Свет
Што знаеме за чудните објекти кои Американците масовно ги соборуваат од небо
Американските авиони веќе масовно соборуваат необични објекти од небото. САД не знаат точно што е тоа, но тие веруваат дека првиот објект бил кинески шпионски балон.
На брифингот во неделата навечер, американското Министерство за одбрана зборуваше за „зголемена состојба на готовност“. Велат дека повнимателно го проучуваат американскиот воздушен простор и оти радарските филтри се прилагодени да препознаваат помали објекти на небото. Беше кажано и дека соборените објекти не претставуваат воена закана, а Министерството за одбрана тврди дека „работат за истражувачки цели“.
Но, до кога може да се продолжи со оваа политика „пукај прв“, прашува во кратка анализа новинар на „Скај њуз“.
Јасно е дека тоа ќе зависи од собирањето и анализата на остатоците. Ќе дојде време кога САД ќе знаат со што се занимаваат и ќе заземат конкретен став – но, во меѓувреме, не сакаат да ризикуваат.
Американскиот претседател секако не го интересира ризикот, барем што се однесува до политиката. Неделата започна со критики упатени кон Џо Бајден затоа што се двоумел да издаде наредба за соборување на кинески шпионски балон.
Се’ заврши со тоа што тој се огласи на Твитер остро говорејќи за Кина — „ние ќе дејствуваме за да ја заштитиме нашата земја“ — додека американските сили истовремено се обидуваа да дојдат до она што го соборија над езерото Хјурон.
И на последниот неделен брифинг, врвот на Министерството за одбрана ја отвори вратата за нови шпекулации. На прашањето за време на брифингот дали објектите би можеле да бидат вонземјани, генералот на американските воздухопловни сили Глен Ван Херк одговори: „Не исклучувам никаква можност“.
Но, соборувањето на огромен кинески балон кај американскиот брег, проследено со соборување на два помали објекти над Алјаска и Канада, и друг над Мичиген во неделата, ја зголеми загриженоста за северноамериканската безбедност и дополнително затегнатите односи со Кина, пишува Гардијан. .
За кои четири објекти зборуваме?
Приказната започнува кон крајот на јануари, кога џиновски кинески балон, за кој американските официјални лица рекоа дека бил надзорен балон, лебдеше на небото на САД со денови пред да биде соборен од авион Ф-22 во близина на брегот на Јужна Каролина на 4 февруари. Кина инсистираше на тоа дека тоа е цивилен балон за метеоролошки и други научни истражувања и дека скршнал од курсот.
Пентагон тврдеше дека балонот имал големина на три автобуси кои тежеле повеќе од еден тон; дека е опремен со повеќе антени и има соларни панели доволно големи за да напојуваат неколку сензори за собирање разузнавачки податоци.
Потоа, во петокот, на 10 февруари, американските борбени авиони соборија друг објект во близина на северна Алјаска, соопшти војската, додавајќи дека тој бил „во американскиот суверен воздушен простор над територијалните води на САД“. Официјалните лица, исто така, објавија дека објектот немал погонски или контролен систем.
Во саботата, американски авион Ф-22, нарачан од САД и Канада, собори „воздушен објект на голема височина“ над централната канадска територија Јукон, на околу 160 километри од границата со САД, велејќи дека претставува закана до цивилни летови. Канада рече дека овој балон бил цилиндричен и помал од првиот забележан балон. Канадската министерка за одбрана Анита Ананд одби да шпекулира дали потекнува од Кина.
Официјалните лица рекоа дека вториот и третиот објект биле со големина на буба на Фолксваген.
Во неделата, американскиот претседател Џо Бајден им нареди на американските воени авиони да соборат неидентификуван објект над езерото Хјурон во Мичиген „како мерка на претпазливост“, изјави висок претставник на администрацијата.
Објектот беше опишан како осмоаголна структура со жици кои висат од него и не се сметаше за воена закана за ништо на теренот, но може да претставува опасност за цивилната авијација бидејќи леташе на околу 6.000 метри, рече официјалниот претставник.
Водачот на мнозинството во американскиот Сенат, Чарлс Шумер, кој беше пријавен од администрацијата на Бајден по инцидентот во Јукон, во неделата, пред инцидентот на езерото Хјурон, рече дека претходните два објекти најверојатно биле балони, „но многу помали од првиот“ и дека обата летале на околу 12.200 метри.
Само првиот случај досега му се припишува на Пекинг.
Американскиот воен командант, кој го чува воздушниот простор на САД, во неделата изјави дека не може да утврди како последните три објекти соборени во изминатите три дена успеале да останат во воздух, додавајќи дека со причина не ги нарекол балони.
Што беше пронајдено?
Воени тимови кои работат од авиони, бродови и мини-подморници ги пребаруваат плитките води кај Јужна Каролина за да го бараат првиот објект, а воените слики покажуваат извлекување на големо парче балон. ФБИ ги презема остатоците за да направи анализа.
