Спорт
Што ќе се случи со Јувентус?
Неизвесна иднина го очекува најтрофејниот италијански клуб, Јувентус.
„Старата дама“ е во најтешката ситуација уште од скандалот „Калчополи“ кога административно клубот беше префрлен во Серија Б.
Славниот италијански клуб минатата есен беше елиминиран од Лигата на шампионите, а минатата недела одигра 1:1 против Нант во првиот натпревар од плејофот на Лига Европа.
Јувентус низ првенството се прости од местото што го води во ЛШ, бидејќи поради финансиска измама му беа одземени 15 бода, па се наоѓа на средината на табелата.
Нема да испаднат од лигата, можат да се квалификуваат за Европа со освојување на Купот (полуфинален натпревар против Интер), а единствен начин да се играат во Лигата на шампионите е освојување на ЛЕ, што ќе биде многу тешко за тимот на Масимилијано Алегри со оглед на моменталната ситуација и форма.
„Сезоната е речиси изгубена, но поголем проблем е каква е иднината на Јувентус“, пишува Индекс.
Главното прашање е кој ќе го води тимот следната сезона и кој воопшто ќе игра во него.
Алегри беше доведен како човек кој го познава Јувентус и може да го врати на победнички патеки, но тоа се покажа како погрешна одлука.
Алегри не успеа да состави победнички тим, често е критикуван, а огромен проблем е неговиот договор од дури 13 милиони евра по сезона до летото 2025 година.
Тоа значи дека секое предвремено раскинување би значело огромна исплата, а Јувентус мора да заштеди пари.
Минатата есен кога се подготвуваше отказ за тренерот, во клубот пресметаа дека таа операција ќе ги чини повеќе од 35 милиони евра.
Во еден момент, Алегри тргна во низа победи и дури изгледаше дека Јувентус може да биде во игра за титулата, но потоа дојде казна и се се распадна.
Главен кандидат за наследник на Алегри е уште еден поранешен тренер на Јувентус, Антонио Конте, кој се раздели со клубот во 2014 година.
Тогаш Конте замина поради лошито однос со Андреа Ањели, но тој повеќе не е во клубот, што наводно му се допаѓа на Конте.
Тој нема да остане во Тотенхем по оваа сезона и враќањето во Јувентус е многу примамливо за него.
Доколку Конте седне на клупата, ќе наиде на многу теша ситуација во соблекувалната. Некои играчи се на излезна врата, некои бараат превисоки договори, но еден дел од ѕвездите ќе остане.
Сепак, главниот проблем е што на Јувентус ќе му биде тешко да привлече некое големо име, бидејќи речиси сигурно ќе остане без ЛШ.
На Хуан Квадрадо и Алекс Сандро нема да им бидат понудени нови договори и тие ќе заминат без оштета. Истото ќе се случи и со Адриен Рабио. За да остане тој бара годишна плата од 10 милиони евра. На продажба ќе биде и дефанзивецот Даниеле Ругани.
Ќе си замине и Леандро Паредес кој е позајмен од ПСЖ. Јувентус имаше обврска да го откупи неговиот договор доколку одигра одреден број натпревари и доколку Јувентус се пласира во нокаут фазата од Лигата на шампионите.
Ниту едното не се случи и Паредес ќе се врати во Париз.
Анхел ди Марија, кој исто така од летото е слободен играч и веќе има 35 години, најверојатно ќе си замине.
Јувентус најверојатно ќе го откупи напаѓачот Аркадиуш Милик од Олимпик Марсеј, Данило ќе го продолжи договорот, а голем проблем за Јувентус е Мојсе Кен кој мора да биде откупен од Евертон за 25 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
ФИФА му прогледа „низ прсти“ на Роналдо – Суспензија од еден натпревар
Кристијано Роналдо ќе биде достапен на португалскиот селектор, Роберто Мартинез за првиот натпревар на Светското првенство следното лето, и покрај тоа што доби црвен картон во квалификацискиот натпревар против Република Ирска.
Роналдо (40), беше исклучен откако го удри со лакт, противничкиот играч Дара О’Шеа, за време на поразот на Португалија од 2:0.
Иако насилното однесување обично се казнува со суспензија од три натпревари, ФИФА одлучи дека вториот и третиот натпревар ќе бидат условни на една година.
