Македонија
Османи – квинта-амбасадорите: Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на ОБСЕ
Денеска, претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, се сретна со квинта-амбасадори на ОБСЕ од Виена. Станува збор за амбасадорите на САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, со кои Османи уште еднаш ја повтори заложбата на претседателството со ОБСЕ во 2023 година, но и изрази силна благодарност за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на програмата.
Тој се осврна на приоритетите на претседателството на Македонија за изнаоѓање начини за промовирање позитивни промени за луѓето, со примарен фокус на теренското присуство на ОБСЕ и поддршка на работата на теренските мисии во регионот со цел да може да продолжат да даваат резултати, особено во актуелниот сложен контекст.
„Нашето мото ‘За луѓето се работи’ ги одразува нашите ориентации и цели како претседавачи со ОБСЕ и Северна Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на Организацијата стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност, кои се клучни за севкупната европска безбедност“, рече Османи.
На средбата со големата петорка, меѓу другото, се разговараше и за поддршката кон Украина за што Османи повтори дека ќе се работи и за обезбедување програмска поддршка со цел да се ублажат страдањата и уништувањата предизвикани од руската агресија, но потсети и дека во рамките на претседателството Северна Македонија ќе остане будна и континуирано ангажирана и за другите кризни региони, кои бараат постојано внимание.
„Сведоци сме на зголемена тензија во Источна Европа, во Кавказ, во Централна Азија и во нашиот сопствен регион на Југоисточна Европа како резултат на сегашната агресија. Ќе се обидеме да ги адресираме и нив во согласност со приоритетите колку што е можно во сегашните околности“, рече Османи додавајќи дека и покрај тековните предизвици во нашиот регион, како претседавач со ОБСЕ, ќе се фокусира на агенда што може дополнително да ги зајакне напорите за помирување и градење доверба.
„Борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење ќе бидат на врвот на нашата листа на приоритети бидејќи тоа е заедничка слабост која го загрозува демократскиот и социо-економскиот раст. Ќе се фокусираме и на заеднички ангажман во соочувањето со заедничките еколошки предизвици“, истакна Османи.
На средбата со петорката амбасадори претседавачот Османи изрази благодарност и за нивната политичка поддршка осврнувајќи се на важноста од изнаоѓање заеднички синергии во контекст на исполнување на вредностите на Организацијата и придвижување на процесите напред, но неоотргнувајќи се од принципите и заложбите на ОБСЕ.
„ОБСЕ има многу да им понуди на сите региони во просторот на ОБСЕ за ублажување на тензиите и враќање на критичкиот дијалог. Сите страни мора да го признаат и целосно да го искористат потенцијалот на оваа платформа. Ќе останеме фокусирани на суштинскиот мандат на нашата Организација, а тоа е поддршка за функционална и флексибилна организација, промовирање на човековата безбедност преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка, како и поддршка на основните човекови права, толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски на терен: Сите патишта се проодни, снегот редовно се чисти од Македонија пат
Сите патишта во државата се проодни благодарение на макотрпната работа на луѓето од Македонија пат, кои даваат се’ од себе да се справат со обилните врнежи од снег кои ја зафатија државата, изјави денеска заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој ги посети пунктовите на Македонија пат на планинските превои “Стража” и “Пресека”.
– Денеска сум на терен во увид на активностите на Македонија пат, можам да кажам дека состојбата е добра, сите патишта во државата се проодни. Би сакал да им се заблагодарам на овие прекрасни луѓе од Македонија пат, кои што даваат се’ од себе, за сите патишта да се проодни и чисти. Тука сме на увид на планинскиот превој “Стража”, претходно бев во увид на патниот превој “Пресека”, и ќе продолжам на уште неколку места, рече Николоски.
Тој упати благодарност до работниците на Македонија пат и упати апел до сите граѓани кои имаат потреба да патуваат, да возат внимателно, да ја прилагодат брзината според условите на патиштата и без исклучок да поседуваат зимска опрема.
– Би сакал да се заблагодарам на сите работници, на сите оние кои што помагаат, да ги замолам сите кои што патуваат, да ги почитуваат прописите и правилата, да користат зимски гуми, секаде каде што е потребно ланци и сета дополнителна опрема и да ја прилагодат брзината. Ние ќе направиме патиштата секаде да се проодни и да не се почувствува или минимално да се почувствува ова невреме кое што ја зафаќа Македонија, апелираше вицепремиерот Николоски.
Македонија
УХМР: Најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните и западните делови на земјата
Од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата. Во Охридско-Преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
„Исто така, утринава е висок водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот и можни се локални излевања на реката во тој дел (во Гостиварскиот регион), а можни се појави на заезерување на водата во Полошката Котлина.
Значително е висок водостојот на река Црна во долниот дел од течението и можни се локални излевања на реката и појави на заезерување на водата во Пелагониската Котлина, а исто така и во делови од Битолско-Прилепскиот регион. Во горниот дел од сливот нема позначително зголемување на водостојот но можни се заезерувања во Демир Хисарскиот регион.
Останува висок водостојот на река Треска и таму се можни локални излевања и заезерувања во целиот слив на реката, вклучително и Кичевскиот регион.
Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата.
Предупредуваме на вниателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден“, се наведува во соопштението на УХМР.
Македонија
Денеска гласаат болните и затворениците пред повторните избори за градоначалници во четири општини
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните избори за градоначалници на општините Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, информира Државната изборна комисија.
„Вкупно 249 болни или немоќни лица можат да го остварат своето право на глас на овие избори. Од нив, 146 лица се пријавени за гласање во Гостивар, 32 болни или немоќни лица имаат право да гласаат во Врапчиште, 69 лица може да гласаат за градоначалник на општина Маврово и Ростуше и 2 лица може да гласаат за градоначалник на општина Центар Жупа. Со почеток во 7:00 часот во 7 казнено поправни установи, своето право на глас можат да го остварат 94 лица кои се на издржување казна затвор или притвор“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека гласањeто досега се одвива непречено и без проблеми.

