Македонија
Лефков: Извештаите од релевантни институции покажуваат дека 88 отсто од јавните набавки во пандемијата се спроведени без јавни повици
Кога станува збор за разрешувањата, ајде да се погледеме меѓу себе и да се запрашаме како анализата стана антивладинин говор, како здравиот разум стана анти-СДСМ и ДУИ, како сите анкети и читањето на резултатите од анкетите станаа против вас? Како сите релеватни извештаи на Државниот завод за статистика, извештаите на Јавното обвинителство, извештаите на Државната комисија за спречување на корупцијата, како анализата на кој било документ стана анти оваа Влада? Дали тоа нешто ви укажува, како една обична анализа, каде завршува државната помиш и дека државната помош завршува во фирми блиски до премиерот и до функционерите, стана материјал за опозициски говор, рече од собраниската говорница пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната собраниска седница за разрешување на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.
Лефков ја запраша власта дали тоа не им укажува до која точка ја доведоа корупцијата во државата, во држава во која се уриваат сите рекорди во јавни набавки без огласи додавајќи дека тоа не го зборува тој, туку тоа го зборуваат извештаите на Државниот завод за статистика.
„Во 2021 година 46 милиони евра јавни набавки без огласи, спроведени нетранспарентно. Во 2022 таа бројка се зголемува 54 %. Не останува иста, не се намалува, туку се зголемува. 65 милиони евра јавни набавки без оглас, спроведени нетранспарентно. Од извештаите што стигаат од релевантни институции, 88 % од сите јавни набавки, спроведени во време на пандемијата, се без јавни повици со цени што се и до 500 проценти повисоки од пазарните, набавувани за ковид-опрема, службени возила со кожени волани“, истакна Лефков.
Лефков во својот говор повторно ја запраша власта, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, како сега која било анализа што ќе ја погледнете станува антивладина, дали тоа не ви укажува дека државата ја водите само од лични интереси.
„Извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе каже дека од предвидените 111 активности, спроведени се само 20. Министерствата што ги раководите потфрлаат и спровеле само една, две или ниту една активност за борба против корупцијата во земја што беше на 111. место по корупција, а малиот скок до 88 го направи токму поради националната стратегија, која, од друга страна, не ја спроведувате“, посочи, меѓу другото, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

