Европа
Фон дер Лаен: Русија ќе ја плати цената за војната
Високи функционери од Брисел денеска првпат во историјата на евроблокот ќе разговараат со кандидат за членство во Европската Унија, на чија територија се води војна.
Одлуката на Урсула фон дер Лаен и Шарл Мишел да дојдат во Киев со 15 еврокомесари на самитот ЕУ – Украина во време кога продолжува офанзивата на руските воени сили на истокот на оваа земја е храбар чин, но пред сè е силна симболична порака и до украинскиот народ и до Москва.
На заеднички брифинг пред самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот Володимир Зеленски вчера најавија нови санкции против Москва.
„До 24 февруари, точно една година по почетокот на инвазијата, имаме цел да го воведеме десеттиот пакет-санкции. Русија веќе плаќа и ќе ја плати цената за војната во Украина“, рече Фон дер Лаен велејќи дека сегашните санкции ѝ штетат на руската економија наведувајќи ја процената дека ограничувањето на цената на руската нафта ја чинело Москва „околу 160 милиони евра од ден“.
Таа објасни и дека ЕУ бара и истражува механизми Русија да плати за обновата на Украина преку замрзнати руски средства во земјите членки на ЕУ. Зеленски во оваа пригода рече дека инсистира на ново и побрзо спроведување на санкциите на ЕУ воведени кон Русија.
„Разговаравме за нови санкции против Русија, особено за десеттиот пакет-санкции. Ова е заедничка европска задача – да се намали способноста на Русија да ги заобиколи санкциите – и колку побргу и подобро се изврши оваа задача, толку поблиску ќе бидеме до поразот на Русија“, рече Зеленски, пренесува „Укриформ“.
Од денешниот самит Киев сè уште може да очекува воена, финансиска и политичка помош од Брисел, но не и ветување за забрзан пристап во ЕУ. Меѓу членките на Унијата има длабоки поделби во однос на ова прашање бидејќи Украина, која е во војна, има уште долг пат до приемот во ЕУ.
Двајца претставници на ЕУ за „Дојче веле“ изјавија дека целта на самитот е да се препознаат овие напори и да се охрабри Украина да продолжи со реформите за еден ден да ги исполни условите за членство во ЕУ.
Киев доби статус на кандидат за членство во ЕУ четири месеци по почетокот на руската воена интервенција, но Брисел бара од властите да преземат порешителни чекори во борбата против корупцијата.
Досега ЕУ одвои речиси 60 милијарди евра за помош на Украина вклучувајќи речиси 12 милијарди евра воена поддршка и 18 милијарди евра ветени за функционирање на државата, пренесе „Политика.рс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.
Европа
Зеленски: Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи, тоа не се само зборови
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е усвоена „суштинска“ декларација за безбедносни гаранции за Украина.
Во изјавата тој рече: „Важно е дека коалицијата денес има конкретни документи. Ова не се само зборови. Постои јасна содржина: заедничка декларација од сите земји од коалицијата и трилатерална декларација од Франција, Обединетото Кралство и Украина“.
Европа
Велика Британија ќе распореди војници во Украина во случај на мир
Канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека потпишувањето на „декларацијата за намера“ е јасен сигнал дека Обединетото Кралство ќе распореди војници во Украина во случај на мировен договор.
Во соопштението од Даунинг стрит се вели дека ова е „клучен дел од силната и долгорочна посветеност на Велика Британија“ за поддршка на Украина.
Најавено е дека Мултинационалните сили за Украина ќе дејствуваат како безбедносна сила за зајакнување на безбедносните гаранции и ќе ѝ помогнат на Украина да се врати во мир и стабилност, истовремено поддржувајќи ја обновата на сопствените вооружени сили.
Додадено е дека потпишувањето на декларацијата го отвора патот за воспоставување правна рамка за дејствување на британските и француските сили на украинска територија, вклучително и заштитата на украинското небо и море. Канцеларијата на премиерот, исто така, изјави дека денешните разговори ги детализирале механизмите за распоредување на силите на терен и дека Обединетото Кралство и Франција ќе воспостават воени центри низ цела Украина по прекинот на огнот, како и заштитени објекти за оружје и воена опрема.

