Спорт
MOK побара од владата да го смени Наумче Мојсовски и да ја стопира постапката за ваучери за 2023 година
Македонскиот Олимписки Комитет со став дека Агенцијата за млади и спорт продолжува со криминалните практики. Ова откако претходно и Антикорупциската комисија се огласи дека треба да се иницира кривично гонење на директорот Наумче Мојсовски и на членовите на Централната комисија за евалуација на предлог – листите за доделување на спортски ваучери.
„Почитувана Вицепремиерке, почитувана Г-ѓа Грковска,
Почитувајќи ја Вашата позиција првенствено насочена кон добро владеење, транспарентност и отчетност, одбравме да Ви се обратиме на најтранспарентниот начин, со јавно писмо.
Олимпискиот комитет на Северна Македонија е највисока невладина спортска институција согласно Законот за спорт член 17.
Согласно својата позиција и одговорност, должни сме да предупредиме дека и покрај општото јавно мнение и незадоволство од начинот на распределба на финансиските средства од страна на АМС во целост поткрепени со наодите на Комисијата за спречување на корупција и дефинитивно потврдено и докажано со заклучоците во Конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија каде негативно е оценета работата на АМС по сите точки и основи, раководството на истата во ист и непроменет состав продолжува со истите криминални практики.
Почитувана Г-ѓа Грковска, во изминатиов период во повеќе наврати со задоволство ги слушавме Вашите излагања во кои цврсто и одлучно повикувавте на неселективно доследно применување на принципите на одговорност, отчетност, транспарентност и добро владеење и управување со јавните финансиски средства за сите носители на јавни функции.
Веруваме дека со должно внимание сте го прочитале Конечниот Извештај на Државниот завод за ревизија каде прецизно се констатирани сите незаконски дејанија кои за жал се пракса во работењето на раководството на АМС. Внимавајте, се работи за милионски суми распределени без никаква контрола и механизми.
Дополнително, веруваме дека Ве загрижува фактот што од страна на Агенција за заштита е правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, АМС е рангирана на катастрофално 115 од 120 места како крајно нетранспарентна организација, што само по себе многу кажува!!
Дојде време да покажете на јавна сцена пред сите нас кои работиме и живееме за и во спортот, дали Вашите зборови и заложби имаат суштина или се само празни политички флоскули.
Согласно ова, ја повикуваме Владата и Вас лично како најодговорен функционер за оваа сфера, да го исполните јавно даденото ветување за чесно, одговорно и транспарентно работење на од Вас избраните и поставени функционери и да го разрешите директорот и комисиите поставени од него и да назначите нови, чесни и професионални лица кои доследно ќе го применуваат законот, правилниците и критериумите за доделување на средства на сите спортски субјекти.
Со оглед на тоа што во моментов тече постапката за доделување на ваучери за 2023 година, бараме ИТНО ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ПОСТАПКАТА, се до именувањето на новите членови на Централната комисија.
Одговорноста за брза и ефективна реакција е Ваша и е исклучиво во Ваши раце и нема простор за префрлање на вината кај нефункционалниот судски систем.
Македонските спортисти тоа го заслужуваат“, стои во соопштението на МОК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Драматична трка во нордиска комбинација, победи Офтебро
Победниот во нордиската комбинација (скокови од малата скокалница и 10 км трчање) беше решен во трилер-завршница. На крајот, златото го освои Норвежанецот Јенс Лурас Офтебро.
По скоковите на малата скокалница, Естонецот Кристијан Илвес беше прв. Тој имаше солидна предност пред двата најголеми фаворити, лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Австриецот Јоханес Лампартер (21 секунда) и Норвежанецот Јенс Лурас Офтебре (28 секунди).
Но, уште од самиот почеток на скијањето во крос-кантри на 10 км, беше јасно дека Илвес нема долго да биде во водство. Група од шест натпреварувачи, предводени од Офтебро, го фатија на половина од трката.
Групата од седум натпреварувачи беше компактна до последниот километар. Потоа Офтебро направи потег и се одвои. Но, неговото темпо го следеше лидерот во генералниот пласман на Светскиот куп Јоханес Лампартер и му дишеше во вратот до целта. Во последните 50 метри им се придружи и Финецот Еиро Хирвонен. Сите тројца влегоа на целта со минимално растојание, но на крајот, Офтебро заштеди доволно гориво во резервоарот и на крајот победи со време од 29:59,4.
Лампартер го освои сребрениот медал една секунда зад него, додека бронзата му припадна на Хирвонен, 2,5 секунди зад лидерот.
Foto/ EPA
Спорт
Сноубордер на ЗОИ со две фрактури на вратот итно хоспитализиран
Камерон Болтон (35), сноубордер од Австралија, го скрши вратот кога падна за време на тренингот на Зимските олимписки игри. Веднаш бил префрлен со хеликоптер во болница во Милано.
Болтон падна за време на тренингот во сноуборд крос во Ливињо. Иако успеал веднаш по падот да ја напушти патеката, следниот ден се разбудил со силна болка во вратот.
Дополнителните тестови покажаа две фрактури, по што итно е префрлен со хеликоптер за понатамошно лекување.
„Кам сакаше неговите сонародници да знаат што се случува и дека е добро и дека за него се грижиме на најдобар можен начин. Тој е свесен колку сериозно пристапуваме кон неговата ситуација и комуникацијата беше одлична. Горда сум на нивото на грижа што ја доби“, рече Алиса Камплин од Австралискиот олимписки комитет.
Болтон освои сребро во мешан тимски сноуборд крос на Светското првенство минатата година со Миа Клифт.
Спорт
Влаховиќ бара 15.000.000 евра само за потпис на договорот
Според информациите од италијанските медиуми, повеќе нема да има преговори меѓу Душан Влаховиќ и челниците на Јувентус, околу нов договор. Сигурно е дека српскиот напаѓач, во јуни како слободен играч ќе го напушти клубот.
Весникот „Коријере дело Спорт“ денес донесе информации, околу финансиските барања на Влаховиќ кога станува збор за следниот договор.
Според нивните информации, српскиот фудбалер бара 10.000.000 евра годишна плата, како и бонус за потпис од 15.000.000 евра.
Дури и сега, со 12.000.000 евра годишна заработка, Влаховиќ е меѓу најплатените фудбалери во Серија А и е убедливо најплатениот во клубот.
Во преговорите околу новиот договор, Јувентус се обиде да ја намали таа сума, но да му понуди договор на Србинот на неколку години, така што намалувањето на платата би било компензирано, но тој ја одби таа понуда.
Како што тврди „Кориере“, Влаховиќ ги претпочита Баерн и Барселона како опции, кои најмногу се споменуваат во последните шест месеци.
Foto/ depositphotos

