Македонија
Македонскиот полициски синдикат: Политичките партии да не ги заплашуваат нашите членови
Македонскиот полициски синдикат како единствен репрезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансиска полиција во пресрет на чествувањето на 4 февруари, денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев, со обраќање до своето членство.
„Секојдневно покажувате на дело како се сака татковината и како се извршува службата што ви ја доверила.
Исправени гордо пред браникот на нашата држава ги манифестирате вашата човечност и саможртвата оставајќи пример за идните генерации, пример за тоа како се сака и почитува својата татковина во време на многубројни предизвици со кои секојдневно се соочувате во минатото, но и денес.
Токму од таа причина, како единствен репрезентативен синдикат што се грижи за своето членство сакаме да ви укажеме доследно да ги извршувате своите работи и работни задачи во согласност со законската регулатива на Република Северна Македонија. Да не се ставате во функција на политичките партии и други групации заради вршење кривични дела и прекршоци, да не го нарушувате угледот на институцијата во која работите и да се воздржите од какви било провокации на активисти на политичките партии и други групации“, велат од овој Синдикат.
Додаваат дека само со професионален пристап и професионално работење ќе се подобри интегритетот на вработените во безбедносните служби и ќе се зајакне довербата на граѓаните што тие ја имаат како за вработените во Министерството за внатрешни работи така и за вработените во Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Управата за финансиска полиција.
„Безбедносните служби мораат да бидат надвор од партиските или какви било други влијанија затоа што само деполитизирани безбедносни служби може да гарантираат безбедност, правна држава и непристрасно спроведување на законите за сите. Истовремено, ги повикуваме политичките партии и нивните локални претставници, како и сите други радикални групации, да не ги заплашуваат нашите членови и воопшто сите вработени во безбедносните служби бидејќи времето на закани и уцени е едно минато време и никој повеќе не може даги заплашува претставниците на Синдикатот и безбедносните служби“, се додава во соопштението.
Ги охрабруваме сите наши членови, велат од таму, да ги пријават сите вербални притисоци врз нив и да не потклекнуваат на какви било притисоци од кој и да е.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Стратегиската линија на ВМРО-ДПМНЕ е дека националниот идентитет не е предмет на преговори
„Македонија може да биде европска само ако е стабилна во својата самосвест и сигурна во сопствениот идентитет. Во европската традиција на народните партии, националното не е етноцентричен инструмент, туку демократски израз на заедничка историја, култура и политичка волја. За Македонија ова е особено важно: државата е млада, изложена на историски искушенија и често соочена со обиди за релативизирање на нејзиното постоење“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на отворањето на XVIII Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“.
Претседателот Мицкоски потенцираше дека Македонија може да чекори сигурно кон Европа само доколку е стабилна во сопствената самосвест и цврста во заштитата на својот идентитет. Во таа насока, претседателот Мицкоски ја презентираше стратегиската рамка на ВМРО-ДПМНЕ:
„Националниот идентитет не е предмет на преговори; почитта кон другите идентитети е вредност, но не на сметка на сопствениот.
Јазикот, историјата и културата се фундаментални државни столбови.
Компромисите во меѓународната политика може да бидат технички, но не смеат да бидат суштински.
Државното достоинство не е реторика, туку практична политика“, вели Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Историското наследство на Македонија е обврска, а не украс или сентимент
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на отворањето на денешниот 18-ти Конгрес на партијата кој се одржува во спортскиот комплекс ,,Јасмин” во општина Кавадарци под мотото „Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, имаше свое обраќање и се осврна на темата за државноста. Тој истакна дека наследството за јазик, државност и културната самобитност создаваат три обврски за денешната генерација, а самото историско наследство е најсилен мотив државата да биде поефикасна и поорганизирана.
,,Историското наследство на македонската државност не е сентимент или украс. Тоа е обврска. Од Илинденската идеја, преку АСНОМ, до независноста во 1991 година, секоја генерација ја има истата должност: да ја штити државата институционално, безбедносно, економски и културно. Историјата не е товар, туку темел врз кој се гради современата национална самодоверба“, рече Мицкоски.
