Македонија
Василевска: Во државата има корумпирани судство и Обвинителство, висока инфлација и поради тоа младите ја напуштаат Македонија
Почитувана неприсутна Влада, жална Македонија, распарчена, понижена, исмеана од лакрдија, која се нарекува некаква си демократија, која полна уста празни зборови вергла ЕУ веднаш и сега, ЕУ за вас, за нас, за сите вас, но не и за нас, само за тие избраните, лимитираните. Македонскиот парламент стана сè, само не она што треба да биде и бидејќи вие не нè разбирате и не ги разбирате добронамерните пораки и совети. Разберете, улогата што ја имате вие, не сме ничие стадо, не сте ничие трло, вие претставувате волја на граѓаните, рече Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничка во Собранието, на денешната собраниска седница обраќајќи се пред пратениците.
Таа укажа на целата ситуација во државата, односно на високата инфлација, на корумпираните судство и Обвинителство и потенцира дека поради ваквата ситуација во државата, голем број млади си заминуваат.
„Граѓаните се вознемирени бидејќи растот на инфлацијата ги крена кредитите, набргу луѓето ќе остануваат без своите домови. Можевме да се справиме со сè. Погледнете си го судството, Обвинителството, погледнете ја целата јавна и државна администрација, заробено општество, класичен пример на изгубена една генерација и затоа нашите деца ќе си заминуваат, ќе нè гледаат со презир, милион пати сум го кажала тоа изминативе години“, истакна пратеничката.
Василевска во текот на своето обраќање запраша зошто министерот за здравство е разрешен и праша што направила власта во овие 6 години?
„Зошто господинот министер за здравство не си дал оставка, туку го разрешуваме, зошто? Ќе го разрешиме зашто треба виновници, треба во прекројувањата во Тирана што ги направија и што ни ги сервираа тука, сега повторно да се создаваат тензии, зошто? За да крадат вашите елити уште повеќе. Што покажавте во овие 6 години, дека се справивте со корупцијата и со криминалот. Да беше така, јас прва ќе ви аплаудирав, додаде Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Новo рисче на Шара – тимот на Националниот парк слави со мекици
Националниот парк „Шар Планина“ соопшти дека на една од нивните трап-камери била забележана мајка рис со малечко, при што и двете животни се во одлична здравствена состојба. Со ова, бројот на документирани рисови на Шара се зголемува од една на три единки.
Од паркот потсетуваат дека по успехот минатата година, кога првпат бил снимен мажјак на локалитетот Лешница, денес со радост објавуваат дека и мајка со младенче е регистрирана на територијата на Општина Боговиње. Според соопштението, станува збор за историски момент и резултат на долгорочна, упорна и стручно спроведена работа на тимот. Колегата кој ја регистрирал снимката ја добил честа да го даде и името на мајката рис, која е именувана Сибел.
Во објавата се наведуваат и интересни факти за балканскиот рис, меѓу кои тоа дека е територијално животно што зазема голема територија – понекогаш и над 40 km², како и дека неговата исхрана се состои од срна, дива коза, зајак, еребица, ситни цицачи и други видови од шумскиот екосистем. Од паркот додаваат дека популациите на пленот на Шар Планина полека, но стабилно растат, а ловот е целосно забранет, што придонесува за заштита на видот.
Од Националниот парк истакнуваат дека снимката ја потврдува важноста од континуираниот мониторинг и вложувањето во заштита на биодиверзитетот, потсетувајќи дека балканскиот рис е критично загрозен вид.
Паркот соопшти и дека по повод овој момент, тимот денес слави со мекици.
Македонија
Средба Фетаи–Лоутон: Продлабочување на партнерството меѓу Северна Македонија и САД
Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, оствари работна средба со Даниел Џ. Лоутон, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања (EUR) при Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.
На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, како и за продлабочување на соработката во областите на владеењето на правото, институционалните реформи, борбата против корупцијата и зајакнувањето на практиките на добро владеење. Заменик-претседателот на Владата Фетаи ја потенцираше посветеноста на Владата за унапредување на демократските стандарди, зголемување на транспарентноста и отчетноста, како и спроведување реформи кои обезбедуваат правично и ефикасно функционирање на јавните институции.
Заменик-помошник државниот секретар Лоутон ја реафирмираше силната поддршка на САД за реформските процеси во земјата, потенцирајќи ја важноста од продолжување на стабилните политики што го поттикнуваат евроатлантското интегрирање, институционалната стабилност и демократскиот развој. Заменик-претседателот на Владата Фетаи и заменик-помошник државниот секретар Лоутон се согласија да продолжат со редовна комуникација и координација за прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на зајакнување на доброто владеење и институционалниот интегритет.
Во рамки на посетата, заменик-претседателот на Владата Фетаи оствари работна средба и со Марк Тервакоски, Директор на Канцеларијата за Европа и Азија при Бирото за Меѓународни Наркотични Прашања и Спроведување на Законот.
Македонија
Средба на Гаши со шеикот Махир Муајкали
Претседателот на Собранието, Африм Гаши оствари средба со Имамот на Каба, шеикот д-р Махир Муајкали, кој за првпат е во четири дневна официјална посета на државата.
На средбата беше присутен и Реис ул Улема Шаќир еф. Фетаху, поглавар на Исламска верска заедница (ИВ).
„Во срдечната и конструктивна атмосфера, соговорниците се осврнаа на значењето на неговата посета, како и на важноста од меѓусебното почитување и разбирање. Притоа беше изразена искрена благодарност до државните власти на Кралството Саудиска Арабија за нивната досегашна поддршка и соработка. Во разговорот беше нагласено и значењето на зајакнувањето на врските и вредностите што ги споделуваат двете земји и народи, како и заедничката подготвеност за унапредување на институционалните односи и продлабочување на меѓусебната соработка“, соопшти Собранието.

