Спорт
Ла Лига: Англичаните го допингуваат и уништуваат фудбалот
																								
												
												
											Клубовите од Премиер лигата потрошија рекордни 915 милиони евра за само еден месец од зимскиот преоден рок, покажуваат резултатите од анализата на 2Deloitte Sports Business Group“. Покрај рекордното трошење на англискиот тим, тие поставија и индивидуален рекорд. Челзи го комплетираше најрасипничкиот преоден рок од кој било клуб во историјата на фудбалот. Тој потроши 37 отсто од вкупната спомената сума (330 милиони евра), што е повеќе од вкупната потрошувачка на сите клубови во Бундеслигата, Ла Лига, Серија А и Лига 1.
Ла Лига е бесна бидејќи, додека тие штедат, нејзиниот единствен конкурент троши милијарди евра.
Шпанците се свесни дека се единственоот конкурент на Премиер лигата за статусот најсилна, најатрактивна и најпрофитабилна национална лига во светот. Ова особено се однесува на нивниот дуел на глобално ниво за телевизиските права.
Светската публика сака да ги гледа најдобрите, најатрактивните и најскапите играчи, а судејќи по неодамнешниот преоден рок, Англичаните ги победија Шпанците.
Затоа реагираше Хавиер Гомез Тебас, генералниот директор на Ла Лига, кој беше критикуван за неговиот груб однос кон Барселона. Поточно, одлуката да не му дозволи на клубот да купува и регистрира играчи додека е на работ на банкрот.
„Она што го прават англиските клубови е вистинската причина да се објасни колку се бесмислени приказните дека желбата на Ла Лига да има економска контрола над шпанските клубови води до тоа клубовите да ни носат помалку играчи од англиските. Знаете која е единствената вистина? Ние само сакаме клубовите да го трошат она што можат да си го дозволат и што самите го создаваат преку своите приходи“, објасни Тебас и им се нафрли на Англичаните:
„Кој е главниот проблем со нив? Тоа што ги допингуваат клубовите. Со вбризгување пари во нив кои клубот не ги создал за да ги потроши. Ова ја доведува во прашање одржливоста на клубот доколку главниот сопственик или акционер си замине. Тоа не е само допинг, туку и измама“.
Тебас нуди решение како да им застане на патот на англиските клубови.
„Ќе се бориме. Бараме УЕФА да воведе правила кои ќе ги спречат акционерите на клубовите да инвестираат повеќе од одредена сума и да следи дали клубовите го почитуваат ова правило. Секој што не ги почитува овие прописи треба да биде казнет. Ирелевантно е за која земја или лига се работи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
																	
