Култура
Наградени најдобрите три раскази што пристигнаа на конкурсот „Тврдоглави“
На првото издание на анонимниот конкурс за краток расказ „Тврдоглави,“ наменет за млади писатели (на возраст од 16 до 26 години), пристигнаа 206 раскази, кои ги оценуваше стручно жири во состав: Оливера Ќорвезироска, Владимир Мартиновски и Николина Андова-Шопова.
Жирито констатира дека најголемиот дел од пристигнатите раскази ги задоволува предвидените пропозиции, а десетина текстови, кои по обем се значително подолги и инклинираат кон новели и куси романи, беа исклучени од процесот на селекција.
По опсежните дискусии за текстовите што влегоа во потесен избор, се донесе едногласна одлука, со што беа избрани три наградени раскази: првонаграден е расказот „Хектор“ (шифра 11597); на второ место е расказот „Тринастега“ (шифра Тринастега), а на трето место расказот „Кучешки празник“ (шифра Аглаонема). Жирито донесе одлука да издвои и три раскази што заслужуваат пофалба: „Архивски назив: Тремор“ (шифра Јупитер 8836), „Судиска грешка“ (шифра John Doe) и „Улицата на багремите, бр. 18“ (шифра: Табјера 18).
„Иако кај сите наведени раскази може да се забележат и одредени слабости, сите наградени и пофалени раскази се истакнуваат со одреден изграден, особен авторски стил. Секако, постои простор за подобрување и надградување за авторско растење кај авторите на овие раскази. Од она што овие текстови го нудат на стилски, идеен и естетски план, јасно е дека таквиот потенцијал е несомнено присутен. Станува збор за раскази што сведочат за нови авторски писма и оригинални пристапи во уметноста на кусото раскажување“, велат од жири-комисијата.
1. „Хектор“
Создавајќи фантазмагорична атмосфера, расказот „Хектор“ нè води низ необичната бизарна приказна: главниот лик брза на сопствениот погреб во место во кое сите машки деца треба да бидат погребани. Дозата црн хумор во расказот е внимателно определена, а забележливи се и грижата за структурата и специфичниот раскажувачки ритам и стил. Текстот се доближува до фантастиката и дистопијата, иако поради хуморот и одредената доза метафоричност не можеме да го определиме како фантастичен расказ. Со специфичен, автентичен и уверлив стилски израз, авторот/авторката успева да раскаже возбудлива, интересна и заокружена приказна. Впечатлив е автентичниот раскажувачки пристап базиран на црниот хумор и функционална недореченост. Во расказот нарацијата е искористена како семантичка назнака за одолжување на дејството спроведена и со одолжувањето на самата нарација. Очигледен е осмислениот концепт на хармонија помеѓу тоа „што се раскажува“ и она „како се раскажува“. Расказот има интересна, очудена структура: рамката на случката е речиси исто долга колку и вметнатиот дел со „играта“, чија намера е да одолжува, впрочем, како што ја одолжува својата смрт и главниот лик Хектор.
2. „Тринастега“
Тематски, расказот „Тринастега“ би можеле да го квалификуваме како љубовна приказна, иако ни е прикажан практично нејзиниот почеток. Видлива е грижата на авторот/авторката за економичноста на изразот. Текстот е кус по обем, но успешно е создадена сугестивна приказна со изградени ликови и со вешто напишани дијалози: доволни се и неколку реплики за да се исцртаат контурите на ликовите, што сведочи за драматуршката вештина на авторот/авторката. Во расказот е вклучена и епистоларија, како и повеќе референци од литературата и филмот, а науката и научните откритија функционираат на симболичко/метафоричко ниво. Сето тоа е сместено на прилично мал простор, но цврстината на наративната градба не се нарушува. Крајот на расказот е (полу)отворен, но и прилично сугестивен. Како, впрочем, и самиот наслов, кој иако навидум не значи ништо – целосно ја содржи суштината на расказот. Зборот „тринастега“ е и јазична и наративна игра истовремено зашто го антиципира спојувањето на две нешта, но и на двата лика во можна идна љубовна врска.
3. „Кучешки празник“
Расказот „Кучешки празник“ ни дава увид во светот на осамениот и отуѓен млад поединец, кој свесно се издвојува од толпата спротивставувајќи се на нејзините повторливи и површни ритуали. Нарацијата балансира помеѓу внатрешниот интимен свет на главниот лик и надворешниот свет на „имитација на среќа и лажно лицемерство“. Нагласена е иронијата кон површниот, задолжителен и изнасилен новогодишен хедонизам, а на моменти поентирањето е и доста експлицитно. Важно е да се нагласи доследноста во стилот и чувството за создавање заокружена структурна целина, што особено е видливо од начинот на кој е изведен крајот на расказот. „Кучешки празник“ е раскажувачка авантура, некогаш недоволно јасна, како и секоја авантура. Колебливоста на наративната нишка низ расказот симулира извесна нејасност и во современото живеење и на тој начин станува препознатлива авторска стратегија.