Продолжуваат операциите за извлекување на вториот објект на морскиот мраз во близина на Дедхорс, Алјаска.
„Арктичките временски услови, вклучувајќи замрзнати ветрови, снег и ограничена дневна светлина, влијаат на операцијата“, соопшти војската.
Тимовите за спасување поддржани од канадски патролен авион ЦП-140 трагаат по остатоците од трет објект во Јукон, рече Ананд во саботата.
Пентагон соопшти дека ФБИ тесно соработува со канадската полиција.
Во потрагата по делови од четвртиот уништен објект се очекува да биде вклучена и американската војска, која е опремена со специјална опрема за нуркање наменета за екстремно студените води на езерото Хјурон во Мичиген.
Зошто одеднаш се појавија толку многу објекти?
САД соопштија дека балоните се дел од „флота“ распространета на пет континенти. Некои аналитичари веруваат дека тоа би можело да биде почеток на големото кинеско набљудување насочено кон странските воени капацитети пред можна ескалација на тензиите околу Тајван во наредните години.
Аналитичарите велат дека американските и канадските разузнавачки агенции постојано добиваат огромни количини необработени податоци, но дека нивната обработка се фокусира главно на потенцијалните ракетни закани, а не на бавните објекти како балони.
„Сега, се разбира, ги бараме. Така, мислам дека веројатно ќе најдеме повеќе“, изјави за NBC Џим Химс, највисокиот демократ во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом.
Пентагон соопшти дека внимателно ја анализира состојбата по откривањето на балоните.
Официјални лица рекоа дека сега е познато оти три балони накратко летале над територијата на САД за време на администрацијата на Доналд Трамп, но не биле откриени во тоа време и дека летале и претходно, за време на мандатот на Бајден.
Како сето ова влијае на односите меѓу САД и Кина?
Соединетите Американски Држави ја откажаа посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Кина, која имаше за цел да ги стабилизира сериозно заладените односи. Покрај тоа, тие санкционираа шест кинески субјекти за кои се верува дека ги поддржуваат програмите за шпионски балон на војската.
Пекинг го осуди соборувањето на првиот балон, велејќи дека тоа „сериозно ја нарушува меѓународната практика“. Тие рекоа и дека „го задржуваат правото да ги користат сите неопходни средства за решавање на слични ситуации во иднина“.
Кинезите не реагираа на соборувањето на последните три објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ирански вооружени сили порачаа дека САД и Израел ќе добијат невидена лекција
Портпаролот на иранските вооружени сили Аболфазл Шекарчи денеска изјави дека Иран на САД и Израел ќе им одржи лекција „каква што никогаш во историјата не доживеале“.
По утринските напади на САД и Израел врз Иран, Шекарчи рече дека иранските вооружени сили веднаш реагирале и покренале ракетни напади на секоја локација која била во служба на американската и израелската војска, пренесува агенцијата Тасним.
„Со божја помош, ќе им одржиме лекција на САД и Израел каква што не доживеале во својата историја. Израелските бази веќе се соочија со проблеми и Иран подоцна ќе им удри уште поостар шамар“, предупреди воениот функционер.
Тој го повика иранскиот народ да не се грижи, да ги игнорира гласините и да ги следи официјалните вести преку националните медиуми.
Свет
Хамас ги осуди нападите врз Иран и повика на единство
Хамас ги осуди „ционистичко-американските непријателства врз Исламската Република“, истовремено повикувајќи на единство во муслиманскиот свет.
„Додека ја потврдуваме нашата солидарност со Исламската Република Иран пред лицето на непријателствата, повикуваме на единство и солидарност во арапската и муслиманската нација за да се спречат овие непријателства“, соопшти Хамас.
Тие ги обвинуваат САД и Израел дека се обидуваат повторно да ја исцртаат мапата на регионот „за да воспостават ’Голем Израел‘ на сметка на арапските и муслиманските земји“.
Во меѓувреме, Палестинскиот исламски џихад (ПИЏ), кој аналитичарите го опишуваат како посреден сојузник на Иран, соопшти дека Иран има право „да се брани и да ги одврати противниците“ како одговор на американско-израелските напади, пренесе Тајмс оф Израел.
„Овие непријателства не се насочени само против Иран, туку против сите земји и луѓе на нашата нација и се обидуваат да наметнат доминација од страна на воени злосторници“, вели ПИЏ. „Ги повикуваме народите на нашата арапска и муслиманска нација, како и синовите на нашиот палестински народ, да се обединат против овие непријателски намери“.
Свет
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб
Најмалку 40 лица се убиени во напад врз женско училиште во јужниот ирански округ Минаб, изјави локалниот гувернер за агенцијата Тасним.
Моментално нема достапни дополнителни информации, нагласува Тајмс оф Израел.
Иранските власти претходно го осудија инцидентот како „брутална агресија“. Властите во Иран сè уште не ги коментираа деталите за нападот, а нема коментар ниту од израелска страна.