Мицкоски трите обврски на денешната генерација се континуитет, модернизирање и достоинството на македонската државност и идентитет.
,,Наследството на борбата за слобода, јазик, државност и културна самобитност создава три обврски за денешната генерација: прво, да се зачува континуитетот и достоинството на државноста и идентитетот , да се модернизира државата така што ќе биде отпорна на надворешни притисоци и внатрешни слабости, и трето да се спречи злоупотребата на историјата за дневнополитички цели“, кажа Мицкоски и додаде:
,,Во 21 век, историското наследство не може да биде изговор за застој. Напротив, тоа е најсилен мотив државата да биде поефикасна, поорганизирана и повредносно кохерентна. Жртвите и идеалите на претходните генерации ја прават сегашната неефикасност, институционална слабост или корупција уште понедозволиви“.
Македонија
Мицкоски: Денес не зборуваме за бројки, зборуваме за обнова на македонската самодоверба
ВМРО-ДПМНЕ денеска го одржува 18-ти конгрес во Кавадарци, каде што претседателот, Христијан Мицкоски, во отворениот дел имаше воведно обраќање.
Во својот говор, Мицкоски истакна дека државата не се гради со зборови, туку со карактер, дека иднината не ја носат храбрите говори, туку храбрите одлуки и дека во животот на секоја генерација постои момент кога историјата престанува да биде учебник и станува обврска, а пред нас е точно тој момент.
„Денес, тука, не зборуваме само за програми, за платформи, за бројки или мерки. Зборуваме за нешто поголемо. За обновата на македонската самодоверба. За враќање на чувството дека оваа земја не е случајност, туку наследство, не е експеримент, туку победено право, не е компромис, туку завет од генерации што се бореле за да постоиме ние. И затоа, нашиот повик денес е повисок од политиката. Тој е повик да престанеме да бидеме публика во сопствената држава. Да престанеме да дозволуваме стравот, цинизмот или навиката да го определуваат нашиот пат. Македонија не смее да живее во дефанзива. Таа мора да застане исправено, со достоинство, со јасна мисла и со волја што не се крши“, рече Мицкоски.
Затоа, додаде Мицкоски, денес ја обновуваме големата идеја, дека државата е заеднички дом на сите, но обврска пред секого, дека слободата не е подарок, туку дисциплина, дека модерната Европа не е географија, туку вредност и дека напредокот не доаѓа од оние што чекаат, туку од оние што тргнуваат да го создадат.
„Ние сме тие што мора да тргнат. Затоа што никој од надвор нема да ни ја изгради државата, ниту ќе ни ја заштити историјата, ниту ќе ни ја напише визијата. Тоа е наша чест, наша должност и наша генерациска мисија. А ако нешто научивме во сите овие години, тоа е дека Македонија не паѓа кога е тешко, паѓа кога се откажува. Денес одбиваме да се откажеме. Одбиваме да ја прифатиме идејата дека малата држава мора да има мали амбиции. Одбиваме да веруваме дека нашите деца треба да си заминат од овде за да успеат, одбиваме да ја прифатиме приказната дека Македонија е премногу мала за големи работи. Напротив. Македонија е доволно голема колку што е голема нашата волја да ја направиме подобра. И денес таа волја постои. Зрела е. Посилна од било кога. Затоа што денес не почнуваме нешто ново, денес продолжуваме нешто започнато пред генерации. Го продолжуваме стремежот за државност, за достоинство, за место под сонцето што никој не може да ни го одземе“, истакна Мицкоски.
Нека се слушне од оваа сала, посочи Мицкоски до секој дом во земјава, дека ова е времето на создавање не на чекање, на визија не на страв, на обединување не на пресметки, на изградба не на извинување.
„Македонија влегува во деценијата на зрелост. А ние, собрани денес, сме должни да бидеме генерацијата што ќе ја постави темелната линија, дека државата може, дека државата знае и дека државата ќе успее. Ова е нашето ветување. Ова е нашиот завет и ова е нашата мисија“, порача Мицкоски.