За пофалените раскази
Меѓу пристигнатите раскази постои јасна тенденција да се пишува на актуелни модерни теми (ова особено важи за „Судиска грешка“ и „Улицата на багремите“, во кои се третираат темите на војната и неконтролираната дива урбанизација), како и склоноста кон игри со формата (во расказот „Архивски назив – Тремор“). Трите пофалени раскази нудат една можна перспектива за понатамошен развој на одделни раскажувачки практики, надвор од помодноста и од трендот, слободно надоврзувајќи се на разните универзални раскажувачки практики во современата македонска книжевност, но и пошироко. Експериментирањето со формата, линеарното раскажување и постмодернистичките стратегии се широко отворени, рамноправно можни и за најмладите автори што пишуваат на македонски јазик.
Конкурсот „Тврдоглави“ е во чест на еден од доајените на современата македонска книжевност, Славко Јаневски (1920-2000). Има цел да ги поттикне и промовира младите писатели на македонската книжевна сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Лилјакот“ од Јохан Штраус II на сцената на МОБ на 23 и 26 декември
Во празничниот декемвриски репертоар, Националната опера и балет најавува две изведби на оперетата „Лилјакот“ од Јохан Штраус II, кои ќе се одржат на 23 и 26 декември 2025 година со почеток во 19.30 часот. Ова ремек-дело, кое ја освои публиката уште со својата премиера, повторно ќе блесне на големата сцена на МОБ.
Диригент на изведбите е Бисера Чадловска, режијата е на Љупка Јакимовска, сценографијата на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, кореограф е Саша Евтимова, хор мајстор е Јасмина Ѓоргеска, а концерт мајстор е Климент Тодороски, светло-дизајн е Милчо Александров.
Во солистичката екипа на настапуваат: Васко Здравков, Јане Дунимаглоски(23.12.) / Благој Нацоски(26.12.), Биљана Јосифов, Нада Талевска, Соња Пендовска Мадевска, Драган Ампов, Христијан Антовски, Марјан Николовски, Александра Лазаровска Василевски, Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„Лилјакот“ е ремек-дело на „кралот на валцерите“ Јохан Штраус II, создадено во 1874 година. Оваа брилијантна оперета претставува маестрална комбинација на љубовни интриги, недоразбирања и комични ситуации, сместени во блескавиот виенски свет на валцери, балови и маскенбали. Штраус со својата непресушна музичка инвентивност и елегантна оркестрација создава партитура исполнета со валцери и арии кои зрачат со духовитост, шарм и живост. „Лилјакот“ е вистинска прослава на радоста, убавината и ведрината на животот – дело што повеќе од еден век ја воодушевува публиката ширум светот и останува вечен симбол на виенскиот шарм и музичката магија.
Култура
Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2025 година
Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распиша годинашниот конкурс за наградата „Роман на годината“ за 2025 година, кој ќе трае од 15 декември годинава до 15 јануари 2026 година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2025 година. Kандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија (ул. „Максим Горки“ бр. 18, Скопје) секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје.
Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2026 година и да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се додели 27-ти пат.
Романот „Светот што го избрав“ на Калина Малеска („Или-или“, 2024) е лауреатот на наградата „Роман на годината“ за 2024 година.
Култура
Младиот кочански рок бенд „Корка“ на 14 декември настапува на меѓународен музички натпревар во Брисел
Кочанскиот рок бенд „Корка“ ќе настапи во финалето на меѓународен музички натпревар во рамките на проектот „Imagine Experience“. Нивниот настап ќе биде на 14 декември, недела, во културниот центар „La Botanique“ во Брисел, Белгија, каде ќе ја делат сцената со други млади бендови од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве. Натпреварот ќе може да се следи во живо онлајн и гледачи од дома ќе можат да гласаат.
„Корка“ првично беа победници на националниот натпревар од „Imagine Macedonia“, кој се одржа на 10 октомври во Младинскиот културен центар, во рамките на фестивалот „Здраво млади“, на кој тие се натпреваруваа со други просперитетни македонски бендови како „Sunneater“, „The Pot“, „Tsar von Time“, „Venom“, „LSD During War“, „Мираж“ и „Големата вода“.
Во изминатата година „Корка“ се покажаа како еден од најважните нови гласови во македонската алтернативна сцена, отсликувајќи го гневот на младите луѓе преку нивниот тврд, емотивен и некомпромитирачки звук. Тие се истакнаа со нивниот самонасловен албум, кој беше издаден во мај оваа година, како и преку низа концерти низ државата и во Србија.
Освен со својата музика, „Корка“ придонесува на културната сцена и преку нивното организирње на настани во Кочани. Членовите од бендот, повеќето од кои сѐ уште во средно училиште, беа движечката сила зад дводневниот хуманитарен фестивал „Расплет“, кој се одржа кај Споменикот на слободата во градот. Фестивалот беше посветен на нивната другарка Сара Алексова, која воедно беше и првата тапанарка на бендот, која го загуби својот живот во пожарот во дискотеката „Пулс“.

