Македонија
Тупанчески: Со новиот Кривичен законик во целост ќе се ревидира казнената политика
Стручната расправа во Апелациониот суд Штип е прва во серијата расправи за новиот Кривичен законик на ниво на апелациски подрачја. По 27 години, се добива нов законски текст, со кој ќе се подобри правната сигурност на граѓаните, истакна министерот за правда, Никола Тупанчески, во своето обраќање.
Со новиот Кривичен законик се врши редефинирање и хармонизација на пропишаните казни за одредени кривични дела, кои отстапуваа од целите на казнената политика.
„Од анализата на досегашната примена на Кривичниот законик можеме да констатираме дека примената на мерката конфискација претставуваше особена слабост. Новините во оваа сфера имаат цел отстранување на лоцираните слабости, со што ќе се зголеми ефикасноста во примената на овој институт. Исто така, одредбите за конфискација се целосно усогласени со Европската конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Судот во Стразбур. Не помалку значајни се и новините што се однесуваат на кривичните дела ‘Тортура’ и ‘Малтретирање во вршењето на службата’ и нивното незастарување како резултат од конкретни злоупотреби, што резултираа и со пресуди од Судот во Стразбур против нашата држава“, рече Тупанчески.
Министерот за правда посочи дека посебно внимание во изготвувањето на новиот Кривичен законик било посветено на негово усогласување со најновите меѓународни стандарди. Во сферата на перењето пари биле разгледувани документите од Манивал. Во областите поврзани со недозволеното производство и трговија со оружје, Кривичниот законик беше целосно усогласен со протоколот на Обединетите нации. Значајно е и усогласувањето со директивата на Европската Унија за борба против измама на финансиските интереси на Унијата со примена на кривичното право. Посочено е дека изминатиот период во јавноста особено актуелни се случаите за загадување на животната средина. Во тој контекст се и новините во Кривичниот законик во оваа област и тоа преку целосно усогласување со меѓународните стандарди, воведување ново кривично дело екоцид и квантифицирање на дејствата на извршување во кривичните дела против животната средина со пропишување мерливи параметри, кои се однесуваат на загадувањето на животната средина. Процесот за донесување на новиот Кривичен законик е поддржан од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за што министерот за правда, Никола Тупанчески, изрази голема благодарност. Во текот на месецот стручни расправи за новиот Кривичен законик ќе се одржат и во апелациските судови во Гостивар, Битола и Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

