Свет
Турција ја завршува потрагата по преживеани

Турција објави дека денес завршуваат спасувачките напори во потрагата по преживеани во подрачјата погодени од разорниот земјотрес што на 6 февруари ги погоди јужните делови од земјата и северот од Сирија.
Повеќе од 46.000 луѓе загинаа, а се очекува бројот на жртвите да се зголеми во наредните денови.
Ниту Турција, ниту Сирија не објавија колку луѓе се уште се водат за исчезнати по земјотресот.
„Никој не е жив. Мислам дека нема повеќе луѓе што можеме да ги спасиме“, рече Муџдат Ердоган, член на спасувачките екипи во Турција.
Спасувачите од Киргистан вчера спасија две лица од петчлено сириско семејство од урнатините на зграда во Антакија на југот на Турција. Брачниот пар заедно со едното од нивните деца беа спасени живи. Мајката и таткото преживеаа, но детето подоцна почина од дехидрација, соопшти спасувачката екипа. Постарата сестра и близнакот не го преживеале земјотресот.
„Слушнавме плач додека копавме. Кога ќе најдеме живи луѓе, секогаш сме среќни“, изјави за Ројтерс Атај Османов, член на спасувачката екипа. Десет возила на брза помош чекаа во блиската улица.
Спасувачите бараа целосна тишина додека екипите се искачуваа на врвот на урнатините на зградата каде што беше пронајдено семејството.
Светската здравствена организација проценува дека на околу 26 милиони луѓе низ Турција и Сирија им е потребна хуманитарна помош.
Илјадници Сиријци кои побараа засолниште во Турција од граѓанската војна, повторно се вратија во своите домови во воената зона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Жена родила туѓо дете поради грешка на клиника за вештачко оплодување

„Монаш ИВФ“, клиника што работи низ цела Австралија, се извини откако пациентка во една од нивните клиники во Бризбејн примила погрешен ембрион, што значи дека родила дете од друга жена.
Грешката била откриена во февруари, кога родителите што го добиле детето побарале нивните преостанати ембриони да бидат префрлени во друг центар за вештачко оплодување, пренесува „Гардијан“.
„Наместо очекуваниот број ембриони, беше пронајден уште еден ембрион во складиштето на биолошките родители“, соопшти компанијата.
„Монаш ИВФ“ соопшти дека истрагата потврдила оти ембрион од друга пациентка бил по грешка одмрзнат и вграден кај парот.
Грешката се должи на човечки фактор.
Родителите биле известени во рок од една недела од откривањето на инцидентот.
Главниот извршен директор на „Монаш ИВФ“, Мајкл Кнап, се извини за настанот и истакна дека компанијата ќе продолжи да ги поддржува засегнатите пациенти.
„Сите ние во „Монаш ИВФ“ сме потресени и се извинуваме на сите вклучени“, рече тој.
„Преземавме дополнителни проверки и уверени сме дека ова е изолиран инцидент.“
Компанијата ангажирала и високиот правен советник од Викторија, Фиона Меклеод, за да спроведе независна истрага и се обврза да ги спроведе сите нејзини препораки. Инцидентот бил пријавен и до Комитетот за акредитација на репродуктивна технологија и до регулаторот за асистирана репродукција во Квинсленд.
„Монаш ИВФ“ во август постигна спогодба од 56 милиони австралиски долари со повеќе од 700 поранешни пациенти, откако наводно уништиле ембриони поради неисправен генетски скрининг.
Тужбата тврдеше дека околу 35 отсто од ембрионите што биле означени како абнормални преку погрешното тестирање, всушност биле нормални.
Групацијата „Монаш ИВФ“ потврди дека постигнала спогодба преку медијација, но не призна вина.
Регион
Додик: Нема да поднесам оставка, ниту да ја напуштам Република Српска

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска за руската државна агенција ТАСС изјави дека не размислувал за оставка и дека нема да ја напушти Република Српска.
„Никогаш нема да поднесам оставка под притисок. Ќе ја напуштам политичката сцена само кога граѓаните на Република Српска ќе одлучат дека е време да си одам“, изјави Додик, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека „сигурно нема да ја напушти РС“, бидејќи, како што рече, „има сè – неговото семејство и неговите најблиски“.
„Таму се чувствувам добро“, истакна Додик, додавајќи дека е посветен „да се залага за Република Српска и да се бори за секој нејзин агол“.
Тој рече дека властите на РС „не се милитаристи, ниту се бунтовничка група и нема од што да се плашат“.
„Законот е на наша страна и се врши очигледна и широко распространета злоупотреба од политичарите во Сараево, особено оние босански муслимани кои се посветени на политичкиот ислам, кој тие го промовираат на овие простори веќе три децении“, рече Додик.
За Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ и претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, по налог на Судот на Босна и Херцеговина е издадена внатрешна потерница, бидејќи тие се под истрага за напад на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
На 26 февруари, Додик во прв степен беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција за кривичното дело неисполнување на одлуката на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.
Свет
Трамп дополнително ги зголеми царините за Кина

Белата Куќа потврди дека вкупната царина за кинески стоки сега е 145 отсто и дека стапката стапува во сила веднаш.
Актуелниот американски претседател, Доналд Трамп, вчера објави дека царините против Пекинг ќе се зголемат на 125 отсто, како одговор на, како што тврди, нефер кинеските трговски практики.
Сепак, Белата куќа денеска појасни дека бројката не ја вклучува постојната царина од 20 отсто, што Трамп ја наметна во првите недели од неговиот втор мандат.
Вкупната стапка од 145 oтсто е над сите други тарифи што беа во сила пред враќањето на Трамп во Белата куќа, кои се разликуваат според типот на производот.
Вчера Трамп ги паузираше повеќето од своите глобални царини, воведувајќи стандардна стапка од 10 отсто на увозот од речиси сите земји. Главен исклучок, се разбира, останува Кина, која и возврати на Америка со тарифна противмерка од 84 проценти.