																															Спорт
Ендрик ќе замине на позајмица во Франција
														Бразилскиот напаѓач на Реал Мадрид, Ендрик (19), е пред привремено заминување од клубот откако не успеа да го импресионира тренерот Чаби Алонсо. Иако беше поврзуван со позајмица во Премиер лигата, каде што интерес покажаа Манчестер Јунајтед и Астон Вила, 19-годишникот најверојатно ќе ја продолжи кариерата во Лион, Франција, пишува специјализираниот фудбалски поратал „Goal.com“.
Ендрик се врати на теренот минатиот викенд по петмесечна пауза поради повреда, ги одигра првите минути во високата победа на Реал против Валенсија (4:0). Сепак, се чини дека неговиот статус на „Сантијаго Бернабеу“ не е сменет. Според информациите од Фабрицио Романо, Реал Мадрид ги финализира деталите за краткорочна позајмица во Лион.
Преговорите се во напредна фаза и само неочекуван пресврт би можел да го спречи трансферот. Ендрик треба да помине шест месеци во Франција, а клучниот детаљ од договорот е отсуството на опција за откуп на договорот.
Токму ова беше причината зошто Манчестер Јунајтед и Астон Вила се откажаа од неговото доведување, бидејќи англиските клубови инсистираа на таа клаузула, како што наведува „ESPN Brasil“.
Извори блиски до клубот открија дека еден од помошниците тренери на Лион, Пол Фонсека, веќе започнал детална анализа на досегашните настапи на Ендрик.
Според извештаите, се составува обемно досие за неговиот стил на игра, се разгледуваат снимки периодот додека беше во Палмеирас од 2022 до 2023 година, како и неговите ретки настапи за Реал.
Францускиот клуб го гледа Ендрик како краткорочно засилување кое може да донесе многу потребна енергија во нападот додека се борат за подобра позиција на табелата во Лига 1.
Спорт
Ливерпул против Реал, Баерн гостува во Париз
														Вечерва се играат девет натпревари од Лигата на шампионите на УЕФА, кои носат неколку многу интересни дуели каде што секој бод ќе биде исклучително важен за пласман во нокаут фазата. Посебен акцент треба да се стави на средбата помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид, како и на пресметката помеѓу Пари Сен Жермен и Баерн Минхен.
Ливерпул го пречекува Реал Мадрид на „Енфилд“, а судија е романецот Иштван Ковач. Домашниот тим го предводи Арне Слот, додека гостински тренер е Чаби Алонсо, кој помина исклучително успешен период од својата играчка кариера во дресот на Ливерпул, со кој го крена трофејот од Лигата на шампионите.
Ова нема да биде единственото враќање на познато место оваа вечер. Ова е и првото враќање на Трент Александар-Арнолд на „Енфилд“ во дресот на Реал Мадрид откако го напушти Ливерпул минатото лето.
Англискиот репрезентативец долго време инсистираше на преселба во Мадрид и со тоа го навлече гневот на навивачите на Ливерпул, а сега се враќа на стадионот каде што помина многу години.
Во Париз, актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен игра против Баерн Минхен на „Паркот на принцовите“, а главен судија на натпреварот е Италијанецот Маурицио Маријани. Ова ќе биде интересена тренерска пресметка помеѓу Луис Енрике и неговиот помлад колега Винсент Компани.
Нивните тимови се во навистина застрашувачка форма на почетокот на оваа сезона. Во Лигата на шампионите, ПСЖ и Баерн водат на табелата со совршен настап по првите три кола, а во Бундеслигата, Баерн ги доби сите девет одиграни натпревари досега.
За жал, овој натпревар може да мине без актуелниот освојувач на „Златната топка“. Усман Дембеле влезе од клупата во победата на ПСЖ против Ница во последното коло од француската Лига 1, но почувствува проблеми со задната ложа и многу е веројатно дека ќе биде надвор од првиот тим вечерва, но постои можност Енрике да го внесе од клупата.
Лига на шампиони, 4.коло:
Наполи – Ајнтрахт Франкфурт 18.45 часот
Славија Прага – Арсенал 18.45 
Атлетико Мадрид – Унион Сен-Жилоа 21 часот
Боде/Глимт – АС Монако 21
Јувентус – Спортинг Лисабон 21
Ливерпул – Реал Мадрид 21
Олимпијакос – ПСВ 21
Пари Сен Жермен – Баерн 21
Спорт
„Влаховиќ и Камбијасо се фундаментални за тимот“
														Во 4. коло од Лигата на шампионите, фудбалерите на Јувентус вечерва ќе го пречекаат Спортинг од Лисабон.
Пред натпреварот, тренерот на „Старата дама“, Лучано Спалети зборуваше за подготовките на тимот, статусот на некои од фудбалерите и амбициите на клубот за сезоната.
Спалети истакна дека напаѓачот Душан Влаховиќ и дефанзивецот Андреа Камбијасо се фундаментални за тимот.
„Андреа е силен и модерен играч кој може да се снајде на неколку позиции, но мора да се подобри во играта со глава. Душан има мала предност бидејќи знае што е Јувентус и го знае притисокот што владее во клубот. Разговарав со него и тој би бил повеќе од среќен да остане тука, само фудбалот му е во главата“, рече Спалети.
Тренерот на Јувентус ја означи борбеноста како главен рецепт за победа над лисабонскиот тим, истакнувајќи дека му се допаднала енергијата која ја покажале неговите играчи во триумфот над Кремонезе.
По 10 кола од Серија А, Јувентус е на шестото место на табелата, четири бода зад лидерот Наполи, додека имаат освоено два бода во Лигата на шампионите.

