успешно и умешно креираа механизми заедно со Владата, во кои пилотираа и беа пионери во финансискиот пазар во нашата земја. Во секоја развиена земја токму Развојната банка ја има таа улога и се гордеам дека и во период на криза тоа го направивме и сметам дека имаме партнер што го немавме пред 5 години“, рече Битиќи.
Извршниот директор на Развојната банка, Кире Наумов, во делот на вкупно пласирани средства во домашните компании за изминатите три години и ефектите од нив, изјави дека за три години пласиравме речиси 300 милиони евра за поддршка на 7.500 проекти.
„Само во 2022 година пласирани се средства во износ од 107 милиони евра. Пласманите на кредитите се во разни дејности, а најголем процент, околу 40 %, се за поддршка на микро, мали и средни компании во производствената дејност.
Кредитните линии беа насочени кон поддржување на ликвидноста на компаниите, инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, зачувување и отворање нови работни места, со што во изминатите три години се зачуваа околу 40.800 и се отворија речиси 1.500 нови работни места“, укажа Наумов.
Во текот на 2022 година за поддршка на компаниите во услови на енергетска, економска и ценовна криза Развојната банка ги воведе следните кредитни линии:
1. Кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и од економската криза преку директно кредитирање од РБСМ (бескаматна) во износ од 5,5 милиони евра;
2. Кредитна линија за обртни средства за зголемени цени на енергентите преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (бескаматна);
3. Кредитна линија за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ) преку банки учеснички во износ од 10 милиони евра (камата до крајните корисници до 1,6 %);
4. Олеснување на условите на кредитирање на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра (камата 1 %);
5. Субвенционирање камата по кредити дадени од деловните банки на компании, кои ја реинвестирале добивката во износ од 2 милиона евра;
6. Кредитна линија за обртни средства за компаниите погодени од енергетската и ценовната криза со директно кредитирање преку РБСМ во износ од 5 милиони евра со камата 2 % (со можност на обезбедување дополнителни средства во износ од 3,2 милиони евра).
Како што информира Наумов, во 2022 година РБСМ им даваше поддршка на компаниите и преку гарантната шема, која им овозможува на компаниите обезбедување дел од колатералот за одобрени кредити.
Користењето на овој продукт е во постојан раст и со состојба 31.12.2022 година износот на гарантирани кредити изнесува 9,8 милиони евра за 110 компании, потоа царинските гаранции за царински долг при увоз за облагородување, за поддршка на извозот.
„Развојната банка на домашните компании, покрај кредитите, им нуди уште два производа, осигурување извозни и домашни побарувања и факторинг (откуп на побарувања од странски и домашни купувачи). Интересот за овие два производа континуирано расте, особено во услови на криза кога ризиците од наплата се поголеми и потребата од тековна ликвидност е поголема. Компаниите може да си ги осигурат своите побарувања од комерцијални и политички ризици преку производот кредитно осигурување.
Во моментот имаме 80 осигуреници од разни индустриски гранки, со над 500 купувачи во 33 земји. Обемот на кредитно осигурување во 2022 година е на ниво од 100 милиони евра“, истакна Наумов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
По 13 години пауза, продуктоводот Солун – Скопје подготвен за работа: завршени сите технички контроли
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на завршната техничка контрола и верификација на мерниот систем на продуктоводот преку кој ќе се транспортира дизел гориво од Рафинеријата во Солун до Рафинеријата ОКТА во Скопје. Со успешно реализираната проверка се потврдени исправноста, прецизноста и целосната функционалност на системот, со што се исполнети сите технички и контролни предуслови за негово ставање во употреба. Со ова, продуктоводот повторно започнува со работа по 13 години прекин, претставувајќи значаен чекор кон зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.
Проверката беше спроведена од страна на Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на преставници од царинската служба. Заедно со овластените и стручни лица од Бирото, тие ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките стандарди.
Божиновска истакна дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
„Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата“, нагласи Божиновска.
Продуктоводот, пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво. Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.
Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.

