Свет
(Видео) Маж раскажа како преживеал со денови под урнатините: „Ја пиев сопствената урина“
Шеесет и двегодишен маж поминал речиси осум дена под урнатините на неговата семејна куќа во Антакија по разорните земјотреси што на почетокот на февруари ги погодија Турција и Сирија.
Хусеин Бербер детално ги опиша ужасните сцени што ги доживеал во деновите по земјотресот, велејќи дека морал да ја пие сопствената урина за да преживее.
Во земјотресот се урнал таванот на 15-катницата, а единствено што го спасиле во станот на приземје биле плакарот и фрижидерот, додека останал заробен во фотелја. Тој раскажал како ползел по станот и нашол шише со вода, но тоа не му било доволно за да преживее, па почнал да вика за да го слушнат спасувачите и да го извлечат. Кога помошта не стигнала со часови, Хусеин решил да уринира во празно шише со вода за да пие подоцна за да преживее, пишува „Дејли Мејл“.
За да не замрзне решил да се завитка во тепих.
„Кога се случи земјотресот, веднаш станав. Внукот спиеше до мене. Погледнав наоколу, син ми го запали светлото, зеде батериска ламба и рече: Тато, има земјотрес! Во вториот земјотрес се сруши таванот, но не ме погоди. Веднаш се склопив и седнав. Ѕидот падна врз фрижидерот и плакарот. Јас останав заглавен меѓу нив“, ја раскажа својата приказна Хусеин.
„Еден час подоцна зедов шише вода и го испив. После тоа уринирав во шишето и го оставив да се излади. Ја пиев само кога ќе се олади. Така се спасив”, додал тој.
Пет члена од неговото семејство успеале да побегнат кога земјотресот ја погодил областа околу 4 часот наутро. Хусеин конечно беше спасен овој вторник, точно 187 часа по земјотресот, а моментално е во болница. Докторите му рекле дека е чудо што успеал да преживее сето тоа време.
Потсетувајќи се на моментот на спасувањето, тој рече дека слушнал звук на спасувачки екипи кои се упатиле кон местото каде што бил заробен.
„Не се сеќавам на ништо откако ме извлекоа. Се спасив, излегов и сакав само вода и храна, особено вода. Ништо не јадев“, рекол тој.
„Направив добри дела пред Алах за сите, не само за моето семејство. Мислам дека затоа Бог ме спаси“, вели Хусеин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Франција ги повикува младите на десетмесечна доброволна воена служба
Франција почна кампања за нова десетмесечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе почнат со обука во септември годинава. Програмата, која во ноември ја претстави претседателот Емануел Макрон, е отворена за сите млади француски државјани, пишува „Ројтерс“.
Службата е наменета за лица на возраст од 18 до 25 години кои сакаат да придонесат за способноста на нацијата да се спротивстави во небезбедна средина, изјави на прес-конференција началникот на Генералштабот на вооружените сили, генералот Фабиен Мандон. Овој потег е дел од поширок тренд во Европа, каде што земјите ги преиспитуваат своите одбранбени стратегии поради загриженоста околу променливите приоритети на Соединетите Американски Држави под претседателот Доналд Трамп, како и поради, како што се оценува, поагресивниот став на Русија.
Од септември, 3.000 млади лица ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловството за извршување мисии на француска територија. Планирано е бројот да се зголеми на 4.000 во 2027 година, а потоа да достигне 10.000 учесници годишно до 2030 година.
Учесниците ќе добиваат надомест од околу 800 евра месечно, а нивните задачи ќе опфаќаат широк спектар активности – од помош при природни катастрофи и антитерористички надзор, до работни позиции како оператори на дронови, пекари, механичари, електричари и медицински персонал.
По завршувањето на програмата, учесниците ќе можат да се вратат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили. Министерката за одбрана Катрин Вотрен изјави дека ова го одразува „долгорочниот развој на војската кон хибриден модел“.
Се очекува програмата во 2026 година да чини 150 милиони евра, а вкупните трошоци за периодот од 2026 до 2030 година се проценуваат на 2,3 милијарди евра.
Фото: pexels
Свет
Фон дер Лајен остро го критикуваше „Икс“ на Маск поради АИ-содржини со голи жени
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро ја критикуваше платформата „Икс“ на милијардерот Илон Маск поради ширење сексуално експлицитни deepfake содржини создадени со помош на АИ-чатботот Grok, пишува Политико.
„Згрозена сум што технолошка платформа им овозможува на корисниците дигитално да ги ‘соблекуваат’ жените и децата на интернет. Тоа е незамисливо однесување. А штетата предизвикана од овие deepfake содржини е многу реална“, изјави фон дер Лајен во интервју за повеќе европски медиуми, меѓу кои Ројтерс и Кориере дела сера.
„Нема да ја препуштиме заштитата на децата и прашањето на согласност на Силиконската долина. Ако тие не постапат, ние ќе постапиме“, предупреди таа. Од почетокот на јануари, илјадници жени и тинејџерки, меѓу кои и јавни личности, пријавиле дека нивни фотографии на социјалните мрежи биле „соблечени“ и претворени во фотографии во бикини од страна на Grok, по барање на корисници.
Алатката за креирање deepfake содржини поттикна истраги од регулаторите ширум Европа, вклучувајќи ги Брисел, Даблин, Париз и Лондон. Европската комисија минатиот четврток ѝ наложи на платформата X да ги зачува „сите внатрешни документи и податоци поврзани со Grok“, што претставува ескалација на постојната истрага за политиките за модерирање содржини на X.
Комисијата ги оцени сексуално експлицитните deepfake содржини создадени без согласност како „незаконски“, „ужасни“ и „одвратни“.
Како одговор, X ја ограничи контроверзната функција за генерирање АИ-слики само на корисници со платена претплата. Портпаролот на Европската комисија, Томас Рењер, изјави дека ограничувањето на алатката на претплатници не значи крај на истрагата на ЕУ.
Скандалот се појави како нов тест за решителноста на ЕУ да го ограничи влијанието на Маск и американските технолошки гиганти. Само еден месец претходно, Брисел ја казни платформата X со 120 милиони евра поради кршење на клучниот закон на Унијата за онлајн платформи – Актот за дигитални услуги (DSA).
Казната предизвика брза и силна реакција од Вашингтон, при што американската администрација воведе забрана за патување за поранешниот европски комесар за дигитална технологија и главен архитект на DSA, Тјери Бретон. Од платформата X не одговориле веднаш на барањето за коментар за критиките на Урсула фон дер Лајен.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп објави фотографија на која пишува дека е претседател на Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп објави фотографија на својот профил на социјалната мрежа Truth Social, тврдејќи дека е 45-ти и 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, како и вршител на должноста претседател на Венецуела од јануари 2026 година.

Соединетите Американски Држави започнаа воена операција во Венецуела на 3 јануари, при што ги заробија претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес за да им се суди пред суд во Њујорк по обвиненија за дрога и оружје.
Трамп изјави дека неговата администрација ќе управува со Венецуела и нејзините нафтени ресурси за време на преодниот период. Откако Мадуро беше уапсен, неговата потпретседателка Делси Родригез положи заклетва како привремена претседателка.
Трамп претходно предупреди дека Родригез би можела да „плати многу висока цена“ ако не соработува со Соединетите Американски Држави.

