Македонија
СДСМ: Принципи и заеднички заложби за коалициска соработка меѓу СДСМ и Алијанса на Албанците
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Алијанса за Албанците постигнаа договор за заедничка коалициска соработка врз основа на принципи и заеднички заложби како и имплементација на Програмата за работа на Владата, соопштија од СДСМ.
Двете партии, како што велат од таму, ќе бидат максимално посветени на: реализирање на Програмата на Владата, зголемување на ефикасноста на Собранието и институциите, спроведување на мерките за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зајакнување на економијата, борба против криминалот и корупцијата, поддршка на стратешкото партнерство со САД, на одлуките и реформите за продолжување на европскиот пат и остварување на полноправно членство во ЕУ.
„Приоритетие на заедничката соработка се:
1. Владеење на правото и борбата против корупцијата.
Почитување и точно спроведување на основните европски вредности како што се еднаквоста, почитувањето на човековите права, транспарентноста, слободата на медиумите, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и владеењето на правото.
Градење независно, ефективно и правично судство, искоренување на корупцијата, деполитизирана и професионална администрација, како и вклучување на граѓаните во јавниот живот.
Ветинг на јавни функционери, базиран на најдобрите европски искуства, нови одредби за јавна финансиска контрола .
2. Држава за сите
Негување и поттикнување добри меѓуетнички односи, за општество на еднакви граѓани. Држава за сите, правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот, елиминација на сите форми на дискриминација, по сите основи додади и културен напредок на сите заедници.
Правилна и соодветна застапеност со што ќе се утврдат процедуралните и институционалните мерки за постигнување пропорционално вработување и елиминирање на структурната дискриминација на сите нивоа и во сите други области од јавниот живот, како за заедниците, така и за родова застапеност и лица со посебни потреби.
3. Рамноправен економски и територијален развој
Посветеност на неопходните реформи во транзицијата на економијата и финансиите, како и за подобрување на севкупните економски развојни перформанси и намалување на нееднаквостите. Фискална децентрализација и правична распределба на јавните приходи, намалување на јазот меѓу регионите, поддршка на локалните претпријатија и иновациите, зголемувањето на странските инвестиции и зголемувањето на ефикасноста на јавните претпријатија.
4. Развојна држава и зелена енергија
Унапредување на развојот држава, заснована на заштита на животната средина, преку одржливото земјоделство и енергетската транзиција.
5.Здрави граѓани
Подготвување и реализација на сеопфатни државни стратегии за здравствениот систем, со цел зголемување на ефикасноста и подобрување на здравствената и медицинската услуга“, истакнуваат во официјалната информација од партијата на власт.
Додаваат дека за наведените клучни приоритети се обврзуваат за изготвување на конкретни законски решенија, законски измени и подобрувања, мерки и политики за нивна реализација до крајот на мандатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

