Македонија
Тренчевска: Социјална правда имаме кога се отстранети бариерите врз основа на пол, возраст, етничка припадност и попреченост
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, по повод Меѓународниот ден на социјалната правда, имаше отворен ден за посета на граѓани од ранливи категории.
По тој повод, таа истакна дека социјална правда имаме кога се отстранети бариерите со кои се соочуваме врз основа на пол, возраст, етничка припадност и попреченост.
„Кога зборуваме за социјална правда, зборуваме за сите политики и мерки, кои значат вработување, искоренување на сиромаштијата, социјална вклученост, градење поправедно и вистински хумано општество за сите наши граѓани“, порача Тренчевска.
На средбата со Анабела и Горде, кои живеат во станбените единици на НВО „Порака-Волково“, се разговараше за живеењето во заедницата, за нивната ангажираност во продажбата на списанието „Лице в лице“, за секојдневието и дружењето со другите членови од „Порака“, за нивните желби и планови.
Преку процесот на деинституционализација во нашата држава воспоставени се 53 станбени единици за живеење со поддршка за деца и лица со попреченост. Во следниот период планирано е отворање три нови станбени единици во Скопје во рамките на Јавната установа Завод за рехабилитација на деца и млади. Процесот особено се интензивира од воспоставувањето на социјалната реформа.
Тренчевска се сретна со една од жените жртви на семејно насилство, која по претрпеното насилство од својот сопруг била загрижена и заштитена во засолниште. За време на нејзиниот престој во центарот за жртви на семејно насилство, дадена и е психосоцијална поддршка, како и поддршка за зајакнување на нејзините капацитети и за вработување. Денеска таа живее слободно, работи и се грижи за своето дете.
„Родово базираното насилство врз жените и семејното насилство се јавува во сите општества, дури и во најразвиените држави, можеби некаде е повидливо, а некаде затскриено, но тоа постои и затоа пред него не смееме ниту да молчиме ниту да го игнорираме. Напротив, треба да ја подигнуваме свеста за негово препознавање и постапување“, порача Тренчевска.
Целта е специјализираните сервиси да бидат достапни на целата територија на државата. Центри за жртви на семејно насилство и родово базирано насилство (засолниште) под МТСП се 9 и уште 5 од граѓанскиот сектор. Ги покриваат сите 8 плански региони на РСМ.
На ниво на држава имаме воспоставено и 10 советувалишта за жртви на семејно насилство, кои опфаќаат 7 плански региони. Истовремено, се работи и со сторителите на насилство и за таа цел имаме воспоставено 8 советувалишта. Преку овој сервис директно влијаеме на спречување на секундарната виктимизација на жртвите на насилство.
Во посета на кабинетот беше и жена – без сопствен дом, која веќе неколку години е сместена во Центарот за сместување бездомни лица „Чичино Село“ заедно со своите две малолетни деца. Тука тие, покрај покрив над главата, добиваат и три оброци, хигиенски пакети, лекови, училиштен прибор. На двете жени им беше посочено дека може да аплицираат и за социјален стан, што ги обезбедува Владата на Република Северна Македонија за ранливите категории граѓани.
„Владата на Република Северна Македонија посветено работи на политики и мерки што го унапредуваат животот на граѓаните, со акцент на најранливите. За тоа потврдуваат: зголемувањето на минималната плата за два и пол пати, изградба и проширување на 76 градинки во целата држава, првпат во историјата на нашата држава обезбеден е надоместок за мајчинство за жените земјоделки, зголемена гарантираната минимална помош за 300 отсто, воведен е детски и образовен додаток за 70 илјади деца, обезбедена е социјална сигурност за повеќе од 10 илјади стари лица преку социјална пензија, обезбедени се лични и образовни асистенти за над 1000 деца со попреченост, воспоставена е помош и нега во домот за над 700 стари лица во своите домови и зголемена е пензијата за околу 25 % за само една календарска година“, порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

