Македонија
Марјан од „Доказ М“ ќе остане во затворот во Шуто Оризари, нови 30 дена притвор за да се заштитат жртвите
Нови 30 дена притвор му се одредени на Марјан Стаменковски, сопственик на веб-порталот „Доказ М“, дознава „Макфакс“. Во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари ќе остане до втората половина на март.
На ваквата мерка се противел Стаменковски, но жалбата што ја поднел од Кривичниот суд е одбиена како неоснована. Кривичниот совет при Кривичниот суд е дециден дека не може да му се определи поблага мерка на Стаменковски бидејќи тој може да се даде во бегство.
Продолжувањето на мерката притвор доаѓа откако скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.
„Така, во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023, обвинетиот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал на еден оштетен дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест. Преку социјална мрежа обвинетиот стапил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него доколку не му исплати парични средства. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои обвинетиот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. На тој начин обвинетиот се обидел да стори кривично дело уцена“, објаснува Обвинителството за првото дело.
Обвинителството посочи дека продолжување на притворот е побарано за да се заштитат жртвите.
„Со оглед на тоа што сѐ уште постојат основите поради кои претходно беше определен притворот, особено имајќи ги предвид начинот на извршување на делата и потребата да се заштитат жртвите, кои во подолг временски период биле подложени на изразен говор на омраза и закани преку интернет-порталот, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд во Скопје достави и предлог за продолжување на притворската мерка“, додаде обвинителот.
Во скопското Обвинителство стигнуваат пријави и од други лица за извршени кривични дела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

