Свет
Аналитичар за Бајден во Киев: Ова е порака до Путин
Експерт за одбрана и безбедност на британскиот универзитет „Бат“ и поранешен аналитичар на НАТО, д-р Патрик Бури, во интервју за Би-би-си ја анализира денешната ненадејна посета на американскиот претседател Џо Бајден на Киев.
Тој наведува дека главната порака од посетата на Бајден на Киев е посветеноста на членките на НАТО да ѝ помогнат на Украина.
„Ова е порака до Владимир Путин, која накусо гласи: Ние сме тука и нема да отстапиме. Затоа треба да ги преиспита своите првични претпоставки дека тие ќе издржат подолго од нас во оваа војна“, рече Бури, а исто така коментира фактот дека Бајден пристигна во Киев денеска, не на самата годишнина од почетокот на војната – 24 февруари.
„Во однос на времето, тие веројатно не сакаа да го испратат претседателот само на годишнината поради зголемениот ризик од руско бомбардирање на тој ден“, тврди аналитичарот додавајќи дека посетата на Бајден секако е планирана долго време.
„Организацијата на такви посети бара многу безбедносно планирање. За оваа посета, секако се разговараше уште пред Зеленски да ги посети САД минатиот декември“, рече тој, пренесе „Индекс.хр“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Песков за идејата за испраќање на европска војска во Украина: „Се појавуваат некои вжештени глави“
Европските елити не се обединети во идејата да испратат војници или барем приватни платеници да го поддржат Киев, но некои „жешки глави“ размислуваат за тоа. Вака Дмитриј Песков, прес-секретар на претседателот на Руската Федерација, го коментираше пишувањето на „Ле Монд“ на брифингот со новинарите.
Францускиот весник објави, посочува ТАСС, за враќањето на европските елити на разговорите за можното испраќање војници во Украина во светло на наводното одбивање на идната американска администрација на чело со Доналд Трамп да се откаже од постоечката поддршка за Киев.
„Јас и вие не знаеме колку се вистинити овие извештаи“, рече портпаролот на Кремљ.
„Претходно, се разбира, такви идеи беа искажувани од различни европски метрополи, но беа искажани и разни контрааргументи кои не беа во прилог на оваа идеја. Нема единство на мислењето меѓу Европејците по ова прашање, но, се разбира, се појавуваат некои „жешки глави““, додаде прес-секретарот на рускиот лидер.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека на состанокот во Париз на кој учествуваат претставници на околу 20 западни земји била отворена темата за можното испраќање копнени сили на западните земји во Украина.
Според него, учесниците не постигнале консензус за ова прашање, но ваквото сценарио не може да се исклучи во иднина.
Песков тогаш изјави дека појавата на странски воени контингенти во Украина ќе биде со крајно негативни последици, дури и непоправливи.
Свет
Затворена метро-станицата во Киев, пронајден сомнителен пакет
Метро-станицата „Вокзална“ е затворена за влез и излез поради откривање сомнителен пакет, објави градската управа на Киев на „Телеграм“.
Како што јави „Укринформ“, од безбедносни причини станицата е привремено затворена за влез и излез на патници.
Возовите сообраќаат без престан покрај станицата.
На самото место била распоредена специјална контрадиверзантска единица.
Свет
ОН: На секои 10 минути по една жена умира од рацете на блиска личност
Најмалку 85.000 жени и девојки биле убиени во светот во 2023 година, од кои повеќето биле убиени од најблиските – роднини или партнери, според бројките објавени од ОН денеска, нарекувајќи го алармантно ниво на фемицид.
„Домот останува најопасното место за жените бидејќи 60 отсто од нив биле жртви на сопружници или други членови на семејството“, се вели во извештајот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) со седиште во Виена и телото на ОН за родова еднаквост.
Тоа значи дека секој ден се убиваат 140 жени или по една на секои 10 минути.
Феноменот ги преминува границите зафаќајќи ги сите социјални категории и возрасни групи, а најпогодените региони се Карибите, Централна Америка и Африка.
На американскиот континент и во Европа фемицидот најчесто го врши партнерот, а во остатокот од светот најчесто членови на семејството.
Многу жртви пријавиле физичко, сексуално или психичко насилство пред смртта, според податоците достапни во одредени земји.
Ова сугерира дека многу убиства можеле да се избегнат, се нагласува во извештајот алудирајќи на судските мерки за забрани и заострувањето на законите.