Македонија
Осудениот Михајловски за „27 април“ одбива да биде амнестиран: Бог е тој што може да ми суди
Вилијам Михајловски-Гајда, осуден на 13 годишна затворска казна за крвавите случувања во Собранието на 27 април, бара да не биде амнестиран за случајот. Ова доаѓа откако три адвокатски канцеларии поднесоа предлог-закон за амнестија, а со кој, ќе бидат ослободени дел од осудените, додека на останатите ќе им се намали изречната казна. Михајловски, осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок, огласувајќи се во јавноста, посочи дека не бара амнестија.
„Доколку ЈО за организиран криминал има докази дека терористички сум го загрозил уставниот поредок со моето влегување во Собрание на Република Македонија, во кое влегоа уште 5000 луѓе, слободно можете јавно да ги објавите и судовите нека судат. Но да знаете нема само Македонија судии, има меѓународни судови на кои оставам да одлучат дали терористички сум го загрозил уставниот поредок. Доколку амнестијата е со цел да потпишам дека сум го сторил делото и ме амнестираат за тероризам тоа никогаш нема да го потпишам. Јас тврдам дека во ниту еден момент не сум имал умисла и во ниту еден момент терористички не сум го загрозил уставниот поредок на Р.Македонија. На Обвинителството останува да докаже дека терористички сум го загрозил уставниот поредок“, пишува во објавата.
Михајловски-Гајда, посочува дека шеста година е во затвор и не користи викенд погодности.
„Затоа останувам да лежам и преку правни алатки ќе оставам тие од организираниот криминал да докажуваат дека терористички сум го загрозил уставниот поредок. Повторувам уште еднаш, доколку целта е да ни дадат амнестија за терористичко загрозување – не, фала, не ми треба амнестија за нешто што не сум го сторил. Не се плашама од овие судови и обвинители, ама ич, овде во Македонија се е корумпирано, судиите си играат пиши-бриши. Е па господо судии, јас не сум бил државен функционер да имам пари, за да подмитувам. Најважно ми е пред Божјиот суд да бидам чист. Бог е тој што може да ми суди. Мое барање за амнестија може да гласи дек барам праведно судење – а не амнестија“, додава тој.
Три адвокатски канцеларии од Скопје ќе поднесат предлог-закон чија цел е да се амнестираат осудените за крвавите настани во Собранието на 27 април. Адвокатот Јанаки Митровски, еден од подносителите, посочува дека не го оправдува стореното, но смета дека нема поголема неправда од селективна прада. Посочува дека амнестијата за експратениците Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и социјалистот Љупчо Димовски, кои ги побараа и добија – се селективни и од политичко луктративни причини. Митровски заедно со адвокатот Драган Пешевски и Петар Тимовски иницијативата ќе ја достават до сите пратенички групи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

