Спорт
Мојсовски: МОК и Димевски изнесоа многу невистини
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, се огласи по повод барањето за негова оставка од МОК и информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупција за злоупотреби со ваучер системот.
„Агенцијата за млади и спорт сака да ја информира јавноста дека информациите изнесени од страна на членови на Државната комисија за спречување на корупцијата поврзани со даночното ослободување на спортските субјекти, преку т.н. “ваучерски систем”, се тенденциозни и целосно неточни.
Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем.
Тука пред се укажуваме на јавното обраќање, исполнето со грст невистини од страна на претседателот на МОК г-дин Даниел Димевски, кој “случајно” коинцидира со денот на одржување на седницата на ДКСК. Имено господинoт Димевски јавно побара разрешување во АМС и итно замрзнување на постапката за доделување на спортски ваучери. Притоа ова е побарано од човекот кој е идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери, човекот кој во 2020 година кумулира две функции Претседател на централната комисија за доделување на спортски ваучери, член на управниот одбор на МОК а подоцна и негов претседател, и во исто време човек кој истата таа 2020 година побарува износ од 15 милиони денари за МОК иако требало како претседател да биде свесен дека таа институција во тој момент не ги исполнува законските услови за регулирана спортска дејност.
Основната идеја за донесувањето на мерките за даночни олеснувања во форма на ваучери за спортските субјекти уредени првично со измените во Законот за спортот од 2019 година, имаше за цел да се зголеми државната поддршка на македонскиот спортски систем и да се стимулира приватниот сектор повеќе да инвестира во спортот. Идејата е поддршка на националните спортски федерации, спортските клубови и индивидуалните спортисти, да биде поставена на цврсти темели кои ќе гарантираат објективност и транспарентност во постапките.
За таа цел, се донесоа неколку измени во Законот за спортот во 2019 година (Службен весник бр.98/19 и 244/19) и се донесе Правилникот во кој се наведени поблиските критериуми за користење на средства од даночно ослободување, начинот на бодување и рангирање како и формата и содржината на Барањата за даночно ослободување.
Членовите на Централната комисија се на предлог на Владата, но тие не се оние кои ги “доделуваат” ваучерите за даночно ослободување, како што е посочено од страна на ДКСК, туку се административна комисија која врши само административно – техничка обработка и евалуација на пристигнатите апликации и предлог – листата ја доставува до Советот за спорт (кое е стручно – советодавно тело, согласно член 25 од Законот за спортот). Советот за спорт во рок од 5 дена од приемот на предлог-листата на спортски субјекти кои ги исполнуваат критериумите за користење на средства од даночното ослободување, на седница ја утврдува и усвојува предлог ранг – листата. Вака усвоената листа на субјекти Агенцијата за млади и спорт ја објавува на својата веб – страница.
Очекуваме дека надлежните институции во најкраток можен рок ќе се произнесат за обвинувањата на ДКСК со цел јавноста да има целосен увид во работата на Агенцијата за млади и спорт.
Истовремено најавуваме дека Агенцијата за млади и спорт е целосно отворена за соработка со сите надлежни институции и воедно заедно со директорот Мојсовски ќе ги преземеме сите правни процеси со цел да се заштити угледот на институцијата“, се вели во соопштението на Агенцијата за млади и спорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тудор добил понуда за работа Англија
Игор Тудор пред десет дена доби отказ во Јувентус, а веќе добил понуда за нова работа.
Според медиумите на Англија, Тудор добил повик од Вулверхемптон, кој неодамна го отпушти Витор Переира.
Главен ривал на Тудор за работата ќе биде уште еден поранешен тренер на Јувентус, Тијаго Мота. Интересно е што двајцата се уште прмаат плата во Јувентус. Тоа ќе биде така се додека не најдат клуб.
Мота има договор до 30 јуни 2027 година, вреден околу 5,5 милиони евра по сезона, на што треба да се додадат уште два милиони бруто за неговиот тренерски персонал.
Договорот на Тудор е малку помал, а неговата вкупна бруто цена за Јувентус е приближно половина од онаа на Мота, односно околу осум милиони евра.
„Волците“ се најлошиот тим во Премиер лигата оваа сезона, со само два освоени бода и без ниту една победа во првите 10 кола.
Спорт
Осмајиќ доби долга суспензија поради расизам
Фудбалерот на Престон, Милутин Осмајиќ, е суспендиран на девет натпревари, бидејќи како што утврди ФА, на расна основа го навредил играчот од средниот ред на Барнли, Ханибал Межбри.
Инцидентот се случил за време на натпреварот без голови помеѓу Престон и Барнли во февруари, во Чемпионшип.
Осмајиќ ќе ја отслужи казната до 29 декември, кога неговиот Престон ќе гостува кај Рексам. Напаѓачот е казнет и со парична казна од 21.000 фунти.
Црногорецот ги негираше обвиненијата, по истрагата што беше започната во март, додека рочиштето беше одржано во септември.
ФА објави дека по рочиштето е докажано дека имало прекршување на правилата, бидејќи Осмајиќ користел „навредливи и/или погрдни зборови што се однесувале на бојата на кожата и/или расата“ на Межбри.
Престон објави дека е многу разочаран од пресудата и ја повтори својата осуда на сите форми на дискриминација.
Контроверзниот натпревар беше прекинат неколку минути во второто полувреме, кога Межбри реагираше бурно на нешто што му го кажал Осмајиќ. Потоа, тој имаше долг разговор со судијата Ендру Кичен.
Две недели подоцна, тимовите повторно се сретнаа во петтото коло од ФА Купот, каде што Осмајиќ го постигна вториот гол за Престон и гестикулираше кон навивачите на Барнли во знак на прослава.
Ханибал не беше во тимот на Барнли за тој натпревар по одлука на тренерот Скот Паркер, а играчите на актуелниот член на Премиер лигата одбија да се ракуваат со Осмајиќ пред почетокот на натпреварот во кој Престон победи со 3:0.
Ова е втора долга суспензија за Осмајиќ во претходниот период: во сезоната 2024/25 беше суспендиран на осум натпревари, откко го гризна на играчот на Блекбурн Роверс, Овен Бек, во септември 2024 година.
Тогаш ја призна вината по обвинението за насилно однесување, а беше казнет и со 15.000 фунти.
Осмајиќ е член на англискиот клуб од летото 2023 година.
Спорт
Претседателот на Наполи: Стадионот „Марадона“ е депонија
Претседателот на Наполи, Аурелио де Лаурентис, даде интересна изјава зборувајќи за стадионот „Диего Армандо Марадона“, каде што игра актуелниот шампион на Италија.
Де Лаурентис го нарече стадионот „депонија“, тврдејќи дека на Неапол му е потребен нов и модерен стадион, но дека градските власти го блокираат тоа.
Тој ги спореди приходите од натпреварите на Наполи со оние на клубовите од Милано, велејќи дека Милан и Интер би можеле да заработат 14 милиони евра од Лигата на шампионите, додека приходите на неговиот тим се многу поограничени.
„Можеме да добиеме само до три милиони во таа депонија на Марадона. Тоа е голема разлика, нели?“ рече Де Лаурентис.
Италија работи напорно на реновирање на постојните или изградба на нови стадиони за Европското првенство во 2032 година, кое ќе биде ко-домаќин со Турција.
Наполи, кој двапати беше шампион на Италија во последните три сезони, има стара зграда, која е реновирана шест полни години, но сепак е непрофитабилна.
„Би сакал стадион со 70.000 седишта, 120 ВИП ложи и 8.000 паркинг места. Ни требаат 30 хектари за да изградиме прекрасен стадион“, заклучи Де Лаурентис.

