Македонија
Најчевска бара разрешување на Бектеши: Што си замислуваат функционерите, дека новинарите служат да ги рекламираат?

Професорката по право, Мирјана Најчевска, смета дека министерот за економија, Крешник Бектеши, треба веднаш да биде разрешен. Според неа, неговиот однос кон новинарите е кршење на Конвенцијата за правата на човекот. Најчевска јавно постави пет прашања поврзани со тоа како функционерите гледаат на новинарите.
„Ова не е просто вербален напад на новинар/и, ова е флагрантно кршење на Конвенцијата за правата на човекот (право на информирање). Овој министер треба веднаш да биде разрешен од функцијата. Како што гледате, еднаш неказнето прекршување направено од високи функционери во власта и челници на партии води кон нови и нови прекршувања. И многу ме интересира што си замислуваат високите функционери во своите глави? Зошто служат новинарите? Да ги слушаат и да паѓаат во несвест од нивната мудрост? Да ги пренесуваат нивните бесценети пораки до граѓаните? Да им прават реклама? Навистина ме интересира. Јас, ете, не можам да влезам во текот на мислите што би довел до една ваква изјава“, пишува Најчевска.
Реакцијата на професорката доаѓа откога министерот за економија, Крешник Бектеши, одново се скара со новинарите во прес-центарот на Владата. Овој пат тоа го направи пред министерот за млади и спорт на Република Турција, Мехмет Муарем Касапоглу. Бектеши дрско им се обрати на новинарите оти му пречеше што беше опоменат за коментар што тој го даде претходно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.