Македонија
(Видео) Караници и дерење во Собрание: Се зборуваше за купување на коњи и магариња, наместо за разрешувањето на Беким Сали
За коњи и магариња се зборуваше на последното продолжение од собраниската седница за разрешувањето на Беким Сали. Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ обраќајќи им се на пратениците од СДСМ, за родилката од Дебар која остана без органи рече: „ја демонтиравте“, а потоа, се извини од говорницата поради изразот бидејќи доби негативни овации од пратениците од власта.
„Вие навистина мислите дека опозицијата е крива што не може да се земат плати во здравството? Абе вие сериозни сте со ова, така ми стои работава. Јас како што почавте, очекував да кажете дека ние ги дадовме пасошите на криминалците во државата, јас мислев ќе ни кажете дека на Онишченко ние дадовме пасош. Јас мислев дека и оваа родилката ќе ја препишете дека од докторите од ВМРО-ДПМНЕ… Родилката од Дебар, што ја демонтиравте пола жена и судството најде за сходно дека таму нема ништо. Работиве излегоа од контрола“, кажа Мицевски.
„Срамота, срамота“, извикуваа пратениците од власта од место.
„Јас ќе ви кажам што е срамота колешке, срамота е што вие молчите за таа жена, срамота е што глас не дигнавте. Од место зборите, јави се тука да ти кажеме што е срамота. Се криете таму каде не треба“, продолжи Мицевски
По ова Мицевски доби аплауз од колегите од ВМРО-ДПМНЕ, а извици дека е срамота неговиот говор од пратениците на СДСМ.
„Срамота е тоа што сакате да го правите“, им врати Мицевски.
За збор се јави Јован Митревски од СДСМ кој зборуваше за коњи и магариња.
„Вие колега Мицевски зборувате за нервоза? Јас мислам дека вие ги имате прегледано вашите снимки кога зборувате… Јас ниту сакам да вжештувам атмосфера ниту да правам нешто плус што вас ќе ви даде некаков мотив, а вашиот мотив е тој што ви наредува од белата палата што да правите, а знам дека не ви се допаѓа. Бидејќи споменувате Пазар3, таму има две објави за бел коњ. Едниот е во Св. Николе, другиот во Гостивар. Бидејќи сте креативни, имате и една објава за бело магаре. И мислам, да дадеме шанса до сабајле, во смисла што вие правите и што значи бело магаре“, кажа Митревски.
Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, ја запре седницата.
„Нема повеќе атмосфера за работа во салата“, кажа Мисовски.
По ова, Мицевски доби процедурално и кажа: „Доблестен сум и се извинувам за несреќно изречениот израз за жената од Дебар. Во момент на дебата, по цел ден присуство на репликите, имам доблест да се извинам на изречениот израз употребен во дебатата. Се извинувам на сите граѓани, пратениците и стојам зад ова што го зборувам“, кажа Мицевски и доби аплауз.
Седницата продолжува утре во 11 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.
Македонија
Муцунски на проштална средба со амбасадорката Агелер
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информираше дека денеска остварил проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Ангела Агелер.
Како што наведе Муцунски, на средбата изразил благодарност за нејзиниот севкупен ангажман и значајниот придонес во унапредувањето на политичката и економската соработка, како и за јакнењето на стратешкото партнерство и одличните билатерални односи меѓу двете земји за време на нејзиниот мандат.
На средбата било изразено заемно задоволство од континуитетот на политичкиот дијалог на високо ниво и од развојот на соработката во сите области од заемен интерес.
Муцунски информираше дека биле разменети и мислења за актуелните геополитички случувања и безбедносни предизвици, при што била потврдена заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан и силното сојузништво во рамките на НАТО.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.

