Економија
Васко Ковачевски: АД ЕСМ успешно ја менаџира енергетската криза, реалноста ги демантира сите црни сценарија

„АД ЕСМ успеа значајно да го зголеми производството на електрична енергија и тоа сега достигнува и над 21.000 MWh дневно. Со наше домашно сопствено производство ги задоволуваме потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, но и количините за дополнителните снабдувања доделени на ЕСМ со одлука на Владата како антикризна мерка“, порача генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на панелот посветен на теми од енергетиката на конференцијата што се одржа по повод една година од работењето на Владата.
„Целата јавност знае дека електраните со кои располага АД ЕСМ се стари по 40, 50 и 60 години, дека нивната амортизација е голема и производството на електрична енергија се одвива преку нивно постојано и континуирано санирање и одржување. Неинвестирањето во нови електрани во изминатите 30 години од страна на сите политички елити е нешто што не можеме да го вратиме назад, но со забрзано темпо и големи чекори можеме да надоместиме дел од изгубеното во минатото. Ние како раководство во изминатите години направивме капитални ремонти во РЕК ‘Битола’, кои не беа направени подолго време, вложивме средства и време и работа сè со цел да ги зајакнеме, да ги направиме поиздржливи и посигурни во производниот процес. Ги рехабилитираме и хидроелектраните. Но, нивната старост како постојки изградени во едно далечно минато ние не можеме да ја смениме. АД ЕСМ некаде од 2019 година почна да ги спроведува проектите од енергетската транзиција, односно енергетската трансформација. Сите наши активности беа во склад со усвоената стратегија за енергетика до 2040 година и со движењето кон зеленото сценарио. Но, додека ги поставувавме проектите и ги спроведуваме, а некои и успеавме да ги изградиме, се случи енергетската криза“, рече Ковачевски.
Сепак, во тек e реализација на 12 проекти од страна на АД ЕСМ, кои ќе донесат инсталирана моќност од 1760MW, што е повеќе од постојната инсталирана моќност на сегашните капацитети на ЕСM, од 1420MW.
„Што се однесува до енергентите јаглен и мазут, тоа се енергентите што во моментот нам ни овозможуваат базна енергија како држава. Додека ние не ги изградиме гасните електрани во РЕК ‘Битола’, и додека не го изградиме ‘Чебрен’ како реверзибилна хидроелектрана и додека не се воведат масовно батериски системи за обновливите извори, ние ќе мораме да се потпираме на јаглен и мазут. И ние како АД ЕСМ, и Владата и сите други надлежни институции работиме во правец на зеленото сценарио и во однос на регулативата и во однос на активностите на терен“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески – Паолучи: Народната банка е важен фактор за стабилноста

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, оствари прва работна средба со директорот на Светската банка во Северна Македонија, Масимилијано Паолучи.
На средбата беше нагласено дека Народната банка е кредибилна институција и столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјата. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста на досегашната успешна соработка меѓу двете институции и изразија подготвеност за продлабочување на партнерството, особено во контекст на структурните реформи, дигитализацијата и унапредувањето на сеопфатноста и отпорноста на економијата.
Гувернерот Славески посочи дека Народната банка и во иднина ќе биде отворена за соработка во областа на техничката помош и анализа, особено преку проекти коишто ќе придонесат за натамошно зајакнување на институционалниот капацитет, како и за поддршка на политиките за финансиска вклученост и одржлив развој.
Директорот Паолучи истакна дека Светската банка е свесна за значајната улога на Народната банка во одржувањето на стабилноста и на довербата во економијата и изрази подготвеност за понатамошна поддршка на процесите важни за економскиот напредок на земјата.
_______________
Економија
Димитриеска – Кочоска ќе го следи поскапувањето на бензините, не кажа дали тоа ќе повлече други поскапувања

Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар
Економија
Се зголемува цената на бензините и на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,63 % во однос на одлуката од 9.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,088%, кај дизелот за 5,626%, кај екстра лесното масло за 5,127% и кај мазутот зголемувањето е за 5,691%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,6205%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,293 ден/кг и сега ќе изнесува 39,779 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 17.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.