Македонија
Сопругата на Марјан од „Доказ“: „Му се закануваат, а тој е мирен“; директорот на затворот: „Неточно, не е лишен од ништо“
Маја Стаменковска, сопруга на Марјан Стаменковски, уапсениот сопственик на „Доказ М“, кој е во притвор, се жали дека врз него се врши тортура во истражниот затвор во Шуто Оризари. Таа за „Макфакс“ посочува дека директорот на затворот му упатувал закани, а во поплака испратена до директорот Филип Андов посочува дека управата и вработените го правеле тоа. Стаменковска посочува дека во затворот се изживуваат со нејзиниот сопруг.
„Го преместуваат од една во друга соба, без некоја причина. Мирен си е човекот, не прави никакви проблеми. Во притвор е, нели… Му се заканува директорот цело време, оди кај него во соба и му вели: ‘Ќе видиш што ќе ти се случи’… Не му ги даваат лековите, облеката, јадењето што ќе му однесам. Едноставно, се изживуваат со него. Го ставиле со наркоман во соба. Нема потреба од тоа. Вознемирена сум многу“, вели Стаменковска за „Макфакс“.
Директорот на истражниот затвор „Скопје“, Филип Андов, негира какви било закани и тортура. Андов за „Макфакс“ вели дека условите во кој престојува Стаменковски се исти како и за сите, важат истите правила како и за другите затвореници, а наводите за тортура вршена од вработени ги проверил, но не забележал прекршување на никакви процедури. Прашан дали досега е повикана и брзата помош, тој потврдува и додава дека наодите на лекарите биле во ред.
„Правилата што важат за сите затвореници и притвореници – важат и за посоченото лице. Апсолутна невистина е дека тој бил цел на каква било тортура од кого било. Условите во затворот ‘Скопје’ се исти за сите, далеку подобри и похумани од порано, а нема ниту ќелии за привилегирани или казнувани како што наведувате вие. Во однос на доставување работи од надвор – затворот има правилник, кој мора да се почитува. Ниту еден затвореник, па ниту посоченото лице, не е лишено од ништо што му следува како право. Во однос на тврдењето дека јас како директор сум му вршел притисоци, тоа го негирам во целост дотолку повеќе што денеска добив допис во кој се наведува дека вработените му правеле тортура, а од мене се бара да реагирам. По проверката, не се утврдува дека некој од вработените направил нешто спротивно на своите надлежности, а постапено во согласност со законите, прописите и процедурите“, вели Андов за „Макфакс“.
Стаменковски е петти ден во притвор како осомничен дека сторил кривично дело уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело, две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и кривично дело злоупотреба на лични податоци.
„Притворот е предложен бидејќи на товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет-портал, преку кој, искористувајќи познанства и релации со разни профили на лица, преземал противправни дејства во континуитет, што упатува дека ќе ги презема и во иднина доколку не му биде определена мерка притвор и биде оставен да се брани од слобода“, соопшти скопското Обвинителство.
На Стаменковски му е одреден притвор од осум дена.
Претходно, „Макфакс“ објави дека сопственикот на „Доказ М“, Марјан Стаменковски, пред судијата Пајазит Пајазити во Кривичниот суд, каде што му е одредена мерката притвор, негирал вина за четирите кривични дела, меѓу кои е и уцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ напорно работеше за потребите на жените, со оваа власт сè паѓа во вода
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на работилница организирана од Форумот на жени на СДСМ во рамките на кампањата „16 дена активизам за борба против насилството врз жените и девојчињата“-„Гласни за живот без страв“, истакна дека СДСМ е партијата која системски ја постави борбата против родово базираното насилство како државен приоритет. Тој нагласи дека преку воспоставување закони, институционални реформи и услуги за заштита на жените и девојките, СДСМ создаде основи за долгорочни и одржливи политики за заштита на жените од насилство.
„Тоа што се направи во изминатиот период треба да продолжиме да го промовираме и преку сите инструменти кои што ни се на располагање, тој систем да го надградуваме. Ние сме и потписници на Истанбулската Конвенција, која е важен меѓународен документ за спречување и заштита од насилство врз жените“, рече Филипче.
Говорејќи за превенцијата како клучна во борбата против насилство врз жените, Филипче истакна дека животот на секоја жена мора да биде заштитен, а институциите да функционираат за граѓаните. Тој потсети на бројните мерки преземени во системот за заштита во периодот на владата на СДСМ, за разлика од сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отворивме многу центри за рана детекција. Имаше центри за детекција во кои што мулти-дисциплинарно работеа социјален работник, психолог, гинеколог. Меѓутоа гледаме како е кога на власт ќе дојде еден авторитарен режим кој што не се грижи за ништо друго, освен за своите сопствени, тесни, теснопартиски интереси, а се друго паѓа во втор план“, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче потсети дека СДСМ е партијата што прва воведе квоти и мерки за вистинска застапеност на жените, обезбедувајќи простор за женско лидерство на сите нивоа.

„Напорно работевме да го промовираме женското лидерство и во тоа успеавме. Донесовме листи во кои што точно се знаеше колкав ќе биде процентот на жени, колкав ќе биде процентот на млади“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Партизански Одреди бр. 95, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни (локално над 25 l/m2) и со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност од денеска до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на денешниот ден и во четврток (над 25 l/m2 за 24 часа). Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.

