Економија
Левица: Погрешните владини политики доведоа до највисока стапка на инфлација во регионот

„Македонија е лидер во регионот според стапката на инфлација како резултат на недостигот на владини мерки, со што основните прехранбени производи добиваа нови повисоки цени. Во октомври беа измерени неверојатни 19,8 отсто. Македонија има највисока стапка на инфлација во последните 25 години, при што поголема инфлација е забележана само во првите години од осамостојувањето“, соопштуваат од опозициската партија Левица.
Од таму посочуваат дека „годишната стапка на инфлација во јануари 2023 година изнесува 17,1 отсто. Највисока е за храната и за безалкохолните пијалаци – 25,1 отсто, со што директно се погодени најранливите категории граѓани. Иако Владата оптимистички го проектира буџетот за 2023 година со стапка од 7,1 отсто, цените не стивнуваат, а животниот стандард на граѓаните и реалната куповна моќ и понатаму опаѓаат“.
„Минатата година бевме сведоци на несекојдневни случувања. Цената на струјата и гасот на светските берзи се намалуваа, а цените на производите кај нас секојдневно се зголемуваа. Владата одлучи да субвенционира електрична енергија за компаниите што произведуваат прехранбени производи, но цените на производите во маркетите останаа исти. Згора на сè, Владата ја укина и мерката со која некои од основните прехранбени производи беа ослободени од ДДВ. Народната банка, за да ја забави инфлацијата, продолжи со затегнување на монетарната политика зголемувајќи ги каматните стапки, но со тоа само им овозможи повисоки екстра профити на лихвобанкарите, а народот го плаќа цехот од погубните политики на неспособната власт со поскапи кредити и повисоки трошоци за основните производи и услуги. Класните разлики и понатаму се зголемуваат, а безимотните, сиромашните и работниците нема да го издржат овој незапирлив ценовен шок“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МФ: Од денеска исплатите од Буџетот транспарентно ќе се објвавуваат во посебна база за буџетски трошоци во изборен период

Министерството за финансии согласно одредбите од Изборниот законик од денеска на својата веб-страница ќе ги објавува буџетските исплати во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Имено, согласно Изборниот законик Министерството за финансии од денот на донесување на Одлуката за распишување на изборите до нивното завршување има обврска во посебна база да ги објавува податоците за сите буџетски исплати, освен редовните за плати, пензии и комунални трошоци.
Исто така, Министерството за финансии две недели по распишување на изборите има обврска да поднесе и предизборен финансиски извештај во којшто ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот којшто се објавува на веб-страната на Министерството за финансии.
Претседателот на Африм Гаши, на 9 август 2025 година ги распиша локалните избори, коишто ќе се одржат на 19 октомври.
Економија
(Видео) „Срам за Владата, работниците и пензионерите не се виновни за поскапувањата“, вели Битиќи

