Македонија
(Видео) Костовски: 53 милиони од ЕУ за три капитални проекти, придобивките од евроинтеграцијата на дело
Процесот на евроинтеграција носи конкретни придобивки за државата и за граѓаните, унапредување на инфраструктурата, развој на економијата и раст на стандардот. 53 милиони за Македонија одобри Европската комисија преку повикот за инвестициски грантови за три нови проекти, истакна на денешната прес-конференција Мартин Костовски, пратеник на СДСМ.
Средствата, додаде тој, се наменети за спроведување на економскиот и на инвестицискиот план за Западен Балкан и опфаќаат реновирање шест хидроцентрали, изградба на ветерен парк во Богданци и изградба на регионални центри за цврст отпад во Полог, Пелагонија, Вардар, во Југозападниот и во Југоисточниот Регион.
„Претходно, во јули минатата година беа одобрени првите четири инвестициски проекти за спроведување на економскиот и на инвестицискиот план за Западен Балкан, во вредност од 225 милиони евра, за дел од железницата Македонија – Бугарија, набавка на опрема за фотоволтаичните станици ‘Осломеј 1’ и ‘Осломеј 2’, за фотоволтаична централа во Битола, како и за изградба на пречистителна станица за отпадни води во Скопје.
Ова е директна и конкретна помош, а нашата држава да ги изведе реформите, но и побргу и полесно да ги достигне европските стандарди преку подобрување на животната средина и унапредување на инфраструктурата“, посочи тој.
Средствата од европските фондови, според него, обезбедуваат унапредување на енергетската независност и заштита на животната средина, што понатаму сериозно влијае врз подобрување на квалитетот на живот за македонските граѓани.
Оценува дека со напредокот во евроинтегративниот процес ќе се отвораат и нови фондови, поддршката за државата ќе биде уште повеќе изразена и затоа е важно, додаде тој, секој од нас да покаже одговорност, да даде свој придонес кон носењето на потребните реформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно и релативно топло
Времето утре ќе биде променливо облачно и релативно топло.
Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има врнежи од дожд. На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 5, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови следува период на променливо време. Во недела претпладне ќе има локални врнежи од дожд, а на планините во северозападните делови од снег. Врнежи од дожд ќе има и во понеделник кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови, а на планините ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух врнежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а нови врнежи повторно се очекуваат од четврток.
Македонија
Трипуновски: Работиме на стабилен откуп и цена на суровото млеко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на поголемите млекарници во државата, на која се разговараше за стабилен откуп и цена на суровото млеко, покрај тоа што европскиот пазар и регионот се соочуваат со вишок на млеко.
На средбата се договори дека откупната цена на суровото млекото ќе биде стабилна, како и дека нема да има неоткупено млеко од страна на млекарниците.
Ќе се засилат контролите на пазарот со фокус на безбедноста и квалитетот на млекото и млечните производи, како и на добиточната храна.
Министерството останува посветено на унапредување на млекопроизводниот сектор и обезбедување на одржливи услови за фармерите и млекарниците, велат од таму.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.

