Култура
Костадиновска-Стојчевска: Незадоволните од резултатите на конкурсите, да ја искористат жалбената постапка
На денешниот брифинг со новинарите, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се осврна на резултатите, како и на реакциите во врска со Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.
Таа рече дека субјективниот пристап кон толкувањето на целта на конкурсите како да ja девалвира нивната суштина, а тоа е поддршка, а не целосно финансирање на сите пристигнати пријави, над 3 илјади за оваа година. Во тој случај, оцени не би бил доволен ни целиот годишен буџет на Министерството за култура.
„Го имаме предвид фактот дека пазарот е мал и дека има свои правила, но оние што веќе се докажале на пазарот, не треба да го изгубат чувството дека поддршката што ним им е дадена на почетокот на нивните кариери, сега му е потребна и на некој друг“, рече Костадиновска-Стојчевска.
За реакциите во врска со резултатите од конкурсите, министерката за култура рече дека ги разбира и повика секој што е незадоволен, да ја искористи правната можност за жалба.
Во тој контекст, го повика организаторот на „Офф-фест“ да ја искористи жалбената постапка, а не да ја откажува манифестацијата.
По реакциите за проектите во издавачката дејност, рече дека стручната комисија била исправена пред предизвикот да направи квалитетна и коректна селекција со намален буџет. Притоа, посочи многубројни примери на автори кои со години се поддржувани од Министерството за култура за нивните дела, за преводи на нивните книги и за учество на меѓународни маниефестации и саеми.
Министерката информираше дека комисиите поддржале голем број проекти со кои се одбележуваат јубилеите во оваа година, како што се: 120 години од Илинденското востание, Година на Ацо Шопов, 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
На брифингот со новинарите стана збор и за предлозите што Министерството за култура ги доставило во постапката за изготвување нов закон за даночни олеснувања, со што би се обезбедиле повеќе средства за проекти од културата.
Костадиновска-Стојчевска ги повика и институциите од културата и невладиниот сектор, како и секој уметник одделно, да обрнат внимание на отворените повици за финансирање на културата од Европската Унија, од УНЕСКО и од други меѓународни фондови кои одвојуваат сè повеќе средства за поддршка на културата, особено за земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Видик“ – нов фестивал за литература и општа култура
Скопје следниов период станува побогато со нова низа книжевни, музички, театарски и мултимедијални настани.
Почнува „Видик“ – нов фестивал, кој ќе се одржува од 16 мај до 16 јуни, во организација на „Литература.мк“.
Цел месец ќе уживаме во убава и динамична атмосфера во амбиентот на „Литература.мк“, која ќе комбинира литературни промоции, изложби, концерти и театарски изведби и ќе ги задоволи разновидните вкусови и интереси.
Прегледајте ја целата програма и придружете ни се!
ПР
Култура
Македонка Божиновска е лауреат за „Антево слово“ за 2024 година
Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia), во соработка со Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext), годинава седми пат ја доделува наградата за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“ („Антево слово3), специјална награда на фестивалот утврдена во чест на великанот на македонската поезија – Анте Поповски.
Меѓу учесниците, освен поети од Македонија, имаше автори и од Англија, Албанија, Бугарија, Тунис и Кипар, а во поширокиот избор влегоа: Ристо Маџунков, Ана Бунтевска, Дарко Лешоски, Соња Карбева, Милчо Мисоски, Елизабета Дончевка-Лушин, Љубица Шопова, Јулијана Младеновска-Тешија, Елизабета Бандиловска, Маја Апостолова, Ирена Павлова де Одорико и Марија Чокалова.
Жири-комисијата во состав: Митко Гогов (претседател), Виолета Танчева-Златева, Драгана Евтимова, Жорж Поповски (членови) и Геро Ла Векија (надворешен соработник), по пристигнати стотина песни, едногласно одлучи да ѝ ја додели првата награда на Македонка Божиновска за песната „Криенка“.
1. Македонка Божиновска – КРИЕНКА
2. Милена Сиљаноска – АКО ИМАМ УШТЕ ЕДЕН ЧАС СО ТЕБЕ
Александра Спасеска – „ИМАЛО ДЕНОВИ
3. Рекија Фебио (Италија) – ЌЕ ЧЕКОРИШ
Антева Темјана (псевдоним) – ОРЕВОТ
Млад автор:
Васја Мицковски – ЗА ПЛАШЛИВИТЕ
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Во својата кратка, но ефектна песна „Криенка“, Македонка Божиновска ни ја открива целата филозофија на човекувањето. Симплифицирана во изразот, со само неколку слики од детството, ни открива панорама на сеќавања, колективна носталгија, но и суштински светоглед, кој ја одразува длабочината на авторското восприемање на реалноста.
Првата строфа е блескава слика на актуелната состојба на современиот човек, неговиот зазор од Другиот и обидот да се скрие во својата лушпа. Но, дури и кога мисли дека нашол добар заслон, сепак сенката го издава и останува видлив и изложен во светот. Издигнувајќи се над другите во животот, освојувајќи високо место во хиерархијата на она што го нарекуваме успех, човекот сфаќа дека и покрај достигнатите височини, останува „најдолу од сите созданија“.
Стихови што говорат за минливоста, за непостојноста, невидливоста и за кревкоста на единката, преиспитувањето на индивидуална позиционираност во системот на животните вредности. И тоа е мигот кога човек би требало да сфати дека секој од нас е само капка во морето на животот и дека вистинскиот успех се мери со нешто друго – со загледувањето во себе и со победа над возгордеаноста и над потребата за издвојување. Само во дослух со своето божествено битие сме вистински заштитени од злините на светот и само од него можеме да црпиме сили за да ги надвиеме нив и да ги прифатиме различностите. А вистинското издигнување е можно само преку сознанието (росната капка), кое е способно да ни го исчисти и избистри духот за вистинско човекување, за слевање со сите созданија на светот.
Култура
Втор концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ во Македонската филхармонија
По распродавањето на првиот концерт на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ по повод 20 години од издавањето на aлбумот „Трета мајка“, закажан е и втор концерт за сите оние што не успеаја да набават влезници, и тоа на 2 јуни, во Македонската филхармонија, со почеток од 20.30 часот, објави организаторот.
На 1 и 2 јуни македонската публика ќе има ексклузивна шанса по навистина долго време, во интимна атмосфера како онаа во Македонската филхармонија, да ужива во изведбата на албумот „Трета мајка“, „Крушево“ и сето друго што го имаат подготвено големите мајстори на гитарата, Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.
Воедно, ексклузивно во Македонската филхармонија на 1 и 2 јуни ќе имате и ексклузивна шанса да си го купите својот примерок од изданието „Трета мајка“ на винил, потпишано од страна на Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ!
Влезниците за вториот концерт ќе бидат пуштени во продажба од среда (15 мај) во 9 наутро онлајн на ticketx и во продажната мрежа на ticketx во Македонија по цена од 1.500 и 1.990 денари.