„Во време кога цените на основните производи и трошоците за живот незапирливо растат, премиерот Христијан Мицкоски ја пласира тезата дека инфлацијата е последица на зголемените плати и пензии. Тоа не е вистина. Тоа е маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, а не врз вистинските причини. Податоците го потврдуваат ова“, вели Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
„Ако ги погледнеме последните статистички податоци за споредба на просечната плата и потрошувачката кошница, ќе видиме дека трошоците растат двојно побрзо од растот на палтата. Вредноста на синдикалната потрошувачка кошница порасна од 61.855 денари во март на 63.908,00 денари во мај, односно за три месеци имаме зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголеми од 44.763 денари на 45.796 денари, односно за три месеци се зголеми за 1.033 денари.
Ако се погледнат и најновите бројки, разликата е уште поочигледна. Во јуни кошницата достигна 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи дополнителен раст од 1.420 денари за само два месеци. За истиот период нема податоци за просечната плата, но трендот од претходните месеци јасно покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците. Реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо.
Премиерот зборува и за пензиите како причина за поскапувањата, но фактите го демантираат. Во март имаше еднократно, линеарно зголемување од 2.500 денари. Но тоа не стана тренд. Во април просечната пензија падна на 26.163 денари, во мај беше 26.157, а во јуни едвај се врати на 26.207 денари. Пензионерите и понатаму живеат на граница на егзистенција. Нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно.
Јазот меѓу приходите и трошоците уште повеќе се потврдува кога ќе се погледнат и другите ценовни индикатори.
Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само еден месец претходно, овие стапки беа пониски, односно изнесуваа 4,5% и 3,7%, што значи дека цените забрзуваат, а тоа се случува без раст на примањата.
Трендот на забрзување на цените уште појасно се гледа кај основните земјоделски производи, каде поскапувањата се најизразени и имаат директно влијание врз животниот стандард.
Во јуни, цените на растителното производство се зголемени за 22,2%, а на добиточното за 6,9%. Кај одделни производи, растот е уште подраматичен, компирот е поскап за 56,7%, житата и оризот за 25,5%, зеленчукот за 23,9%, а овошјето и грозјето за 15,4%.
Овие бројки се далеку од ефект на зголемени плати и пензии ,тие се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и спекулативно формирање на цените.
Владата се потпира на импровизација и пропаганда. Наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, таа води политички маркетинг.
Состојбата во индустријата дополнително го потврдува ова, во јуни тоа пораснало само за 0,5%, односно економијата не е „прегреана“ од побарувачка.
Во енергетиката, зависноста од увоз дополнително влијае на цените. Во мај увозот на електрична енергија се зголемил за 25,9%, а извозот за 11,1%. Ова покажува дека енергетските фактори се меѓу причините кои придонесуваат за растот на цените, а не зголемувањето на платите и пензиите.
Минималната плата од март е 24.379 денари, утврдена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1.800 денари беше донесено како политичка одлука, а не како дел од сеопфатна стратегија за подобрување на животниот стандард. Денес, за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство и пак ќе немаат доволно за месечните трошоци.
Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра.
Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен. Македонија заслужува економија што ќе работи за своите граѓани, што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не изговори за сопствената неспособност“, изјави Фатмир Битиќи, пратеник од СДСМ.
Економија
Халкбанк со донација на компјутерска опрема за училиштата и за институциите

Халкбанк АД Скопје продолжува да ја демонстрира својата општествена одговорност преку конкретна поддршка за заедницата. Во рамки на своите активности, Банката донираше 27 компјутери и монитори во Основното училиште „Тефејуз“ во Скопје, едно од најстарите училишта во земјата. Основано уште во 1884 година од страна на Османлиската држава, ова училиште веќе над еден век е важен образовен центар на турското малцинство во Македонија, со богата историја и значајна улога во локалната заедница.
Дополнително, Халкбанк донираше и 146 компјутери и монитори во Македонска пошта, со која Банката има воспоставено долгогодишна соработка и веќе пет години платниот промет во Пошта се одвива преку Халкбанк. Ова партнерство им овозможува на граѓаните добивање на банкарска услуга, да не мораат да одат исклучиво во банка, туку истата да ја добијат и во најблиската пошта, што е особено значајно за сите оние кои живеат во населени места во кои нема експозитури на банките.
Освен стандардните банкарски услуги, на шалтерите на Македонска пошта граѓаните можат да отвораат сметка во Халкбанк, да побараат издавање дебитна или кредитна картичка, да аплицираат за различни видови кредити, дозволено пречекорување, електронско банкарство, добивање пензија преку Халкбанк, како и да добиват други банкарски услуги кои се достапни за клиентите на Банката.
Халкбанк наскоро ќе донира уште 23 компјутери и монитори за уште едно училиште, со цел да се подобрат условите за едукација и работа.
Овие донации се дел од многубројните општествено одговорни активности на Халкбанк, кои имаат за цел да ја поддржат заедницата, да овозможат подобри услови за учење и работа, и да придонесат кон дигиталната писменост и развојот на младите.
(ПР)