Како што дознава Би-би-си Спорт, земено е предвид дека ова за Роналдо е првиот црвен картон во 226 настапи за португалската репрезентација.
Роналдо веќе ја отслужи суспензијата со тоа што не играше против Ерменија на 16 ноември, па затоа нема да пропушти ниту еден натпревар од Светското првенство во САД.
Роналдо постигна пет гола во квалификациите, а со освојувањето на првото место во Групата Ф, Португалија се пласира на своето седмо последователно учество на Светското првенство.
Ждрепката за Светското првенство ќе се одржи во петок на 5 декември.
Спорт
Кејн нема намера да го напушти Минхен
Хари Кејн без „влакна“ на јазикот проговори за својата иднина. Многу се шпекулира околу неговата иднина, откако медиумите објавија дека во неговиот договор постои клаузула, кој му овозможува по завршувањето на оваа сезона да го напушти Баерн за 65 милиони евра.
Хари Кејн, легенда на Тотенхем, повторно е во Лондон, утре во дресот на Баерн ќе игра против Арсенал.
Напаѓачот, во пресрет на дербито, ги негираше шпекулациите дека тој ќе се пресели во Барселона, по завршувањето на сезоната.
„Не сум бил во контакт со никого, не сум добил никаков повик. Се чувствувам многу задоволен таму каде што сум, иако се уште не сум преговарал со Баерн. Не брзам, бидејќи знам дека сум среќен во Минхен. Тоа можете да го видите во начинот на кој играм. Воопшто не размислувам за понуди пред следната сезона. Светското првенство е на прво место и речиси сигурно ништо нема да се промени дури ни по Светското првенство“, рече Кејн.
Потоа следеше прашање од печатот за тоа дали навивачите на Баерн треба да се грижат, на што Кејн категорично одговори:
„Не, не мислам дека има причина за тоа“, заклучи Кејн.
Англичанецот влегува во последната година од договорот на лето и сосема е јасно дека очекува понуда за продолжување на соработката.
Спорт
Англиските навивачи побараа замрзнување на цените на билетите до 2028 година
Здружението на фудбалските навивачи на Англија ги повика клубовите од Премиер лигата да ги замрзнат цените на билетите за следните две сезони.
Деветнаесет од 20-те клуба од Премиер лигата ги зголемија цените на билетите за сезоната 2024/25, а 13 од нив го сторија тоа пред почетокот на оваа сезона.
Затоа 116 навивачки здруженија, собрани во официјалното Здружение на фудбалски навивачи (FSA), потпишаа заедничко писмо со кое ги повикуваат клубовите да ги замрзнат цените на билетите за сезоните 2026/27 и 2027/28. Исто така, тие бараат од клубовите да објавуваат податоци за цените и да организираат дискусии со претставници на навивачите за идното планирање на цените.
Навивачите ги повикуваат клубовите да не бидат дел од група која практично ги ограбува навивачите и објаснуваат дека поради промените во системот за емитување, што доведува до промени во датумите на натпреварите, организирањето патување за натпреварот никогаш не било попредизвикувачко или поскапо.
„Нема да исплатите три милијарди колку што вложивте во траснфери во преодниот рок, високи провизии за менаџери и рекордно високи плати со зголемување на цените на билетите“, се вели во писмото.
„Но, зголемувањето на цените на билетите во многу аспекти ги депресира обичните навивачи кои секако се соочуваат со секојдневно зголемување на трошоците за живот. Ги разбираме комерцијалните односи, но затоа мора да ја подобриме нашата соработка и да најдеме поизбалансиран начин на соработка“, се додава во писмото.
Додадено е дека ограничувањето на цената на билетите за гостинските натпревари на 30 фунти е всушност историски договор што докажува дека клубовите и навивачите можат да работат заедно и да направат позитивни промени.
Здруженијата на навивачи се исклучително загрижени за трендот на зголемување на цените. Тоа е проблем што клубовите треба да го сфатат сериозно, да нè слушаат и да работат со нас за да најдат решение за да се осигурат дека навивачите можат да си дозволат да гледаат фудбал и да ги поддржуваат своите клубови“, се заклучува во писмото на навивачите.

