Македонија
Македонија испраќа помош во Турција по катастрофалниот земјотрес
Македонската Влада попладнево одржа вонредна седница, со цел обезбедување итна помош за Турција, по катастрофалниот земјотрес што ја погоди земјата со големи човечки загуби, повредени граѓани, како и големи материјални штети.
МНР информираше дека има државјани од Северна Македонија во погодените подрачја во Турција, кои се наоѓаат на безбедни локации и меѓу кои нема жртви и повредени. Почесниот конзулат, според информацијата од Министерството за надворешни работи, има подготвено планови за сместување, брза медицинска помош и поддршка со храна и пијалаци за наши државјани, доколку за тоа се појави потреба.
Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку дипломатско конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Република Турција (Анкара и Истанбул), да ги координира активностите за евакуација на државјаните на Република Северна Македонија од погодените подрачја.
Владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, го задолжи Министерството за финансии да подготви и до Владата да достави одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот во износ од шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес;
„Се задолжуваат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во координација со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, итно да подготват и до Владата да достават соодветна одлука за испраќање на сили/тимови за заштита и спасување, коишто ќе се вклучат во погодените подрачја, како и одлука за испраќање хуманитарна помош за заштита и спасување во Република Турција;
Се задолжува Министерството за одбрана во рамките на своите надлежности итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување соодветна помош во персонал, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош;
Се задолжува Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови“ се дел од заклучоците од вонредната владина седница.
Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално – текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јавен собир во прекин сообраќајот кај Плетвар
Од 11:30 часот започнат е најавен јавен собир на околу 150 лица од ромска националност поради измените на ЗБСП, на крстосница за с. Ореовец на планински превој Плетвар на магистралниот пат А1 Прилеп- Градско, патниот сообраќај е во прекин во двата правци. На блокадата има поставено возила, гуми и други предмети, соопшти АМСМ.
Кај Касарната во Кичево блокирана е една сообраќајна лента во правец од Скопје према Охрид, возилата се пренасочуваат преку регионален пат за Осломеј, додека другата сообраќајна лента правец Охрид према Скопје е слободна за движење.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла од 30 – 40м. има на патниот правец Попова Шапка – с.Лисец.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски: Културата е наш приоритет, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали се планира поддршка за проекти од национален интерес во културата, изјави:
„Да, оваа година имаме зголемен буџет за половина милијарда денари, културата е наш приоритет. Програмата е отприлика негде околу 25 милиони евра, средства којшто ќе бидат распределени во културата“.
Македонија
По протестите за „Безбеден град“, Мицкоски најави жесток одговор за секој кој го прекршил законот
Премиерот Христијан Мицкоски побарал да биде санкциониран секој што јавно упатувал закани и го загрозувал мирот и безбедноста, по вчерашните протести за „Безбеден град“.
Утрово, премиерот разговарал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и побарал од него соодветна реакција за секое прекршување на законот.
„Она што го побарав од него е кон секој оној што го прекршил законот, се заканувал и го загрозил мирот на граѓаните, жестоко да се одговори. И ќе биде одговорено жестоко, за да не се повтори вчерашното дивеење што се случи“, изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.
Вчера на неколку локации во државата беа блокирани патни правци, при што граѓани палеа гуми на коловозите и протестираа, изразувајќи незадоволство од измените во Законот за сообраќај и одземањето на неколку моторни возила. Жители на повеќе ромски населби низ Македонија тврдат дека се дискриминирани, наведувајќи дека дел од нив немаат завршено образование и поради тоа немаат услови да полагаат за возачка дозвола.

