Македонија
СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ две години зборуваат само за избори и блокираат Собрание
Соочени со нов политички пораз Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги верглаат истите стари фрази и празни зборови. Нови „ќе“ моменти само за членовите на ВМРО-ДПМНЕ и спас на партиската фотелја на Мицкоски во Белата палата, велат од владејачкиот СДСМ преку соопштение.
„И пред една година за изборот на Владата на премиерот Димитар Ковачевски ВМРО-ДПМНЕ велеше дека нема да испорача резултат и дека владата ќе траела кратко, само што не се случиле предвремени избори.
После една година, резултатот на Владата на Ковачевски е првиот и најголем пораз за ВМРО-ДПМНЕ.
Во време на најголема глобална енергетска и економска криза, владата не само што испорача резултат, туку со владините антикризни мерки ја спаси економијата.
Имаме рекордно зголемување на домашното производство на струја за 40%, за прв пат после 70 години се вклучени сите капацитети, нема рестрикции, нема поскапување на струјата, има доволно и храна, греење, нафта, гас.
Најголем пакет во регионот од 760 милиони евра за помош на граѓаните и компаниите реализиравме и може да кажеме дека никој не беше оставен сам во оваа криза.
Не дозволивме струјата да поскапи оваа година а обезбедивме поволни сметки за училиштата, болниците, јавните установи.
Со зелената транзиција во енергетиката оваа година се инсталирани 150 мегавати зелена енергија од обновливи извори.
Минималната плата во време на криза ја покачивме, просечната плата исто така, пензиите ги покачивме. Се тоа во време на најголема криза и во време на блокади на ВМРО-ДПМНЕ.
После 17 години чекање започнавме преговори за членство во Европската унија со заштитен македонски идентитет.
Две и пол години Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зборуваат за предвремени избори и ново парламентарно мнозинство и тоа е уште еден политички пораз на Мицкоски.
Како заложници на Левица, ВМРО-ДПМНЕ и Левица се единствените против европскиот пат на земјата.
Уште долго време Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе останат во опозицијата, осамени и во малцинство во Собранието“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк со донација на компјутерска опрема ја зајакнува дигиталната настава во ДУЦОР „Партенија Зографски“
Со донација на нова компјутерска опрема за учениците од ДУЦОР „Партенија Зографски“ во Скопје, Халкбанк АД Скопје реализираше активност насочена кон унапредување на наставата и поддршка на децата со посебни образовни потреби. Опремата е наменета за полесен пристап до дигитални едукативни содржини, интерактивни програми и современи алатки што го поттикнуваат индивидуалниот развој.
Донацијата беше предадена во просториите на училиштето, во присуство на претставници на Халкбанк и претседателот на СОНК, што дополнително ја нагласи важноста на заедничката поддршка за унапредување на образовниот процес. Присутните имаа можност да се запознаат со секојдневните предизвици и потреби на учениците и наставниците, како и со значењето што новата опрема ќе го има во создавањето пофункционална и поинклузивна наставна средина.

„Во Халкбанк веруваме дека секое дете заслужува еднаква можност да учи и да расте, а технологијата може да биде клучниот елемент што ги отвора тие можности. Со оваа донација сакаме да придонесеме кон поинклузивно училишно опкружување и да им дадеме поддршка на наставниците кои секојдневно работат со исклучителна посветеност. Нашата соработка ќе продолжи и во 2026 година, затоа што вложувањето во развојот на младите е вложување во заедничката иднина“ – истакнуваат од Банката.

Халкбанк останува посветена на иницијативи што создаваат долгорочна општествена вредност и реално ја унапредуваат заедницата. Преку ваквите проекти, Банката продолжува да гради средина во која секое дете ќе има услови да напредува, да добие поддршка и да ја почувствува важноста на својот потенцијал.
ПР
Македонија
Никаде го немало македонското знаме на прославата на Денот на албанското знаме, прекршочна постапка за Општина Струга
Полицијата поднесе барање за поведување прекршочна постапка против Општина Струга и уште едно физичко лице затоа што на денот на прославата на Денот на албанското знаме, на бината, ниту на дел од кејот на Црн Дрим, не било истакнато македонското знаме.
„ОВР Струга поднесе барање за поведување прекршочна постапка против правното лице-општина Струга и против одговорното лице М.Ќ.(65) од струшкото село Биџево, поради сторено дело спротивно на член 6, а казнивo по член 11 од Закон за употреба на знамиња на заедниците во Р.С.Македонија“, соопшти МВР.
Пријавените, како организатори на настан по повод Денот на aлбанското знаме, што на 28.11.2025 се одржувал на улицата „Маршал Тито“ во Струга, покрај знамето на заедниците, ниту на бината, ниту на дел од кејот на реката Црн Дрим, не го истакнале и не го поставиле државното знаме на Р.С. Македонија, што според закон биле обврзани да го направат.
Македонија
Предлог Законот за Судски совет доставен на мислење на Европската комисија
Од Министерството за правда соопштија дека по добиеното мислење, Предлог Законот за Судски совет ќе се поднесе во собраниска процедура.
Станува збор, како што велат од таму, за конструктивен и содржаен документ кој доби позитивно мислење и од Венецијанската комисија.
„Клучни новини кои се предвидени со Законот: Јавност во постапкатата за разрешување на претседател/заменик на Советот, постапката мора секогаш да биде транспарентна.
Прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“.
Воведување јавна расправа за кандидатите за не-судски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.
Зајакнување на критериумите за избор, одговорност и разрешување на членови на Советот од редот на судиите.
Унапредување на целокупната правна рамка согласно препораките на ЕУ“.
За првпат, додаваат од министерството, ќе има објективно оценување на нивната работа, транспарентност во носењето одлуки и механизми за одговорност и на самите членови на Советот.
„Ова е клучна точка што ја нотираше и Оценската мисија на ЕУ – и сега РМ директно одговара на таа препорака“.

